Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Дали ќе може да ми дадете совет? Ова го забележав кај моето дете, кое има речиси 5,5 години. Како да му помогнам? Имено, не разговара со непознати, а и со познати, особено возрасни. Конкретно, кога е кај баба му и дедо му, ако е сам, не им зборува, вели дека се срамел. Ако е со мене и татко му, зборува само со нас. Исто и со баба му дома не зборува. Или ако дојде некој возрасен дома, само со нас комуницира. Со деца се дружи и си зборува со нив, оди и во градинка.
Кога беше помал не беше таков, ваквото однесување почна околу 4-тата година.

Како да се однесуваме ние, возрасните, во оваа ситуација, дали со тоа што му викаме да зборува или го прашуваме зошто молчи му вршиме притисок и може да создадеме контраефект? Може ли ова да остави последици?

Прашува: Ива

ОДГОВОР: Многу деца, во една или друга фаза од развојот, изразуваат срамежливост, нешто што е природно. Некои деца, пак, се воздржани и им треба повеќе време за да се привикнат на нови ситуации, моменти, луѓе… Кај некои, пак, тоа е дел од карактерот, темпераментот. Пристапот на детето кон нови ситуации и непознати луѓе е важна карактеристика на темпераментот.

Меѓутоа, се случува срамот да биде толку силен, што може да парализира и да ја одзема самодовербата. Во многу случаи причини за срамежливост кај децата можат да бидат слаб емоционален однос на родителот со детето, недоволно владеење на социјалните вештини, тешка и честа критика на детето од страна на постарите лица. Тогаш детето се плаши дека не е доволно добро, се плаши од критики, потсмев, има ниска самодоверба.

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Од она што го имате кажано – вашето дете добро се снаоѓа со децата, оди во градинка и таму претпоставувам зборува со воспитувачките, добро комуницира. Детето зборува и со вас, се чувствува најсигурно кога е со вас и кај баба му и дедо му и кога други возрасни познати и непознати се околу вас. Немате наведено дали детето одговара на прашања кога му поставуваат баба му и дедо му и другите познати кога доаѓаат или, пак, тотално ги игнорира и се повлекува во себе. И дали, и кога е со вас, а го прашуваат нешто, не одговара, па вие за да ја олесните ситуацијата одговарате за него, или пак можеби (ова е претпоставка) велите: „Тој се срами!“ На тој начин како да му се припишува особина со која тој уште повеќе чувствува несигурност за да може да зборува.

Не барајте вашето дете брзо да реагира, вреди да се охрабри да се поздрави, а и во одредени моменти да кажете како и вие понекогаш се справувате со слични ситуации или кога сте биле мали.

Понекогаш кажете нешто за други деца кои се храбри, на пример: „Ова момче е супер затоа што ни рече добро утро“.

Изгледа дека вашето дете ја има изгубено довербата кон возрасните и тоа во вашиот близок круг. Сетете се дали некогаш сте му праќале некои пораки за возрасните во кои сте ги окарактеризирале, па сега се срами што било да каже пред нив. Пробајте да разговарате ненаметливо со детето, да го продлабочите разговорот и дојдете до тоа од што се срами.

Кога имаме доверба во нашите најблиски и комуницираме со нив, тогаш комуникацијата и со другите, роднините, комшиите и други возрасни ќе биде полесна.

Сигурно дека му е непријатно и чувствува притисок ако отсечно прашувате или сосила го терате да зборува. И вам некој да ви го прави тоа, веројатно нема да се чувствувате пријатно.

Ироничните забелешки на бабите и дедовците и родителите во врска со тешкотиите со кои се соочува детето се сериозни за него. Срамот е исто така реакција на казна во присуство на други.

Срамежливоста не е страшна. Може да се справите со неа работејќи со вашето дете систематски. Сепак, ви треба време, трпение и упорност.
Доколку овој начин на однесување продолжи подолго време, ако детето воопшто не комуницира ни со баба му и дедо му, во тој случај можете заедно со вашето дете да појдете и лично да поразговарате со психолог.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X