Ако применувате физичка казна за да му „објасните“ на детето што очекувате од него во врска со лутината, тогаш мора да знаете дека користите воспитен метод кој има краткотрајни, но и негативни последици. Удирањето на вашето дете е удирање по неговото ментално здравје и менталната стабилност

Гневот и лутината кај децата се емоции што треба да ги пренасочите во корисни ситуациони мотиватори од кои децата ќе научат што е неправилно, а што е правилно во нивниот начин на однесување. Не плашете се да ги откриете причините за појавата на овие емоции кај вашето дете.

Детето реагира луто доколку се почувствува понижено, повредено, осамено, изолирано или кога чувствува страв или, пак, кога се обидува со лутината да ви укаже дека нешто не е во ред. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае, не знае како да се справи со нив и сето тоа прави да се чувствува беспомошно. Се чувствува фрустрирано, а на фрустрацијата реагира со лутина.

Христина Стефановска, психолог

Ако вашето дете е нагласено инаетливо, може да реагира луто за да го контролира чувството на зависност и стравот од губиток. Реагирањето со лутина во случај кога детето е повредено со некаков губиток е начин со кој се „умртвува“ чувството на тага и беспомошност.

Лутината не е исто што и агресијата. Лутината е чувство, а агресијата е начин на однесување. Лутината е прифатлива, но не и агресијата. За успешно да се справите со лутината на вашето дете, прво мора да откриете што точно тоа чувствува. Прашајте го што се случило или зошто се чувствува така како што се чувствува. Понекогаш ќе треба да му помогнете за да го опише чувството. Немојте само да му кажете што не смее да прави. Кажете му и што е добро да направи во одредена ситуација.

Ако применувате физичка казна за да му „објасните“ на детето што очекувате од него во врска со лутината, тогаш мора да знаете дека користите воспитен метод кој има краткотрајни, но и негативни последици. Удирањето на вашето дете е удирање по неговото ментално здравје и менталната стабилност. Од казната не очекувајте позитивен ефект. Наместо тоа, треба да му објаснувате, да го насочете неговото однесување и да поставите правила. Очекувајте детето неколку пати да ги прекрши. Така тоа учи кои правила се важни и сериозни, на кои ќе инсистирате, а кои смеат да бидат прекршени под одредени околности.
Кршењето на правилата најчесто не е израз на лутина, туку начин на кој детето учи.

Помогнете му на вашето дете да се справи со лутината така што првин ќе ја прифати како дел од себе, а потоа ќе ја пренасочи и канализира нејзината енергија во корисни и продуктивни активности од кои ќе добива позитивна себепотврда. Иако лутината е непријатно и експлозивно чувство, мора да знаете дека е природна и пожелна бидејќи му помага на детето да се заштити и одбрани од непријатни ситуации што му ги создава околината, па како таква треба да биде воспитана и социјализирана како и секоја друга емоција.

Нашата клучна задача е да ги научиме децата како да се справат со притисокот од непријатните емоции, да се смират и да го искористат нивниот асертивен глас, при што ќе научат да го скратат и контролираат времетраењето и начинот на испадот на лутината.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог во Здружението „Хармоничен свет“



912

X