Додека мојата сопруга, моите ќерки и јас шетавме низ шумата во еден од многуте паркови во близина на нашиот дом, им објаснував дека правиме три работи што истовремено ја зголемуваат нашата среќа во тој момент.
Прво, вежбавме, што е докажан засилувач на расположението. Второ, поминувавме квалитетно време со најблиските, што е поврзано со животната среќа и трето, бевме во природа. Пешачење низ шумата е нешто што на човек му носи радост, а сè што беше потребно за да се направи оваа активност беше скромен напор.
Нашите неделни пешачења секогаш ни го разбиструваат умот, дури и кога времето е врнежливо, дури и кога има кал, дури и кога децата се жалат пред да тргнеме. Откако ќе почнеме да пешачиме, нешто се менува. Се раѓа нефилтрирана авантура, откритие, поврзување и убавина. Ние демонстративно сме посреќни.
Научните истражувања го поткрепуваат овој факт. Мојата колешка Кристен Роџерс направи самостојно истражување и откри за тоа каде се среќаваат патеките на среќата и природата.
Голем дел од истражувањето за тоа како вклученоста во природата влијае врз еколошкото однесување и среќата е насочена кон возрасните. Но, во истражување објавено во списанието „Фронтиерс ин псајхолоџи“ го испитувале влијанието на „поврзувањето со природата“ врз група деца и нивното однесување кога станува збор за одржливоста и среќата.
Оваа сродност со природата истражувачите ја дефинираа како карактеристика на човечките суштества што се однесува на размислувањето и чувството на емотивна поврзаност на сите елементи на природното опкружување, со чувството на поголема среќа како последица.
Во училница во мексикански град речиси 300 деца на возраст меѓу 9 и 12 години одговарале на прашалник со кој се мерела нивната поврзаност со природата, еколошкото однесување и среќата.
Истражувачите откриле дека децата што се чувствуваат поврзани со природата – чувството на задоволство кога гледаат цвеќиња и животни, слушаат звуци на природата – биле алтруисти и им помагале на другите луѓе. Овие деца активно се грижеле за природната средина преку рециклирање, повторно употребувајќи предмети и штедејќи вода. Тие имале најголема веројатност да речат дека веруваат во еднаквост меѓу половите, расите и социо-економските услови. Исто така, овие деца имале високи нивоа на скалата на среќа.
Досегашните истражувања открија дека ваквите однесувања се поврзани со грижа за планетата за време на еколошка криза, што ги прави децата чувари на природата.
Најдобрите игри што можете да ги играте со вашите едногодишни деца
– Тие се идни потрошувачи на производи, претприемачи, донесувачи на одлуки, работници и во зависност од образованието што го имаат за природната средина, нивната поврзаност со природата, свеста за животната средина и вредностите се иднина на самата животна средина – вели д-р Лора Барера-Хернандез, авторка на истражувањето и професорка на Технолошкиот институт „Де Сонора“ во Мексико.
– На децата им е потребен некој што ќе им служи како пример, кој нежно ќе може да ги води во природата со возбуда, оптимизам и став на доживотен ученик – вели Мијуки Марупинг, наставничка по градинарство во училиштето „Валдорф“ во Атланта.
Нејзиниот предмет ги потенцира уметноста, имагинацијата, движењето и природата. „Шумски претшколци“ нуди неколку локации низ целата земја, обезбедува градинарство, природни прошетки и планинарење и други прошетки три часа на ден, без оглед дали е врнежливо или е сончево.
– Не мора да бидеме експерти во областа на животната средина или науката за природата. Уште поважно е да поминеме време заедно со децата, истражувајќи ја љубопитноста во забавно и безбедно опкружување – вели Марупинг.
И не се само децата. Истражување од 2015 година покажува дека луѓето што шетаат во природа имаат помалку повторливи негативни мисли. А владата во Шкотска е толку убедена во менталните и физичките здравствени придобивки од природата, што ги охрабри лекарите да даваат „рецепти за престој во природа“ за да помогнат во лекување на висок крвен притисок, вознемиреност и депресија.
912