Кога еднаш ќе го идентификуваат ученикот кој постигнува полоши резултати, наставниците многу често очекуваат таквите резултати да продолжат да се нижат и тие очекувања да се пренесат на различни ситуации. Особено е раширена практиката ако неуспехот навистина се повтори неколку пати, многу наставници да престанат да му даваат шанса на ученикот за тој да го поправи впечатокот, притоа не навлегувајќи во причините што довеле до тој проблем.
Најчести пропусти на наставникот:
– при испитување и оценување
Пократко го чекаат одговорот на „лошиот“ ученик на поставеното прашање, а кога некое време тој ученик молчи, ќе го повикаат ученикот што го знае одговорот (наместо да поттикнат и да го охрабрат на одговор првиот ученик, да постават помошно потпрашање или да го преформулираат првото прашање). Исто така, поретко ги повикуваат учениците што ги сметаат за неуспешни, им даваат помалку можности за јавно одговарање отколку што тоа го прават со „подобрите“ ученици (оваа практика е повеќе застапена во средните училишта) и од нив бараат помалку. Тоа учениците многу добро го знаат, па често ги демотивира бидејќи на тој начин им се порачува дека од нив ништо не се очекува.
– при давањето повратни информации
Некои наставници, поради недостиг на подобар начин да се носат со неуспесите на учениците, ги пофалуваат делумно точните, па дури и неточните одговори, со што им испраќаат погрешна порака на другите деца во одделението. Кај послабите ученици, склони се на тоа недоволно да упатуваат пофалби на добрите или креативните одговори, како што тоа го прават со учениците од кои таквите одговори се очекувани.
– кога комуницираат со одделението/ученикот
Некогаш тоа се сосема банални пропусти за кои наставниците не се ниту свесни: помалку внимание им посветуваат на „неуспешните“ ученици, поретко разговараат со нив, ги седнуваат подалеку од катедрата… Со учениците што ги процениле како „слаби“ почесто комуницираат во четири очи и повеќе приватно отколку јавно, занемарувајќи го фактот дека така му испраќаат порака на ученикот дека е несоодветен. Со нив, исто така, помалку зборуваат пријателски: помалку им се смеат, кратко одговараат на нивните прашања и ретко воспоставуваат контакт со очи со нив.
Што може да направи секој наставник?
– Да развива вештини преку смислени и сеопфатни задачи: ако на ученикот постојано му се насочува вниманието на она што не го знае или не умее да го направи доволно успешно, нема да биде мотивиран да се занимава со другите аспекти од задачата.
– Да гледа на секој ученик како индивидуа сама за себе: можеби некои лоши ученици на сличен начин се неуспешни, но сепак се различни лица. Некои од нив се срамежливи и повлечени поради тоа, некои се сосема пасивни бидејќи сакаат да избегнат дополнителни критики, додека некои од нив изразуваат лутина и непријателско расположение. Секој од нив има свој начин на соочување со неуспехот, различна семејна ситуација и статус во врсничката група.
– Да го поврзе успехот со вложувањето труд: ова е многу важно. Колку и да се разочарани со неработењето или однесувањето на некои ученици, наставниците се во позиција да им помогнат на децата да ја сфатат врската помеѓу вложувањето труд и постигнувањата. Тоа можат да го направат така што ќе бараат од тие ученици да проценат колку време им е потребно за завршување на некоја задала, така што ќе ги прашаат самите да го проценат резултатот пред да ги видат резултатите од тестот или така што повремено ќе им задаваат задачи кои го мерат вложувањето на напорот, а не само способностите.
– Да се насочат кон давање помош, а не сожалување: ако наставникот нема очекувања од послабите ученици, не им помага со тоа. На секое дете треба да му се поставуваат онолку тешки задачи колку што реално тоа може да ги изврши ако вложи труд. Некогаш е доволно да се прашаат учениците каква помош им е потребна за да вложат повеќе труд од порано.
– Да му дадат можност на тој ученик јавно да го покаже својот успех: ако му се даде шанса на секој ученик да постигне успех пред одделението, многу е поверојатно дека јавната пофалба ќе ја зголеми мотивацијата. Од друга страна, јавниот неуспех води кон дополнителен срам и чувство на беспомошност, што може да го зголеми проблемот на ученикот.
Секој наставник може да примени барем две од овие мерки и најчесто тоа е доволно. Најважно е да престане да пренесува негативни очекувања во сите идни ситуации, и од овие ученици, за промена, да се обиде да очекува успех и со тоа да ги поттикне да се трудат и да веруваат барем малку повеќе во себе.
Автор: Тамара Костиќ, психолог по образование
912