Образовните и личните асистенти ги демотивира нискиот хонорар кој, како што велат, дури и доцни

Личните асистенти на дечињата со попреченост кои се дел од основното образование мора да се пријават во Агенцијата за вработување како невработени лица за да можат да работат во јавните училишта. Тие се ангажирани преку проект на УНДП, поддржан од Министерството за образование и наука (МОН), не се редовно вработени, а со тоа ниту им тече стаж ниту имаат здравствено осигурување.
Во редакцијата на Деца.мк се јавија група асистенти на деца со попреченост. Велат дека во тие 7.400 денари што ги добиваат секој месец како надомест за ангажманот се вклучени и трошоците што ги имаат за храна и за превоз, па најчесто се принудени да работат и дополнителна работа за да можат да опстанат. Се жалат дека и исплатата на хонорарот им доцни.

– Работата со овие дечиња е тешка, но убава за тие што ја сакаат. Децата се искрени и даваат многу љубов, а колку вложуваме во нив, тие мултиплицирано ни даваат за возврат и напредуваат уште повеќе. Јас сум образовен асистент. Девојчето со кое работам е трето одделение и има проблем со слухот од раѓање. Работиме според индивидуална образовна програма. Кај детето има напредок во однос на усвојувањето знаења, а тоа значи дека ние, асистентите, им сме навистина потребни на овие дечиња на часовите. Учиме нови зборчиња, учиме да комуницираме, иако детето има нејасен говор. Работата не е лесна, но имаме проблеми со кои се соочуваме – вели асистентка во основно училиште во Карпош, која е психолог.

Таа и триесетина други асистенти од оваа општина секоја година потпишуваат договор за работа кој трае од септември до јуни. Вели дека поради нерешениот статус и ниските примања, многумина од асистентите се откажуваат и си заминуваат од училиштата.

– Понекогаш има потреба да останеме подолго од предвиденото работно време. Совеста не ми дава да го оставам девојчето, а јас да си заминам. Ние сме луѓе со душа широка и овде сме затоа што сакаме да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош, но условите за работа нè разочаруваат – додава асистентката.
Друг проблем е што и образовните и личните асистенти се исто платени, иако едните се со завршено високо образование, а личните асистенти може и да се со завршено средно образование.

Од Министерството за образование и наука за „Деца.мк“ минатата недела информираа дека има стручно тело кое издава процена по МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, инвалидност и здравје).

– Извршената процена не значи дека родителот ќе се одлучи да бара образовен асистент, исто така, не значи дека асистентот се добива по автоматизам по извршената процена. Ако родителите одлучат да побараат асистент согласно препораката на стручното тело, тоа го прават согласно Законот за основното образование и го доставуваат барањето до училиштето во кое ученикот е запишан. Инаку, од почетокот на учебната 2019/2020 година, во соработка со УНДП, на ниво на држава се обезбедени околу 280 асистенти за ученици со попреченост – информираа од МОН.
Засега не можело да се направи реална процена на потребите за ангажирање образовни асистенти бидејќи е кус периодот од донесувањето на новиот Закон за основно образование.

– Поминаа само четири месеци од новиот закон, како и од правењето функционална процена по МКФ од страна на стручното тело. Министерството има планирано финансиски средства во Буџетот на МОН за 2020 година и останува на заложбите да се обезбеди асистент за секој ученик на кој му е утврдена потреба – додаваат оттаму.



912

X