Децата што со својата сопруга Олга Галбова долго време ги чекале се извор на анегдоти и инспирација која професорот ја преточува во литература
ЗОШТО ВЕЛИШ „ТОГАШ“?
Откако се разболи и оздраве Матеа, дојде редот на Михаела. Ноќеска качи многу висока температура и сабајле дискутираме за тоа. Матеа (која САКА да биде болна) целата позелене кога разбра дека Михаела е болна:
– Мене Матеа ме разболи! – со плачен глас вели Второизвадената.
– А мене Михаела ме разболи! – не останува покуса Првата.
– Нееееее! Ти ме разболи. Ти прва се разболи… Зошто ме разболи? Јас не сакам да бидам болна!
– Не сакаш? – со чудење возвраќа Principessa Prima. – А тогаш зошто доаѓаше кај мене да гледаме филмови на телефонот кога бев болна?
– А ти зошто велиш „тогаш“?
На ова Матејче остана без одговор, а богами и ние!
Ова е кус расказ на универзитетскиот професор Владимир Петрушевски, кој речиси секојдневно на својот фејсбук-профил ги расположува своите пријатели/читатели со интересни досетливи случки од секојдневието со своите две ќерки. Матеа и Михаела имаат шест години и се голема инспирација за професорот на Институтот за хемија и проректор за наука при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Децата што со својата сопруга Олга Галбова долго време ги чекале се извор на анегдоти и инспирација која професорот ја преточува во литература.
Тој е автор на стручни книги наменети за студенти, но и на книги со многу хумор („Викенд во Охрид“ 2005; „Суштества“, 2007; „ЈНА*JNA“, 2008; „Колумнистот“, 2011).
Повеќе свои авторски бисери Петрушевски смести во книгата „Како ги дресираме мама и тато“, која лани ја објави „Магор“. Во неа Петрушевски е инспириран од периодот на градинката, а веќе подготвува и, како што вели, некакво продолжение на „дресирањето“ – едно или повеќе…
– Тоа е мојата прва книга во која главни личности се деца, иако не им е наменета првенствено ним. Обично велам дека е тоа книга за возрасни што имаат деца. Втората книга ќе се однесува на моите првачиња! Ако „дајт Госпо“, таа би можела да излезе во текот на годинава, ама јас не брзам никаде. Мислам дека и малите принцези не брзаат, сè уште не знаат дека ќе има продолжение – се шегува професорот.
Матеа и Михаела се секојдневна инспирација за професорот
Со своите пријатели на „Фејсбук“ споделува интересни случки од своите деца веќе четири години. Вели дека децата на 2 години не зборувале и имало малку „настани што заслужувале внимание“.
На „Фејсбук“ ги проверувам реакциите на пријателите
Но, како што растеле ќерките, животот му станувал сè поубав и поинтересен, а настаните почнувале да се „трупаат“.
– Зошто почнав вака? Мислам дека за ова е виновна мојата прагматична природа. Полесно ми е вака, првин да им се обратам на пријателите, зашто и нивните реакции ми помагаат – дали нешто да вклучам или да го исклучам од книгата. На крајот, сè што мислам дека заслужува да се отпечати е ставено во ракописот, па оди кај издавачот, оттаму на рецензија и така по ред – вели авторот.
Првоизвадената, второизвадената, мамичка… ова се дел од интересните термини што ги користи за своите деца и за сопругата.
Како реагираат девојчињата на фактот дека тато пишува книги инспириран од нив? Петрушевски вели дека сѐ уште не умеат да читаат, но дека сакаат да ги гледаат илустрациите на книгата што ги создала Наташа Костовска, се смеат кога ќе се препознаат себеси, прашуваат за што станува збор, па тато накратко им раскажува.
– Беа многу горди што „тато напишал книга за нив“. Штом излезе книгата, на училиште се пофалија со тоа, ме натераа да однесам книга кај една од нивните наставнички, па во одделението говореле за „книгата за близначките“, а тие беа саде ќефои! – се смее Петрушевски.
Анегдотите не стивнуваат
Со оглед на тоа дека децата им дојдоа на свет во поодминати години, анегдотите се нормална секојдневна појава. Петрушевски вели дека дури и се труди тие анегдоти и ситуации да не стивнат.
Петрушевски на шеговит начин ни ја опиша долгогодишната борба за потомство:
– Сите мои блиски пријатели ја знаат прикаската што ја кажувам шест години наназад, како одговор на прашањето: како тоа толку доцна добивме деца. Прикаската се кажува на долго и на широко, ама тука ќе бидам максимално концизен: значи, со години се трудевме без резултат. Се покажа дека на жена ми ѝ пречи славината што постојано капе, па не може да се опушти во клучните моменти. На крајот (бидејќи поправка на славини е машка работа) отидов до комшијата да го замолам да ни помогне околу славината. Влезе човекот кај нас (30-ина годишен двометраш ем атлетски тип) и се вкочани кога ја здогледа жена ми (таа беше и сè уште е, многу убава жена):
– Ќе има тука многу работа – промрмори соседот. – Ќе има многу чукање, стругање, полирање… Кога може да дојдам за да не ви пречам во работата, професоре?
– Јас излегувам секое сабајле околу 8, а се враќам по 14 часот – прецизно го информирав љубезниот сосед.
– Оооо, тоа е подолго отколку што ќе ми треба. Јас би доаѓал околу 9, а би си одел накај 13.
И така комшијата доаѓаше секое сабајле околу 9, си одеше накај 13 часот… Едно три месеци. Рака на срце, славината не ја поправи (ене ја, сè уште капе), ама жена ми психички се смири и… добивме близначки!
Ќеркичките ја истиснаа жена ми на второ место
Вели дека целосно му се сменил животот откако се родиле децата.
– Се измени редоследот на приоритетите (а ми беа приоритети со децении). Бидејќи жена ми ќе го чита ова, ќе ви одговорам вака: во последните десетина години најважна ми беше таа, па работата. Поредокот е сè уште таков, ама ќеркичките ја истиснаа жена ми на второ место!
Неговата сопруга е еден од споредните ликови во приказните. Авторот вели дека е присутна и споменувана, повремено, по добро или по лошо.
– Ако нешто не ѝ се допаѓа, таа реагира (со право зашто јас љубам да ги карикирам и работите и ликовите). Сепак, морам да признам дека храбро се носи со улогата што ѝ ја доделувам во доживувањата. Еве, сè уште не ми ставила арсен во јадењето… барем не до овој момент. Друг критичар е мојата Сестра бр.2 (Калиопа Петрушевска). Таа како да не сака да прифати дека сме различни и дека пишувам многу различно од неа; би сакала, ми се чини, да не биде така… Би било добро, ако навистина така смета, да напише и објави нешто и самата. Да ни покаже на сите како се прави добар хумор! Зашто таа е филолог, па би се рекло дека е „од струката“.
Признава дека најтешко е да се одговори на прашањето што е потешко – да се биде родител или универзитетски професор.
– Општествената одговорност е, секако, поголема кај професорот, ама тоа не значи дека, автоматски, тоа е и потешко, зашто постои незанемарлива лична одговорност кога станува збор за родители. Многу би сакал да одговорам во свој стил: ако студентите се квалитетни, тоа значи дека јас совршено сум одговорил на својата задача. Ако не се, моите колеги асли ги утнале работите. Исто и дома: децата се добри? Добро сум ги воспитал! Не се? Мајка им потфрлила! – се шегува професорот.
Владимир Петрушевски
Природните науки се неговата голема љубов. Вели дека се обидува да им ја пренесе љубовта на девојчињата, но „засега без голем успех“.
– Ама и малечки се. Неколку пати бевме кај мене на факултет, им правев експерименти. Не сум сигурен дали разбираат што е тоа… Летоска бевме во Тушемишта, Албанија – тоа е албанскиот еквивалент на Св. Наум, па Матеа едно време ја снема и кога се врати, ја прашавме кај била. Ни одговори дека била во истражувања, а на прашањето што истражувала, ни се довери дека ги избркала сите патки! За некоја година ќе се види дали ќе пројават некаков интерес за природни науки. Беа и на еден од нашите „хемиски спектакли“ што ги организираме со студентите на Институтот за хемија. Им се допадна, што е малку охрабрувачки, ама, како што реков, ќе треба да се почека – се смее Петрушевски.
Ужива да чита хумор и сатира
Тој се потсетува дека од мал многу сакал да чита, особено стручна литература. Книгата „Педагошка поема“ од советскиот педагог Антон Семјонович Макараенко му го отворила апетитот за слична литература.
– Тоа дојде до израз подоцна кога се „навлеков“ на литература од социјалната психологија („Покорноста кон авторитетот“ од Стенли Милграм и „Експериментот во стенфордскиот затвор“ од Филип Зимбардо). По овие два врвни експерименти се снимени и одлични филмови, достапни се и автентични документарни материјали… Сето тоа помага човек да разбере зошто ни се случуваат некои работи, зошто сме понекогаш слаби, дозволуваме да бидеме заведени од квазиавторитетите и сл. Уживам, инаку, да ги читам делата на светски познатите хумористи и сатиричари. Имам неколкумина омилени: Јарослав Хашек, Ефраим Кишон, Владимир Војнович, Џорџ Мајкс (алиас Ѓерѓ Микеш), Арт Бачволд… – вели професорот.
912