За луѓето што ги надгледуваат националните иницијативи за вакцинација во земјите во развој, следењето кој каква вакцина примил и кога може да биде тешка задача.

Но, истражувачите од МИТ, објавува futurism.com, можеби имаат решение: креирале мастило кое може да биде безбедно вшприцано во кожата, заедно со самата вакцина, а е видливо само преку користење специјална апликација и филтер за камера на паметен телефон. Со други зборови, пронашле начин да го вметнат извештајот за вакцинацијата директно во кожата на пациентот, наместо да го документираат на електронски начин или на хартија. Нивниот систем за следење на вакцинацијата може многу да го поедностави процесот на одржување точни податоци за вакцинацијата, особено кога се работи за голем број луѓе.

– Во предели каде што картоните за вакцинација често се губат или воопшто не постојат, а за електронските датотеки не се ни знае, оваа технологија може да овозможи брза и анонимна детекција на историјата на вакцинација од одреден пациент, за да се осигуриме дека секое дете ќе биде вакцинирано – истакнал истражувачот Кевин Мекхју.

Фондацијата „Бил и Мелиса Гејтс“ го финансира истражувањето на тимот, кое е објавено во списанието „Научна преведувачка медицина“. Проектот произлегува од директното барање на основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, кој лично е вклучен во напорите за искоренување на детската парализа и сипаниците преку вакцинација.

Невидливата „тетоважа“ заедно со вакцината е шема креирана од мали квантни точки – полуспроводливи кристали кои рефлектираат светлина, која се појавува под инфрацрвено светло. Сето ова се вметнува во кожата користејќи разградувачки микроигли, направени од мешавина од полимери и шеќер.

Досега системот е доказ за концепт. Но, истражувачите веќе го испробале на глувци и откриле дека шемите се уочливи и по девет месеци откако е ставена инјекцијата. Во човековите модели на кожа шемите преживеале пет години на симулирана сончева изложеност.

– Возможно е еден ден овој невидлив пристап да создаде нови можности за складирање податоци, апликации на вакцини кои може да ја подобрат медицинската грижа, особено во земјите во развој – истакнал професорот Роберт Лангер.



912

X