Дежурање на учениците на врата и учество во училишните активности, како чистење или помош во кујната и во дворот, не е злоупотреба на децата, туку може да биде корисно за развојот на одговорноста, чувството на вклученост и работни навики, што е и во описот на функциите на училиштето како воспитно-образовна установа, сметаат психолозите. Инспекцијата од министерството за образование во Хрватска на учениците од основното училиште „Неделишче“ во Меѓимурската жупанија им забранило да дежураат на врата и да работат во кујна.

Забраната пристигнала по пријава од анонимен родител кој го обвинил училиштето дека ги користи децата како робови, дека тие се изложени на тешка физичка работа во кујната и дека кога дежураат на врата, се изложени на опасности. Министерството ја образложило одлуката со тоа дека училиштата се должни да се грижат за сигурноста на учениците, како и редовно да посетуваат настава, што не може да се оствари ако работат на врата. На прашањето колку во хрватските училишта се чести ситуациите кои би можеле да ја загрозат безбедноста на децата, министерството идентификувало еден пример во годините по војната.

„Прашањето за применувањето на дежурствата во училиштата е отворено уште во 1999 година, со настан кој се случи во основното училиште „Сесвете“, кога една возрасна личност покрај учениците на врата во училиштето внела огнено оружје и притоа убила друго лице, а тешко повредила уште едно лице. Затоа, безбедноста на учениците мора да биде приоритет“, стоело во одговорот на ресорното министерство.

Тие толкуваат дека со членот 17 став 1 од Правилникот за начинот на постапување на воспитно-образовните работници, пропис е директорот да е задолжен да го одреди дежурството на воспитно-образовните или другите работници, на влезот од установата и во сите внатрешни и надворешни простори на училишната установа.
Истакнуваат дека во согласност со препораките на министерството и правобранителот за деца, учениците не би смееле самостојно да дежураат на влезот од училиштето.

Министерство: Децата не смеат да работат во кујна од хигиенски причини

Министерството објаснило и зошто учениците не смеат да работат во кујна:

„Поради санитарни и здравствени прописи, учениците, како ни другите неовластени лица, не може да влегуваат во училишната кујна, ниту да учествуваат во подготвувањето или распределбата на храната, но учениците треба да учествуваат во чистењето на училницата и трпезаријата по ужината“.

На прашањето кој ќе ги плаќа заштитниците, домарите или помошниот персонал во оние училиште каде што ќе се одлучи да се укине дежурањето на врата и помагањето, одговорот е дека министерството не ангажира, ниту плаќа заштитници во училиштата, но дека од државна сметка се обезбедени плати за сите вработени во училиштата, па и платите на домарите и готвачите кои во повеќето училишта дежураат на влезовите во рамките на своите работни задолженија.

На прашањето дали децата имаат доволно можности за развој на работните навики ако им се укинуваат различните задолжени на училиште, министерството вели дека учениците преку граѓанското воспитување добиваат доволно шанси за поттикнување на различни облици на позитивно однесување, кои се важни од аспект на социјализација и поттикнување на одговорност кај учениците.

Добрата светска практика за подготовка на децата за работа и одговорност

Во медиумите и на социјалните мрежи започната е расправа за тоа дали родителите претеруваат со анонимни пријави бидејќи Хрватска сепак не е САД, каде што вооружените инциденти по училишта се чести, а оружјето е достапно на секој чекор. Ги претвораат ли современите родители децата во неспособни инвалиди во своето настојување да ги заштитат од сè?

Имено, познато е дека во некои развиени западни земји децата од мали се поттикнуваат да го развиваат чувството за одговорност и работни навики, па дури и проектна, работна и финансиска писменост, така што се вклучуваат во работа на различни едукативни и практични проекти, во изработка и продажба на различни украсни предмети, колачи и сокови, како и во работа на различни летни работни места за млади, каде што ќе заработат џепарлак.

На социјалните мрежи многумина се присетиле на своите училишни денови и чувството на важност и вклученост што им го овозможило дежурството.

Претераното поштедување на децата ги прави неспособни

Психологот за деца Маја Боначиќ смета дека денес дефинитивно се претерува со заштитата на децата од сè и сешто. „Кога децата работат на врата, важно е да немаат никакви сериозни реперкусии ако се случи нешто несакано. Тие таму треба да извршуваат одговорност повеќе про форма, за вежба, отколку сериозно. Би била преголема одговорност од нив да се очекува секого да легитимираат, да глумат заштитници и да сносат одговорност. Имено, ученикот никако не може да спречи возрасна личност која не сака да биде спречена“, вели Боначиќ.

Смета дека во воспитувањето деца генерално секогаш се јавуваат прашањата кога, што и зошто треба да учат.

„Општ е впечатокот и искуството дека децата денес, во просек, се помалку способни од порано. Општеството така влијае врз нив. Тоа го гледам и како родител. На пример, моето дете, кое има осум години, само оди на училиште. Но, јас морав да се расправам со одговорните во училиштето да ѝ дозволат на мојата ќерка сама да оди на училиште. Тоа го дозволија дури кога наполни осум години. Во прво одделение, за да се заштитат себеси, не ми дозволија ниту да потпишам дека преземам законска одговорност дека моето дете може само да си дојде дома. Јас разбирам дека тоа е индивидуално, дека зависи од дете до дете, од локацијата на училиштето и слично. Но, ако јас како родител сум проценил дека моето дете со клуч од станот може само да си дојде дома од училиште, тогаш тоа е моја одговорност. Децата се прават уште поголеми деца ако им се создаде чувството дека не можат да направат нешто, што всушност го можат. Мене луѓето чудно ме гледаат кога мојата ќерка сама оди и на часови по англиски јазик“, вели психологот.

На развојот на одговорноста треба да се работи уште од градинка

Истакнува дека приказната за развој на одговорноста и снаоѓањето треба да започне многу рано, многу порано од 13 години, колку што обично имаат децата кога почнуваат на дежураат на врата.

„Зошто ние воопшто разговараме за тоа дали смее дете од 13 години да спречи некоја личност и да ја праша каде оди? Мислам дека децата денес уште од градинка ги прават беспомошни. Тоа е голем проблем. Оваа забрана само е симптом на многу подлабоки проблеми. Се согласувам дека децата не сносат законска одговорност за пропустите во некои свои задолженија. Но, сметам дека е корисно да учествуваат во одговорностите и работите што се вршат во училиштето. Училиштето е воспитно-образовна установа, а не само образовна. Мислам дека децата треба да се вклучат во различни активности во рамките на граѓанското воспитување – од чистење на дворот, собирање на работите зад себе, кревање на чиниите, чистење по оброкот итн. Децата во смени би требало да ја чистат училницата, клупите и слично. Тоа би требало да биде дел од граѓанското воспитување. Тоа не е злоупотреба. Дали е тогаш злоупотреба кога родителите од децата бараат да ја исчистат својата соба? Некои родители сериозно ме прашуваа дали треба да им плаќаат на децата кога чистат по себе. Им реков, се разбира, дека не требаат. Напротив, на децата треба да им се скрати џепарлакот ако не чистат, а не да им се плаќа ако чистат по себе. Родителите не се должни да им бидат слуги на децата во сè. Најлошо е тоа што родителите со својот заштитнички метод постојано им праќаат пораки на децата дека не можат да бидат нешто што реално можат. Децата тогаш ќе прифатат дека не можат сами да одат по улица и всушност ќе бидат во поголема опасност“, порачала Боначиќ.

Училишните активности развиваат чувство на приврзаност кон училиштето

Слично размислува и д-р Нина Павлин-Бернардиќ од Катедрата за училишна психологија, отсек за психологија на Филозофскиот факултет во Загреб.
„Истражувањата покажуваат дека вклученоста во активности поврзани со училиштето има позитивно влијание врз чувствата на учениците за припадноста во училишната заедница, како и во доживувањето на училиштето како социјална институција и како место каде што може лично да се развијат. Така, ваквите активности може да го поттикнат чувството на припаѓање во училиштето, приврзаноста кон училиштето и поврзаноста, како да се поттикне развојот на просоцијално однесување и одговорност кај учениците“, порачува психологот. Таа смета дека родителите денес го доживуваат светот како значително поопасен отколку што бил пред неколку децении, дури и ако не е така.

„Информациите денес се многу брзо достапни, а акцентот е на оние во кои се говори за негативни и опасни ситуации. Тоа на луѓето им остава впечаток дека опасните ситуации се многу чести и дека мора постојано да бидат внимателни“, вели Павлин-Бернардиќ.

Автор: Ненад Јариќ Дауенхауер



912

X