Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 7-годишно детенце. Искрено, не знам како да почнам и затоа ќе почнам од почеток за да го доловам проблемот што го има сега. Детето на една година и неколку месеци ја прими МРП-вакцината. Тој период не бев во тек со шпекулациите околу последиците ги добиле некои деца. По вакцината детето ми се измени. Пред неа почна да зборува, прооде на една година и два месеца, никакви здравствени проблеми немаше. По вакцината престана да зборува и повеќе не се вртеше на име и не реагираше на наредби. Почнавме со третмани и до 3,5 години немаше никаков успех. Само што направи три и пол години почна да се интересира, да кажува неколку зборчиња, а и конечно почна да се врти на името. Неколку пати му имаа згрешено терапија, па морав лично да реагирам. За среќа, пријателка ме упати кај доктор и по негово барање направивме и магнетна резонанција. Резултатите беа одлични, немаше никаква физичка пречка за говорот. Добивме терапија која не може да се најде во Македонија, па некако преку пријатели ја нарачавме. Детето конечно можеше да заспие смирено, а не како пред тоа со часови да се успива (секогаш заспивал дури во 3 часот наутро). Конечно зборовите му се редеа и со помош на логопедот достигнуваме многу. Но сега почнуваат некои проблеми што не би помислила дека тој ќе ги прави.
Тој е многу мило дете, весело, добронамерно, не сака никого да повреди ни со збор ни физички. Имало периоди кога бил нервозен, ама тоа беше кога не можеше да зборува. Тргна во прво одделение оваа година, со задоцнување. Супер си почна, сака да оди и сака да учи. Но проблемот почна кога почна и домашната работа. Кога работиме и пишуваме, и за најмала грешка (јас не ја именувам грешката сам ја познава) тој почнува да фрла сè, па дури и да се удира. Од нервоза вика, па на моменти и се тресе. Не прифаќа никаков начин да го смирам. Вака е веќе две и пол недели, но денеска тоа му се случило и во училиште. Ве молам за помош, како да постапам да го смирам во тие моменти. Сè што знам сум пробала.
Морам да нагласам дека има многу стравови. Има фобија од скали, не може да се качува и симнува сам. А истата нервоза му се појави кога почнуваше да се стемнува, а тој ја немаше завршена домашната задача. Чувствата му се многу поизразени, особено стравот. Исто така, многу вика по сестра му (3 години) кога е немирна, ама сакајќи да ѝ направи добро, се случило да ја турне и да ја повреди. Ова е повторно стравот за да не ѝ се случи нешто лошо. Му се нема случено нешто лошо за да го поттикне тој страв, а и расте во смирена и весела околина. Не сакам дополнително со лекови да го трупам и затоа ми треба помош за да ја избегнеме таа нервоза или ако се случи, како да ја смириме.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Со тргнувањето на училиште детето треба да ги менува своите навики и одговорности. Сликата за себе добива едно поинакво значење, при што децата на оваа возраст се опишуваат според телесниот изглед и активностите што ги прават.
Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт
Детската самопочит во овој развоен период зависи многу од неговите успеси и остварувања, како и од искуствата што ќе ги има од групата на врсници или возрасни. Пишувањето домашна задача е нова активност која бара поинаква организација на времето, но и дополнителна концентрација, внимание и насочување. Многу често со почетокот на училиште се јавува и страв од неуспех, бидејќи детето е соочено со нови предизвици, па може да се чувствува немоќно и неадекватно во новата улога на ученик.
Обидете се да го организирате времето согласно потребите на детето. Пред пишувањето на домашната задача да има доволно време за одмор, играње, разговор итн. При јасно изразеното незадоволство (лутина) обидете се да го разберете, слушнете го оставете го малку да се смири, а потоа поразговарајте за причината. Препознајте како се чувствува во тој момент, направете пауза, излезете на кратка прошетка итн. Полека, со трпение прашајте го каде сака да ја поправи „грешката“ во домашната која му пречи и дозволете му да ја поправи.
Разговарајте за тоа кои интереси ги има, убаво е да го вклучите во некоја спортска активност со цел полесно канализирање на енергијата, релаксација и можност за стекнување нови навики и пријатели. Наведувате дека станува збор и за плашливо дете. Развојните стравови се природен дел од созревањето. Се очекува тие да се надминуваат како што детето созрева и расте. На 7-годишна возраст многу од децата се свесни за реалните опасности што можат да ги загрозат, при што смртта ја доживуваат драматично. Важно е со детето отворено да се зборува за стравовите што ги има, да се разговара за интензивните чувства што го преплавуваат понекогаш. Односот на родителите, разбирањето, препознавањето и поддршка се многу важни за подетално надминување на стравовите што ги има. Доколку тие се интензивираат, или пак го попречуваат детето во секојдневното функционирање, убаво е да се обратите за помош и поддршка кај стручно лице, психолог или психотерапевт.
Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912