Кога бев бремена и размислував за мојот иден живот со детето, замислував семејни собири, заеднички божиќни утра, потрага по велигденски јајца, фотографии од летувања на кои сум насмеана во прекрасен фустан, со синот на кој му тече сладоледот по рачињата. На нашите летни фотографии јас на себе го имам она што прво сум го нашла утрото, не сум исчешлана и сум изгорено-бледа (ова не ни мислев дека воопшто е можно).

Сакав да останам бремена. Во животот остварив и поминав многу нешта и сакав семејство. Она во кое празниците ќе изгледаат хаотично и прекрасно, така беше во моето семејство. Ситуацијата се разви во друга насока од планираното и по мое мислење, го доби полошото од двете страни на животот. Останав сама со детето. Не можев да живеам како моите „соло“ пријателки кои за празниците излегуваа или патуваа, а оние со партнери имаа семејни дружења и посета на роднините. Моето синче беше мало, а јас исцрпена од обврските кон него 24 часа сама. Сепак, бев среќна што уште беше премногу мал за да оди кај татко му за празниците. Зошто јас би ја завршила целата работа преку ден, а потоа да го дадам на татко му да ужива за викендот откако цела една недела имал време да прави што сака по работа? Па празниците се токму за зближување на семејството, а мене некој ќе ми го земе детето токму за празниците. Бев преплашена, лута и очајна.

Со време сфатив дека е прекрасно на велигденскиот понеделник да одиш на возење ролери, да читаш книга три часа, да одиш на кафе или да гледаш слики на мобилен кои се снимени некаде набрзина, па во нив навистина да уживаш. Некако сега ми се чини дека сум го добила најдоброто од двата начина на животот, оној во врска и оној „соло“. Ми требаше време за да излезам од својата комфорна зона и да сфатам дека воопшто не е така комфорна. Уверувањата со кои сум растела брзо ги менував и ги приспособував со една идеја во главата – животот е она што се случува додека ние го планираме. Наместо жалење и плачење за она што го немам, почнав да уживам во она што го имам.

Имам прекрасно дете, имам можност со него да ги поминувам сите успеси и падови. Повеќето родители тврдат дека времето многу брзо им поминува, а мене не ми изгледа така. Со мојот Јаков, од моментот кога беше во стомакот, разговарам како со еднакво вредно и важно суштество. Сметам дека децата подобро разбираат отколку ние. Ова лето му се ближи третиот роденден, а мене ми се чини дека сме веќе десет години заедно. Тој сам за себе секако вели дека има десет години!

Не планирав, ниту сакав живот во кој ќе бидам сама со детето и морам да кажам дека е многу тешко да се води грижа за него и уште да се грижам и за себе. Среќа е што заради него водам сметка и за својот биоритам, бидејќи го следам неговиот, па спијам и јадам подобро од кога било. Социјалниот живот е прилично запоставен во првата година, но сега стана побогат за дружење. Има поголем квалитет од порано бидејќи сега навистина го правам она што го сакам. Имам многу малку време за активности што не го вклучуваат мојот син, па сум попребирлива и поодлучна. Би можела да речам дека ми е најлошо што во животот ми се случи токму најдоброто што можеше да ми се случи! Мојот син го има моето максимално внимание бидејќи поголемиот дел од времето сме сами. Кога е со татко му, тој максимално му се посветува и го користи тоа време со него, најмногу што може. Не знам дали свесно би го избрала истото повторно, но можам да кажам дека ова е како качување на најголемата планина. Додека се качуваш и воздивнуваш, не го гледаш крајот… кога ненадејно доаѓаш до врвот и сфаќаш каква убавина од животот гледаш. Не мора подароците да се отвораат на божиќното утро, не мора велигденските јајца да се вапсаат во саботата пред Велигден, не мора роденденот да се слави на точниот ден. Важно е сето тоа да се направи, па ако се двапати – уште подобро. За мајките што се сами со деца, времето за себе е од пресудна важност, за да ги наполнат батериите и да бидат такви какви што навистина се – одлични!

Долго размислував дали партнерството е нешто што би го посакала повторно по сето она низ кое поминав. Заклучокот е едноставен, а на него ме научи мојот Јаков. Тој паѓаше стотина пати кога учеше да оди и секој ден повторно се креваше. И воспитувачката во градинката беше загрижена колку паѓа. Понекогаш добиваше модринки, а кога беше изморен или болен паѓаше повеќе, а кога беше одморен, помалку. Секојпат по падот се креваше. Знаеше дека сака да оди и ништо друго не му беше опција. Денес трча и оди, и понатаму паѓа, но многу поретко отколку порано.

Автор: Данијела Миклец, учителка и мајка



912

X