Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 5 години и син кој има нецели 2 години. Девојчето порано сè ме слушаше, си играше убаво, јадеше сама до пред да се роди братчето. Откако се роди братчето, првата година немаше некои драстични промени, но оваа година како што почнува повеќе да игра братчето и да зборува и оди, така девојчето почна да не јаде само и цело време плаче за внимание. Поминувам време и со неа насамо, но веќе прави некои работи што многу ми пречат, а не знам како да реагирам. Ми ги турка цвеќињата, сè ми водени, чкрта со фломастери po подот… Не ја тепам, но не знам како да ѝ кажам дека многу ме нервира тоа. Го тера братчето да прави бели. Ги карам двајцата. Инаку сум мајка што многу им дозволува, немаме некои посебни ограничувања освен да не чкрта или, на пример, да не истура шампон, сапун по под, во када…

Прашува: Ивана

ОДГОВОР: Однесувањето што го опишувате кај вашата постара ќерка изгледа како типична регресија на постаро дете. Имено, тоа е појава во која постарото дете во семејството почнува да регресира во своето однесување, односно наеднаш да се однесува како што се однесувало на помала возраст. Тоа е предизвикано од доаѓањето на новото братче или сестричка во семејството, промената на семејната динамика околу новото дете и намалувањето на вниманието на родителите, на кое првото дете било навикнато дотогаш.

Оваа регресија може да се јави веднаш по доаѓањето на новото дете во семејството или малку подоцна кога помалечкото дете ќе потпорасне и ќе бара повеќе внимание, како што е во вашиот случај. Сметам дека и туркањето на цвеќињата, како и чкртањето со фломастерите и сите други бели за кои пишувате, се начин на кој таа сака да ви го привлече вниманието, но, за жал, на несоодветен начин.

Одлично е тоа што издвојувате време да го поминете насамо со неа. Идеално би било доколку можете да издвоите специјално време секој ден, макар и накратко. Во текот на ова време прашајте ја вашата ќерка што сака да правите. Оставете ја да ги донесува одлуките за тоа како ќе го поминете вашето време.

Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт

Исто така, обидете се да ја поддржите во улогата на постара сестра. Дајте ѝ задачи поврзани со грижата за братчето кои се соодветни за нејзина возраст и за кои знаете дека ќе може да ги направи. На пример, нека ви ја подава крпата кога го бањате синчето, нека му го држи шишето со млеко додека тој пие или нека го покрива со ќебенцето пред спиење, замолете ја да нацрта нешто со кое ќе го украсите креветчето на бебето или понекогаш да му испее песничка или да му раскаже приказна. Обидете се да го уважите сето она што таа ќе го направи и да ѝ го подарите потребното внимание. На тој начин ќе ја учите дека полесно ќе го привлече вашето внимание со однесување соодветно за нејзината возраст отколку со регресивното однесување. Со текот на времето таа полека би требало да го надмине овој регрес. Но, доколку забележите дека и покрај сите ваши напори проблематичното регресивно однесување не се повлекува, тогаш неопходно е да побарате помош од игровен терапевт кој низ процесот на игровна терапија ќе ѝ помогне на вашата ќерка во адаптирањето во новата улога што ја има во семејството.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X