Првиот чекор во спречувањето на врсничкото насилство, според мислењето на експертите, е дека детето од најмала возраст треба да се воспитува против насилство, како и да не користи насилна комуникација. Психологот и психотерапевт Марина Надејин-Симиќ објаснува за српски „Блиц“ дека самиот процес на социјализација е многу сложен.

– Потребно е кај децата да се развие самопочит и самодоверба, но и да ги учиме да кажат НЕ кога под притисок на врсниците треба да направат нешто што се коси со нивните потреби – вели психотерапевтот Надејин-Симиќ.

Со ваквиот став се согласува и Марина Бунчиќ, училиштен психолог, која додава дека децата од најрана возраст не знаат што е врсничко насилство, па често мислат дека секој инцидент што ќе се случи е врсничко насилство.

– Врсничкото насилство подразбира дека детето без никаква причина трпи различни видови злоупотреба – вербална, физичка, психичка, социјална, дигитална, од некој што е помоќен и кај кој постои свесна намера да го повредува послабиот и да го малтретира, без јасен повод – објаснува Марина Бунчиќ.

Важно е да се изгради однос на доверба во кој детето ќе се отвори и ќе признае дека е жртва на насилство. Зошто да признае?

– Затоа што децата-жртви се срамат од тоа, сметаат дека тие се виновни што некој ги малтретира, затоа се плашат дека ќе биде уште полошо ако некому се обратат за помош – објаснува психотерапевтот Надејин-Симиќ.

Она што може да биде покренувач на врсничкото насилство, според мислењето на психолозите, е и вербалното или физичкото насилство на кое присуствуваат децата.

– Дури и тоа насилство да биде свртено кон некој надвор од семејството (шефот, соседите, роднините), децата според моделот ќе развијат предуслови за да станат насилници – смета Марина Надејин.

Задирање и насилство не се иста работа

Исто така, таа додава дека децата треба од најрана возраст да ја научат разликата помеѓу шега, пријателско задирање и насилство.

– Ако некому нешто не му е смешно, тогаш тоа не е шега. Изговорот на насилниците – само се шегував – не е прифатлив! Основен критериум за насилството е нерамнотежата на моќ и однесување кое ја загрозува физичката или психичката безбедност на другиот – предупредува Марина Надејин.

Што ако насилството сепак се случи?

Клучот на решавањето на проблемот лежи во тоа мирно да го сослушате детето, без да покажувате лутина, страв и агресија. Не поставувајте сугестивни прашања за да стекнете вистинска слика за случката.

– Охрабрете го детето сè да ви каже, знајте дека му е непријатно да зборува за тоа. Објаснете му дека не е виновно и дека проблемот е во насилникот. Не решавајте го проблемот така што ќе го советувате да возврати, бидејќи со тоа само го продолжувате синџирот на насилство – истакнува Марина Надејин.

Со ова се согласува и училишниот психолог Марина Бунчиќ, објаснувајќи дека злоупотребеното дете мисли дека тоа е одговорно за она што му се случува, па се чувствува лошо и насилството не го пријавува кај оние што би требало да го заштитат. Кога се работи за непријавување на насилникот, Марина Бунчиќ смета дека тоа е така бидејќи често од мали нозе им испраќаме на децата порака да не се издаваат едни со други.

– Издавање е кога сакаме некому да наштетиме, а друго е кога сакаме себеси или некој друг да заштитиме. Тука може да помогнат и други врсници кои често се само молчаливо мнозинство. Доколку повеќето од нив му се спротивстават на насилникот, тој ќе стане помалку опасен и моќен – нагласува таа.

Често децата не се спротивставуваат бидејќи се плашат да не бидат следната жртва или мета, а во најлоша ситуација го поттикнуваат или навиваат за насилникот, додава Бунчиќ. Следниот чекор што би требало да се направи е да се реализира разговор со родителите на насилникот.

– Проблемот решавајте го во соработка со родителите на другото дете и надлежните институции, градинката, училиштето и доколку е тоа можно, во соработка со родителите на другото дете. Добро би било на тие разговори да учествува и некој неутрален. Не напаѓајте го другото дете, туку мирно обидете се да го решите проблемот, на начин кој нема да доведе до повторување на истата ситуација – вели Марина Надејин.

Што ако разговорот не вроди со плод?

Некогаш, ако проблемот и покрај сите настојувања е нерешлив, подобро е да го префрлите детето во побезбедна средина.

– Објаснете му на детето дека тоа не е заради страв или потреба да се побегне, туку затоа што паметниот попушта – односно, тоа е единственото решение во дадената ситуација. Истрајноста за детето да се избори со насилникот или насилниците по сите неуспешни обиди за решавање на проблемот може да биде погубна за психичкото здравје на детето – истакнува психологот Марина Надејин-Симиќ.

Иако е тоа тешко во современото опкружување, таа смета дека е неопходно кај децата да се развијат негативни ставови кон насилството.

– Научете ги своите деца дека не постојат неутрални набљудувачи и дека насилството не смее да се толерира. Ако ги учите да ја „гледаат својата работа“, еден ден и тие самите може да станат жртви на насилство – вели психологот и психотерапевт Надејин-Симиќ.

И на крајот, родители, не оправдувајте го однесувањето на своите деца со лошо друштво. Прашајте се што го привлекува вашето дете во тоа друштво и зошто тие го прифаќаат. Исто така, треба да знаете дека не постои колективна одговорност.

Автор: Андриана Јанковиќ



912

X