Кои хигиенски навики би требало да ги усвои дете од претшколска возраст и како да му се помогне околу тоа, советува педагогот Јелена Холцер од Хрватска.

Основните хигиенски навики што треба да му ги „всадите“ на детето се:

1. Миење раце

Децата често ги ставаат рацете или некои други предмети в уста. Во периодот додека им растат забите и ги чешаат непцата, нивните постапки имаат одредено оправдување, но и тогаш треба да се инсистира на употреба на соодветни меки играчки за масирање на непцата.

Исто така, во раната возраст ставањето предмет в уста е начин за запознавање со светот што ги опкружува, облик на експериментирање. Родителите, меѓутоа, често го толерираат ваквото однесување на децата, дури и кога тие ќе ги надминат развојните фази. Штом забележите дека вашето дете ги става рацете в уста, прашајте го зошто го прави тоа, опоменете го и насочете му го вниманието на нешто друго. Односно, немојте да дозволите оваа лоша навика дополнително да се зацврстува преку вашето одобрување. Миењето на рацете е една од првите хигиенски навики што детето треба самостојно да ги спроведува. Се разбира, на почетокот ќе ги мие рацете со ваша помош, а вие од третата година ќе го поттикнувате тоа да го прави самостојно. Одредете задолжително миење на рацете, односно конкретни ситуации кога тоа не може да се избегне. Тоа се ситуации, на пример, пред јадење, по вршење нужда, по играње на отворено, веднаш по доаѓањето дома, по контакт со животни…

Вашата обврска е при воспоставувањето на оваа навика да бидете упорни и доследни. На пример, ако како правило сте го вовеле миењето на рацете по одење во тоалет, не дозволувајте му на детето да излезе од тоалетот пред да ги измие рацете иако ви го нуди изговорот: „Подоцна ќе ги измијам, ќе ми заврши цртаниот, само да испијам малку сок…“

2. Миење заби

Негата на усната шуплина почнува веднаш по раѓањето. Кога ќе израснат првите млечни заби, веќе е време за миење со чиста вода и четкичка приспособена за оваа возраст. На почетокот од третата година од животот почнува употребата на паста за заби. Експертите препорачуваат паста за заби без флуор бидејќи децата на таа возраст не успеваат да ја плукнат пастата, туку ја голтаат. Помеѓу петтата и седмата година помалку голтаат паста, но добро е забите да се мијат со надзор од родителите, кои ќе проверуваат дали детето добро ги четка забите или некои делови ги остава неизмиени.

Личниот родителски пример е многу важен. Така, ако ги миете забите заедно, користејќи притоа шарени четкички, миризливи пасти, часовници за мерење на должината на миењето… оваа активност на децата ќе им стане драга и интересна. Така побрзо ќе ја усвојат како дел до својот ден. До осмата година детето би требало да совлада правилна техника на миењето заби и самостојно да ја одржува оралната хигиена. Најдобра здравствена превентива за зачувување на здравјето на забите е редовната орална хигиена и редовните посети на стоматолог (на оној што е доволно трпелив и знае да комуницира со деца).

3. Бањање

Кога ќе му создадете навика за бањање на детето, дури по тргнувањето на училиште може да го прави самостојно. Дотогаш, со оглед на тоа дека вие го бањате детето, навиката се состои од тоа детето да ја прифаќа оваа активност како нешто сосема вообичаено и редовно. Ако припаѓате на големата група родители што мораат да ги молат своите деца да се избањаат, обрнете внимание да не користите изрази поради кои оваа активност повеќе ќе ја мразат. Така, немојте да му кажете на детето дека бањањето е важно бидејќи детето се „извалкало“. Детето ќе сфати дека сè што е поврзано со него е валкано, а тоа може да создаде внатрешна забуна. Негативната слика за своето тело и за себе стекната во раното детство може да има многу негативни последици подоцна. Наместо дека е „валкано“, кажете му дека се работи за хигиена, обврска која не се доведува во прашање и дека тоа е еден од начините да се зачува здравјето. За многу деца решението е да се наполни кадата со вода, со гумени и пластични играчки за да се забавуваат.

4. Средување на собата

Веќе на претшколска возраст, ако детето има своја соба, обидете се да го мотивирате самостојно да ја чисти и уредува. Така, прво научете го детето самостојно да ги средува своите играчки по играњето. Тоа подразбира ставање на играчките на нивно место во кутиите. Непосредно пред училиште и во нижите одделенија детето може валканата облека да ја носи во кошницата за перење облека, а чистата да ја сместува во својот орман.

5. Минимално одржување на хигиената

Ако се обидувате со детето да утврдите минимум за одржување на хигиената (на пример, во средувањето на собата), потрудете се вашиот договорен минимум навистина да биде минимум, а не целосна хигиена. Ако вашето барање е претерано, ризикувате да предизвикате контраефект, односно раздразливо и уште понепријателски расположено дете. Кога облеката и играчките се на место, собата веќе изгледа уредно. Сепак, со возраста се менуваат и навиките за одржување основна хигиена на собата.

Околу десеттата година детската соба може да се претвори во џунгла полна со отпадоци од храна, расфрлени предмети, папучи… Овие нови, променети навики се одраз на преокупираност со некои други ситуации, предизвикани од пубертетот. За да постигнете минимум хигиена и уредност, одредете јасни правила. На пример: еден ден во неделата детето мора да ја избрише прашината, да употреби правосмукалка, да ги среди расфрлените работи… А секој ден отпадоците мора да се фрлаат во соодветна корпа, облеката за перење не смее да се влече по подот, остатоците од храна мора веднаш да се расчистат. Не заборавајте, она што за вас е неред и хаос, за децата може да биде совршен ред. Ако вашите правила опфаќаат целосен ред, децата во таа соба нема да се чувствуваат пријатно, односно нема да чувствуваат дека навистина имаат своја соба. Во текот на пубертетот, нивната соба е симбол на простор на слобода и нивен личен, приватен свет.

Автор: Јелена Холцер, педагог



912

X