Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 12-годишна ќерка. Отсекогаш е посрамежлива и поповлечена. Секогаш, ако треба некаде да оди, прво размислува како ќе биде, што ќе биде, па дали да оди, па да не оди… И така сите новонастанати ситуации ги прифаќа потешко. Пред една година доби месечен циклус и тоа за неа беше неприфатливо. Јас ѝ претходно ѝ објаснував што ќе се случи, но тоа беше без резултат. Сега ѝ растат градите, не сака да носи тесна облека и сите обиди да разговарам со неа на таа тема се без успех, не сака ни да ме слуша. Јас сум многу загрижена, не знам дали се работи за минлив период бидејќи е во пубертет или е потребна дополнителна помош од психолог.

Прашува: Ана

ОДГОВОР: Како што веќе самата доживувате, пубертетот е навистина бурен период што носи многу предизвици за децата и за родителите. За девојчињата голем предизвик и новина е соочувањето со телесната трансформација и вклопувањето во социјално прифатливите модели и слики за телото што се насекаде присутни. Би рекла дека многу поважно од вклопувањето е прифаќањето на тоа што/како е, како и дозволата и поддршката да се истражува и бара што е автентично за детето.
Исто така, од информациите што ги споделивте, веројатно на вашата ќерка ѝ треба повеќе време да се адаптира на промените. Овозможувањето точни информации за растот и развојот во периодот на пубертетот е многу важно за детето иако ни се чини дека тоа не ги прифаќа веднаш. Всушност, овој период се карактеризира со збунетост, но и жед за информации и значења, па затоа понудете ги информациите без очекување дека веднаш ќе бидат прифатени.

Вообичаениот традиционален начин на толкување на менструацијата кај девојчињата е дека така „стануваат жени“, но тоа може да изгледа застрашувачки затоа што девојчињата денес растат во сосема поинаков свет и услови во кои „станувањето жена“ може да има многу различни значења, а детето да не се чувствува спремно да се поврзе со нив. Од малкуте информации што ги имам за вашата ќерка размислувам дека можеби е тоа интровертно дете, што само по себе воопшто не е лошо. Интровертните луѓе имаат богат внатрешен живот кој ретко го отвораат за околината, но таму најчесто има прекрасни светови и потенцијали. Може да понудите различни можности преку кои вашата ќерка ќе дознава за пубертетот, преку книги, музика, филмови и преку различни модели со кои може да се идентификува и различните приказни за ова искуство.

Стравувањата на родителите често потекнуваат од нивната желба децата да бидат лишени од секакво непријатно искуство, да не бидат „поинакви“ и отфрлени од другите, како и од стравот за нивната иднина. Очекувањата и стравувањата на родителите може да бидат дополнителен притисок за детето, како доживување дека тоа не може да ги исполни очекувањата ниту на врсниците, ниту на моделите, ниту на родителите. Наместо кон стравувањата, ве поддржувам да размислувате за уважување на ова искуство како значаен дел од животното искуство на ќерка ви и вас како родители. Уважувањето вклучува да се даде дозвола за сите емоции што се појавуваат – збунетост, отпор и сл. Врз основа на овие сложени искуства и нивното осознавање децата, односно младите се осознаваат себеси и другите. Преку уважувањето на искуството ја добиваат најважната поддршка што им е потребна.

Доколку забележите промени во однос на исхраната, сонот, успехот во училиште, препорачувам консултација со лекар и психолог/психотерапевт.

Одговара: Ана Блажева, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com/ ana.gjorik@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X