Катарина Ѓорѓевиќ од српска „Политика“ пишува за врсничкото насилство кое е сè почеста појава меѓу децата на училишна возраст.

– И оваа учебна година во првата минута од националните ТВ-дневници не стигнале учениците што носат медали од олимпијадите на знаење, туку децата што станале жртви или сторители на врсничко насилство. Тепачка помеѓу 15-годишни ученички во Барајево, пресметка на деца од две основни училишта во Обреновац со ученик од основното училиште „Бранко Радичевиќ“ од Велика Моштанца, ја фрлија во втор план приказната за технолошките вишоци и платени часови во просветата.

За потсетување, минатата година во ова време се случила побуна на родителите на учениците од основното училиште „Светозар Марковиќ“ во Крањево, кои на своите деца им забраниле да одат на настава поради агресивното однесување на учениците од седмо одделение. Речиси секое полугодие се случува барем една побуна на родителите која е резултат на провокацијата од ученичкото насилство помеѓу училишните ѕидови. Во претходните четири години тројца тинејџери си го одзеле животот поради сурово навредување, понижување и малтретирање од своите врсници.
Иако врсничката агресија е честа кај децата на училишна возраст, се стекнува впечаток дека училиштето станало најмалку безбедното место за престој на детето – се поголем е бројот на родители кои веќе не го чекаат детето пред училиште со прашањето „Што учевте денес?“, туку „Дали некој те задеваше/ти направи нешто?“. Дали проблематичните деца се „диплома“ на неуспешното родителство или „Лакмус хартија“ на атмосферата во топлото семејно гнездо? Кому родителите треба да му се обратат за помош кога ќе сфатат дека не можат да излезат на крај со проблематичното однесување на своето дете?

Драгана Ќориќ, претседателката на здружението „Родител“ од Нови Сад, истакнува дека проблемите со врсничкото насилство се последица од несоодветното воспитување на децата.

– Детето не станува проблематично преку ноќ, во прашање е процес на идентификација со некој од неговата околина. Уште во седумдесеттите години од минатиот век дефиниран е концептот на „значајни други“ – лицата од нашето опкружување чии ставови и однесување се инспирација за друго лице и модел на однесување, било да се тоа позитивни било негативни модели. Ми изгледа дека ние, родителите, не сфаќаме баш лесно дека ние сме тие значајни други за нашите деца. За жал, не сме секогаш ние самите модели. Понекогаш воопшто не сме модели за идентификација. Милениумците имаат подруги модели и различно ги градат своите вредности од начинот на кој ние ги учиме и затоа сме во поголем и посилен генерациски судир отколку кога било досега. Денес посилни примери и модели се врсниците и ѕвездите на реалните шоуа, црните хроники и „Јутјуб“ отколку вистинските лица од блиското опкружување. Училиштето е само една алка во целиот синџир и треба конечно да стане соработник на родителите во целата таа приказна, а не камен околу вратот – смета Драгана Ќориќ.

Таа вели дека родителите мора да го прифатат фактот дека не се семоќни и дека некој друг може да биде поуспешен во решавањето на проблемот на детето, без разлика дали е тоа психолог или педагогот на училиште, детска болница или развојно советувалиште.

– Самохраноста на родителот обично се зема како оправдување за воспитните испади на детето или насилството што тоа го врши над другите. Меѓутоа, има родители кои самите растат деца што не се агресивни кон ближните. Тие успеале да изградат свој авторитет, не со помош на ќотек и закани, туку со давање личен пример на детето – заклучува Ќориќ.

Автор: Катарина Ѓорѓевиќ, „Политика“



912

X