Образованието може да биде по мерка на секој ученик, а професијата наставник да биде најпосакувана. Пример за тоа е Финска. Земјата во која со гордост се истакнува дека образованието е право на секое дете и целосно е бесплатно – од учебник до екскурзија. Во училиште како и дома. Само по чорапи. Часот почнува со ирска народна приказна за пеперутката и овчарот. Она што го научиле го покажуваат преку игра. Етиката, почитувањето на различностите и емоциите се тема на разговор. Дури на крајот од часот сите впечатоци ги сумираат и пишуваат состав.

Учителката Марјо Дилстрорм нагласува дека во финскиот модел на образование најмногу се води сметка за детето како за личност која расте и учи за сè, и тоа не само на училиште и од книги, туку секаде се стекнува со знаење.

– На пример, минатата недела излеговме надвор и броевме колку боровници има на еден простор, го обележавме тој простор, го измеривме, па прво погодувавме колку боровници би можело тука да има. На крајот од часот ги изедовме – објаснува учителката. За основците во Финска важи правилото дека на училиште се тргнува кога ќе наполнат седум години. Првите, вистински оценки ги добиваат дури на крајот од четврто одделение. Нивните учители не ги тестираат често, можеби двапати годишно, но најдобри се на меѓународните тестирања, на пример ПИСА-тестот.

Финците не го кријат својот рецепт за успех. Часот трае 45 минути, но по секој час учениците се одмараат 15 минути. Не е реткост на еден час да предаваат и двајца учители, па така можат еднакво да се посветат на сите деца. Во нижите одделение нема ни класичен распоред на часови.

– Секогаш работиме на спојување на предметите, посебно кај најмладите и не им велиме дека сега имаат математика, фински или музичко бидејќи тие прво треба да се навикнат на училиштето. Имаат два стандардни теста, но ние често проверуваме што научиле, а тие не ни знаат дека ги тестираме. За мене како учителка тоа е тест колку добро нешто совладале и ако треба и повторно ќе го предавам истиот материјал – наведува Марјо Дилстрорм. Од кои учебници ќе се учи,  предавачите му предлагаат на директорот на училиштето, а тој одобрува во согласност со буџетот. Сепак, за сè да функционира, тајната е во популарноста на професијата. Учителите неретко биле најдобрите ученици во генерација, а ги ценат исто како и лекарите и адвокатите. Учителот е едно од најпопуларните занимања во Финска. Сите учители се високо образовани и освен психологија и педагогија, учат и мултидисциплинарен пристап.

– Со 13 традиционални предмети, ние го имаме и она што го нарекуваме вештини за 21 век. Ние не знаеме што ќе им биде потребно на децата што сега тргнале на училиште кога ќе го завршат образованието, односно кои професии ќе бидат актуелни во тој момент. Затоа тие вештини за размислување ни се најважни – нагласува Сана Вахтворимен, специјална советничка во министерството за образование и култура.

Истиот принцип како и во основното се применува и во средното образование. Сеедно дали избрале насочено или општо образование. На професорите им се обраќаат по име бидејќи веруваат дека така се создаваат неформална атмосфера и доверба. Финците сепак не се целосно задоволни. Веќе размислуваат што би можеле подобро да направат и да воведат промени во следниот план и програма за образование, кои го прават еднаш во 10 години. Имаат визија и тоа многу амбициозна, до 2030 година секоја втора млада личност да биде високо образована.

Да се учи како да се учи

– Учат како да учат. Тоа е најважно и се обидуваме да ги научиме како најдобро да го усвојат знаењето и секој тоа да го стори на свој начин. Таа стратегија е нешто што им останува и за подоцна во животот. Но важни се и социјалните способности, кои ќе им бидат корисни во животот, а исто така и оние практични вештини што ги усвојуваат според изборот на предметот – објаснува Џени Мертаниеми, професорка во средно училиште.

Автор: Ана Шувалија Пешиќ



912

X