Работејќи во училиште, предизвик ми е да ги набљудувам децата и нивното однесување во однос на вклопувањето, владеењето на мнозинството и воопшто синдромот на стапување кон масата.

Принципот на глутница, за жал, функционира уште од деновите во градинка, а во училиштето тоа знае да биде навистина голем проблем за кој премалку се зборува. Малку повеќе е изразен кај девојчињата, иако ниту момчињата не се исклучок. Се разбира дека во тие чувствителни години кога го бараме своето место во себе и во светот не се носат добри одлуки кои се дел од растењето и созревањето. Оние одлуки во кои не го мислиме она што навистина го сакаме, туку како на нив ќе реагира општеството што нè опкружува. Желбата за прифаќање по секоја цена.

Децата што знаат да филтрираат

Често набљудувам девојче во толпа деца, само на голем одмор. Таа не ги носи оние пуфни на чантата. Не носи златни патики, ниту пее песни од шпански тинејџерски ѕвезди што ги има на ТВ: Понекогаш ги набљудува стеблата и облаците. Понекогаш чита. Понекогаш се обидува да разговара со децата – понекогаш успева. Вели дека би сакала да игра игри во кои не се вреска и трча како мува без глава – не гледа смисла во тоа. Не ја интересираат балет и модерен танц, таа игра пинг-понг, единствена од класот.

Па тоа момче. Не ја брка топката во секој слободен момент бидејќи вели дека тоа не му е ниту малку забавно. Но, затоа знае многу за планетите, програмирањето и пишува прекрасни приказни. Не носи фризура со црта како фудбалерите од насловните страници бидејќи тоа не му се допаѓа. Тоа се оние деца што се во добри односи со сите, но со никого посебно. Не се асоцијални, но не прифаќаат сѐ лесно. Филтрираат. Нивните мајки не пијат кафе и не посетуваат шопинг-центри само за децата да се дружат. Немаат потреба на роденденските забави да го повикаат целиот клас и потоа да го пропагираат тоа на друштвените мрежи. Родителите на таквите деца често се повикувани на училиште. Бидејќи децата им се „неприспособени“. Често се одлични ученици без дамка во однесувањето. Освен по мислењето на учителката или стручната служба, кои заклучуваат дека не се „вклопиле“.

Принципот на образованието функционира така што децата се неправедно запоставени. Главно, на наставата им е здодевно. Или од причина што според зрелоста се пред сите свои врсници, или едноставно им е потребна креативност во пристапот. Кој му дава право некому да ги поставува децата во рамки? Што воопшто значи тоа да се биде „приспособен“? Ако тоа значи да бидеш невидлив или незабележителен и ако тоа е она што значи да не се истакнуваш со своите барања, соништа, амбиции или афинитети, тогаш само можам да кажам дека ми е многу жал што повеќе нема „неприспособени“. Возрасните луѓе поминуваат години на психотерапија обидувајќи се да се пронајдат себеси. Истиот оној себе што го ставиле во рамка како мало дете за да му биде полесно?! Па, на кого да му биде полесно?!

Постојат деца, верувале или не, кои никогаш не слушнале песна на Јелена Розга или Северина. Постојат деца кои никогаш не гледале натпревар на телевизија. Тоа се оние што на училишната забава ќе понесат можеби цеде од „Ролинг стоунс“ или ќе смислат лотарија за целиот клас, ќе предложат друштвена игра со смисла, или дебата… и сите ќе ги гледаат зачудено. Никого нема да глумат, никого нема да повредат, туку ќе бидат убаво приспособени – на себе!

Автор: Наташа Јукиќ, асистент во настава за деца со тешкотии



912

X