Не успеваме да ги разбереме децата, како да сме се родиле како стари.

Потребни ни се силни учебници, едукации, советодавни предавања на кои некој со повеќе нерви ќе ни каже (и ќе ни наплати) да се спуштиме на висина на детскиот поглед и само тогаш да комуницираме.

Потребни се курсеви за родители, кои заборавија што им било важно кога биле деца.

Мене, мојата кукла Вида со кадрава сива коса донесена во малиот стан една зимска вечер,
и албум со сликички од мапет-бебе,
и кога мама се смее,
кога пијам млеко со парче леб со еурокрем,
кога ме испраќаа в продавница по леб со крпена торба,
кога тато е мирен,
кога куќата е тивка,
кога се капам со модри усни во Дунав, додека мама на плажа ни мачка паштета на леб,
кога берам диви сливи на враќање од училиште,
кога ќе ме бакнат,
кога тато ќе ми се потпише во споменарот,
кога бојлерот не ни е расипан, или пеглата, или рерната,
кога мама ќе успее да ги размени чековите,
кога дедо раскажува за неговото учество во војната,
кога скокаме на ластик со боси стапала,
кога тато не го боли чирот,
кога мама не гледа на часовникот,
кога не се чувствувам виновна,
кога паѓа густ снег,
кога мијам садови во тесната кујна на сосетката Зуска, стоејќи на малото триножно столче,
кога се лулам и ја пеам Лепа Брена,
кога ја чекаме мама од работа и тогаш заедно се враќаме дома, по пат застанувајќи во пекарницата да купиме жешки лепчиња.
Кога сме семејство…

Понекогаш забораваме што ни беше важно нам бидејќи остаревме пред време, потрошени сме, нервозни, во брзање, бидејќи мислиме дека децата ништо не сфаќаат и имаат сè.

Не го сфаќаме нивниот свет, како никогаш да не сме имале сличен.

Зошто ти се сега толку играчки? Што ќе правиш надвор? Земи една, доста ти е!

Им требаат. Тоа се нивни пријатели. Можеби не зборуваат, но тие се разбираат. Ги имавме и ние.

Што бараш сега на таа лизгалка, ајде да одиме, гледаш дека е валкана?

Мораат. Тоа е нивното парче, нивниот терен. И ние имаме кафуле во кое сакаме да одиме, толку многу што и нив ги влечкаме таму.

Зошто ти сè мораш да слушнеш? Оди в соба!

Не мора ни да слушне. Ќе види. Ќе почувствува. Баш како и ти или јас на лицата на нашите родители. Тагата не може да се сокрие, ниту расправијата, колку и да се води тивко зад затворени врати.

Ајде побрзај веќе, 15 минути стоиме на исто место!

На исто место, ако е убаво, треба да се остане засекогаш. Децата не го мерат времето во минути, туку во внимание и чувство на пријатност. Се заигруват, убаво им е. Така и ние некогаш. Се сеќаваш?

Никогаш не ме слушаш! На кого му зборувам јас? Не си добар, повеќе нема да добиеш ништо!

Добар е.

Добри се нашите деца.

Само фали ние родителите да почувствуваме што нас нè болеше кога бевме како нив,

Што нè правеше среќни и што нè охрабруваше,

Без што не можевме,

Во што гледавме.

Од што се плашевме, зошто се тресевме и плачевме,

Од што се криевме,

За што мечтаевме,

Кога се смеевме,

Каде сакавме да бидеме,

Добри се нашите деца, туку ние во меѓувреме заборавивме како е да се биде дете.

Автор: Јована Кешански



912

X