Современото родителство, со преголема грижа и заштита, ги иритира сите оние што не го прават тоа.

Уште полошо, тие може да ја загрозат иднината на целото наше општество. Пред неколку години, поранешен декан на Универзитетот „Стенфорд“, Џули Литкот-Хајмс, ја напиша книгата: „Како да одгледате возрасен“, во која таа тврди дека современите родители што премногу се грижат не успеваат да создадат целосно функционални возрасни. Хеликоптер-родителите ги спречуваат дури и најталентираните млади луѓе да развијат самоувереност и вештини за живот што им доаѓале поприродно на претходните генерации, тврди авторката.

Во нашите напори да го заштитиме и промовираме нашето потомство, аргументот е дека ние ненамерно го поткопуваме нивниот развој.

Литкот-Хајмс е во право, заедно со многу други кои критикуваат што им прават на децата родителите кои премногу се грижат. Но, како родител на три постмилениумски деца – родени по 2000 година, имав одлична можност да ја набљудувам нашата најмлада генерација одблизу. Постојат многу работи што ми се допаѓаат во врска со оваа најнова култура на деца. Без сомнение, постмилениумците се различни од нивните родители и баба и дедовци. Но, тие се различни во добра смисла.

Постмилениумците се љубезни и добри

Љубезноста е на повисоко ниво денес. Погрдните и злобните прекари ги нема. Во основното училиште на мојот син тепачките на игралиштето се ретки и никој не ги бодри, како порано кога јас учев во основно одделение. Неодамна играв „Монопол“ со неколку постмилениумци и тие одбија да дозволат некој да банкротира, нудејќи му бесплатна кирија. Овие деца, повеќе од нивните претходници, не сакаат да нанесуваат штета: од чувствата на новото дете на училиште сè до природната средина. Можеби има нешто во водата, но се чини дека родителите денес воспитуваат прилично љубезни и добри деца.

Постмилениумците се толерантни

Тие ги намалуваат разликите кај врсниците. Ова е пријатно изненадување за сите што сме пораснале во ерата на судењето. Кога избиравме имиња за нашиот нероден син, мојот сопруг, кој порасна во 70-тите, го отфрлаше секој мој предлог велејќи: „Ќе го истепаат ако го носи тоа име“. Но, се чини дека децата денес не се грижат за имињата на нивните другарчиња. Никогаш не сум слушнала постмилениумски брат да коментира нечие име, без оглед на тоа колку егзотична или несреќна рима би можела да се направи со тоа име. Дозволете ми да кажам уште еднаш: децата повеќе не си играат мајтап со нивните имиња. Овој показател за социјален напредок е толку суптилен, што неговото чудо лесно може да се промаши.

А потоа, мојот син, кој е четврто одделение, се врати дома со панталоните во неговите црни чорапи.

Јас (ужасната): – Дали ваков шеташе цел ден?

Син ми: – Да.

Јас: – Никој не ти рече ништо?

Син ми: – Не.

Трансродов? Родители од ист пол? Од друга земја? Многу високи? Постмилениумците едвај забележуваат. Ова е генерација што е отворена и ги прифаќа другите.

Постмилениумците се чувствуваат безбедно

Возрасните ги гледаат и се грижат за нив. Да, можеби премногу, но дури и несреќните и маргинализираните деца се чувствуваат безбедно. Светот со минимален надзор од возрасните има тенденција да носи придобивки за деца што живеат во високите класи. Но, ги остава другите ранливи. Одењето да си играат некаде и враќањето дома вечерта беше најзабавно за децата што немаа од што да се плашат од другите деца. Сега, возрасните се лесни за пристап, а детството повеќе не се случува во посебна сфера. Секако, порано проблемите ги решававме сами, но не секогаш тоа го правевме на правичен или добар начин. Одредени деца го добиваа пократкиот крај на стапот, повторно и повторно. Дали тоа е вредна лекција за зрелоста? Денес, возрасните честопати ги учат децата за праведноста што не секогаш им доаѓа природно на децата. А тие обезбедуваат и безбедносна мрежа за децата, што нуди свој вид слобода.

Постмилениумците поседуваат моќ

Тие не се плашат од авторитет и не премолчуваат, во споредба со нашата генерација. Децата често им се обраќаат на возрасните со нивното име, им враќаат, се однесуваат со возрасните како да им се врсници, што може да ги нервира оние што пораснале учејќи дека возрасните треба да се почитуваат. Возрасните повеќе не можат да ги поставуваат сите услови. Децата денес знаат дека имаат права и се уверени дека возрасните се зад нив за да ги заштитат.

Постмилениумците се блиску до нас

Пријателството меѓу денешните млади деца и нивните родители поставува основа за траен однос. Кога јас бев тинејџерка, не им кажувавме на нашите родители многу за тоа што се случуваше во нашите социјални животи. Многу млади живеат подолго време дома, а оние што се преселуваат, контактираат со родителите повеќе пати на ден. Некои луѓе ова го сметаат за неуспех на модерното родителство. Но, историски гледано, не е ново тоа што родителите и децата кои пораснале се блиски и меѓусебно зависни.

Вестите за помладите генерации не се лоши. Модерните родители прават нешто правилно. Нешто добро потекнува од денешните родители и се шири во светот.

Секако, позитивните квалитети на нашата младост исто така се обликувани општествени сили поголеми од родителството – но тоа е вистина и за недостатоците што ги забележала авторката, така што, ако современото воспитување на децата е виновно за она што е погрешно со помладите генерации, тогаш родителите треба да добијат пофалба и за долгата листа со работи што ги направиле правилно.

Автор: Мери Јаневиќ



912

X