Нашите дечиња во летниот период често страдаат од убоди од инсекти, велат лекарите

Периодот што ни претстои е исклучително ризичен поради убоди од инсекти, предупредуваат лекарите. Компликациите по вакви убоди се почести кај децата, па родителите треба да знаат кога да појдат на лекар или како да реагираат дома за да му помогнат на детето.

– Несомнено треба да се знае дека освен локална реакција на местото на убодот, може да се јави и компликација во вид на алергиска реакција, едем и дури и шокова состојба. Сето тоа зависи и од организмот и од токсинот што се испушта при убодот од инсектот. Вообичаено е задолжително да се побара прва помош од лекарот доколку се забележи влошување на симптомите од самиот убод. Соодветна и брза реакција може да спречи несакани последици кои се возможни при ваквите случаи – вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле.

Кога станува збор за локална реакција, симптомите може да се третираат со едноставни средства.
– За да се олесни болката и да се смири чешањето, може да се ставаат облоги, кремови со локален анестетик и орални и локални антихистаминици, а за болката – орални аналгетици. Препорака за тие што се преосетливи на убодите од инсектите е да избегнуваат подрачја каде што има зголемено присуство на инсекти, да носат подолга облека доколку се принудени да одат во такви подрачја, да не се користат силни парфеми и лосиони кои ги предизвикуваат инсектите и задолжително да носат средства против инсекти и да ги користат, да избегнуваат места каде што има многу цвеќиња и дрвја со цветови…  При влошувањето на симптомите задолжително да се појде на лекар – вели д-р Андоновски.

Колку помало, толку поголема реакција

Нашите дечиња во летниот период често страдаат од убоди од инсекти, велат лекарите. Најчесто се предизвикани од комарци, муви, пајаци, пчели и оси, кои не се отровни.
– Меѓутоа, сите инсекти може да предизвикаат алергиска реакција. Можноста детето да изреагира на убод од инсект е поголема доколку има каква било друга алергија.
Правило е колку е помало детето, толку е поголема реакцијата од контактот со инсектот. За среќа, јаката алергиска реакција наречена анафилакса е многу ретка – вели д-р Ана Арсевска, матичен лекар.
Симптомите може да варираат од минорна кожна реакција (црвенило, благ оток, топлина) до болна лезија што чеша.
Знаците на анафилакса се: ширење на црвенилото речиси низ цело тело и голем јадеж (чешање), кашлање, кивање, задушување, тешкотии при дишење и голтање, тешкотии во зборувањето, отекување на усните и јазикот, бледило и онесвестување.

Третман дома

Повеќето убоди од инсекти се третираат во домашни услови.
Ако оса касне дете, мора прво да го извадите осилото. Д-р Арсевска советува прво да се измие местото со вода. Може да се користи мраз, влажни облоги со вода или борова вода за да се намалат отокот и болката.
Ако детето е каснато на рака или на нога, кренете го екстремитетот над нивото на срцето за да се дренира и намалува отокот. Доколку има чешање или умерена реакција, може да се стави крем или гел наменет за тоа.
Доколу чешањето е поголемо, лекарите обично препорачуваат терапија за алергија.
– На лекар се оди ако детето има знаци на анафилакса, кога чувствува јака болка на местото на убодот повеќе од 5-6 часа, ако отокот и чешањето се зголемат нагло по 24-48 часа, ако сте загрижени од која било причина – објаснува докторката.



912

X