Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 15 години и до пред неколку месеци тој беше дете какво што може да посака секој родител. Но наеднаш се смени, како да стана друго дете – стана насилен, нервозен… Не сака да разговара. Сигурна сум дека нешто му се случува, но не знам што и не знам како да му помогнам.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Почитувана, ја разбирам вашата загриженост. Навистина е тешко за родителите кога сведочи за брзи и непосакувани промени кај детето или децата. Вообичаено таквите големи промени како што ги опишувате кои се изразуваат преку агресивност и зголемена нервоза се показатели дека нешто се случило во неговиот живот. Многу е значајно што вие сте тука да бидете потпора за него и тоа е најзначајно да го споделите со него. Треба јасно да знае дека може да се потпре на вас што и да е тоа што се случува, дека сте тука да му помогнете.
На младите луѓе на таа возраст им е тешко да комуницираат со своите родители за грижите и проблемите со кои се соочуваат. Стравот дека ќе потфрлат во очекувањата, дека ќе ги разочараат, дека нема да бидат разбрани може да биде бариера во односот со родителите. Од друга страна освен стравот и срамот е многу присутен во таа возраст. Тогаш минуваат низ големи промени, влегуваат полека во светот на возрасните во кој има големи табуа и првпат се соочуваат со сите нормирања и очекувања.
Агресивноста често е резултат на потиснување токму на чувствата на срам и страв. Можеби нешто се случило или се случува подолг период што ги предизвикува овие чувства. Важно е да го охрабрите дека што и да се случува може да сподели со вас и да го уверите дека што и да се случува може да се разреши и надмине. Исто така важно е да знае дека кога се соочува со потешкотии може и треба да разговара со некого кому верува или да му понудите да разговара со стручно лице.
Одговара: Ана Блажева, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912