Од книгата „Самостојно дете или како да станете мрзлива мајка“, Ана Бикова
Кога да му дадете на детето лажица? Кога ќе почне да покажува интерес за неа. Кога ќе сака да ја земе или дури и кога ќе сака да ви ја украде од рацете. Или кога ќе почне активно да јаде со рацете. Не ориентирајте се според нормативни табели и директиви, туку според импулсите на вашето дете. Ако не му дадете лажица тогаш кога постои импулс, може да се случи потоа да не сака да го земе приборот в раце и да почне да бара да го храните. Критериумот е најуниверзалниот што може – набљудување на детето и следење на неговите импулси. Не поставувајте си го прашањето: „Кога треба да стане детето?“ Детето само ќе стане кога ќе се чувствува подготвено за тоа. Ќе се фати за страната од креветот, ќе се исправи и ќе стане. И во тој момент никој нема да го врати назад. Почувствувало потреба и станало.
Кога детето се обидува само да ги изговори зборовите, никој не му ја затвора устата, тоа дури и звучи апсурдно. Но, понекогаш се слуша нешто како:
– Сам ќе се облечам!
– Не, пребавно ќе се облекуваш, дај јас набрзина да те облечам (а притоа мајките ги споредуваат достигнувањата на своето дете на табела на развојот – на која возраст детето треба да знае само да се облече).
– Ќе одам сам!
– Не, ќе паднеш, дај ми рака!
– Ќе го носам сам!
– Не, ќе ти падне!
– Ќе отворам сам!
– Нема да успееш!
– Ќе турам сам!
– Не, подобро јас! Ти ќе истуриш.
Токму вака тенденцијата за самостојност постепено го напушта детето, а што е најлошо, почнува да верува дека не умее, дека нема да се снајде и најдобро ќе биде ако тоа го направи мама.
Мојот внук има две години и веќе вешто го користи шрафцигерот. Никој во семејството не се занимавал со прашањето: „Кога на детето треба да му се даде шрафцигер?“ Ниту тоа го има во нормативната табела за развој. Родителите не си зададоа задача да го научат да работи со шрафцигер. Но малиот еднаш го виде шрафцигер во рацете на неговиот татко и рече: „Дај!“ И така шрафцигерот стана омилена играчка. Татко му му покажа и го научи. Секако, глетката е преслатка: малиот седи со шрафцигерот и работи. Всушност, така се развива моториката. Така се развива и самовреднувањето.
Не размислувајте дали е време или не е време. Дали може или не може. Дозволете му на детето да проба. Дали може или не може, само ќе реши. Само задолжително бидете покрај него заради безбедност.
Добив писмо:
„Имам конфликт со сопругот. Нашиот син има една година и четири месеци. Почнавме и на улица да се расправаме за тоа како да се однесуваме со самостојноста на детето. Јас некаде го придржувам, му давам рака, а мажот ми смета дека тоа е премногу. Мене ми се чини дека нема ништо страшно во тоа на малото дете да му се даде рака. Побарав на интернет статии за оваа тема, но не најдов ништо. Што мислите вие?“
Мислам дека совети на темата „Кога да престанете да го држете детето за рака“ едноставно нема и не може да има. Во животот постојат моменти кога и 13-годишниот син треба да се држи за рака. Истиот тој што како едногодишно дете ви ја пуштал раката во паркот за да трча.
Важно е и како се чувствува. Ако малиот самоуверено се качува на тобоганот, може во тој момент не му е потребна помош од возрасен. Но, ако не ја одржува рамнотежата, барајќи поддршка, гледа каде се родителите, ги подава рацете кон возрасните – задолжително треба да му помогнете.
Верувајте му на детето. Верувајте си себеси. Не одбивајте да му помогнете ако ви побара помош. Бидејќи тоа е сосема различен пристап на воспитување и различни се работите: кога детето не бара помош затоа што може да се снајде само и кога не бара помош затоа што никој нема да му помогне.
Да одговорите на барањето помош на детето и принципиелното неодговарање се две крајности. Уште еднаш: постојат различни ситуации. Важно е да го почувствувате детето за да сфатите како да постапите. Зад неговото барање помош може да стои каприц, мрза, па дури и демонстрирање на моќ: „Ќе биде како што јас ќе кажам“.
А може да биде замор, несигурност во себе, потреба да привлече внимание. Што сака детето кога бара помош? Замислете дека сте на местото на детето и завршете ја реченицата наместо него: „Среди ми ја облеката (јас ќе одам да играм)“ или „Среди ми ја облеката, денес сум многу уморен и ми се спие“.
Кога мојот син Арсениј во 12-тата година го скрши прстот на раката, му ставија гипс, па навечер ме молеше да му ја соблечам кошулата. На почетокот му помагав во сè што го правеше. Но, за неколку дена детето се навикна на фактот дека има скршеница и гипс. Излезе дека гипсот на десната страна не му пречи самостојно да јаде, да ги мие забите, да вози велосипед, вешто да управува со компјутерско глувче, па и да игра кошарка. Но, гипсот му пречеше да пишува домашна работа и белешки на час (за овие работи едноставно немаше мотивација). Сè на сè, за неколку дена на молбата на син ми: „Соблечи ми ја маицата“, без нималку грижа на совест можев иронично да одговорам: „Видов денес во дворот како со гипсот ја водеше кошаркарската топка, па така ќе можеш да се избориш и со маицата“.
912