Валдорфската педагогија, на која се темелат сите валдорфски градинки и школи, е уникатна метода на образование создадена со цел воспитување слободни луѓе, способни самостојно да ја одредат смислата и насоката на сопствениот живот. Нејзин основач е д-р Рудолф Штајнер. Најважните педагошки начела на Рудолф Штајнер, а со тоа и на валдорфската педагогија, се:

  • Почит кон духовното потекло на детето;
  • Негување на она што човекот го носи со себе;
  • Земање предвид на видот на темпераментот;
  • Седумгодишните периоди;
  • Сеопфатно разбирање;
  • Сензорна обука и самообразование на воспитувачите.

Кога станува збор за воспитувањето, постојат два важни основни принципи во волдорфското воспитување, а тоа се пример и имитирање, и ритам и повторување.

Воспитувачот мора секогаш да е расположен

Од воспитувачот се очекува, кога работи со деца, секогаш да е добро расположен, да има мирен и чист, ведар ум, да шири енергија на хармонија, радост и мир. Сѐ што детето ќе научи во првите години од животот, го учи имитирајќи, па затоа воспитувачите имаат голема одговорност вистински да бидат со детето, со целосен интерес, топлина, вистинско почитување и искрена желба да му помогнат на тоа мало човечко суштество на неговиот животен пат. Воспитувачот максимално се труди целото внимание да го насочи на децата и на тоа што во моментот им се случува.

 

Нема плакати и паноа во просториите

Целта на валдорфската педагогија е да се создаде удобна околина исполнета со сигурност и топлина како семејна средина. Се користат посебни техники за боење на просторот со нежни и проѕирни бои, за да се поттикнат природноста и прозрачноста, а се избегнуваат плакати и паноа кои им го одвлекуваат вниманието на децата и ја намалуваат нивната креативност. Вештачкото осветление се користи само во крајни случаи.

Освен визуелниот карактер на просторот, се посветува внимание и на сетилото за мирис, користејќи етерични масла, а и на сетилото за звук, но не преку вештачки извори, туку исклучиво преку говор и песна од децата и воспитувачот.

Материјалите што се користат за изработка на играчки се исклучиво од природно потекло, како дрва, волна и свила, за преку игра децата да ги развиваат своите сетила и да ги запознаат материјалите во нивниот изворен облик, какви што може да се најдат во природата. Посебен акцент се става на едноставноста на обликот, за да се направи разлика од оние што се на ниво на карикатури и како такви му го одвлекуваат вниманието на детето од вистинската слика.

Во валдорфската педагогија ретко се користат сликовници, а при изборот на тие што се користат големо внимание се посветува на убавината на илустрациите. Сѐ е подредено на развојот на сетилата на детето во согласност со природата, а и на тоа дека самиот процес на учење е вткаен во игра, така што дури и парчињата мебел имаат функција на играчки.



912

X