Константин, кој сега има осум години, играта „Букви“ заедно со својот татко Димитар Митров ја правел три години, кога сѐ уште одел во градинка. „Букви“ не се продава, бесплатно може да се преземе од „Гугл плеј“, каде што има одлични коментари, оцена 4,9 и над 10.000 инсталации.

Едукативна, забавна, иновативна и безбедна… Вака накратко може да се опише „Букви“, првата игра за македонската азбука што ја направија татко и син.

Константин, кој сега има осум години, играта „Букви“ заедно со својот татко Димитар Митров ја правел три години, кога сѐ уште одел во градинка. Татко му на шега вели дека Коко е всушност креативниот директор. Играта „Букви“ постои неколку месеци, пуштена е на 31 декември 2017 година и има над 10.000 инсталации, што е голем успех.
– Ми ги надмина очекувањата, не очекував дека ќе стане толку популарна – вели Димитар, на кој правењето игри му е голема пасија.

Константин цртал, Димитар програмирал

Како почнала приказната за „Букви“? Димитар првиот компјутер го добил кога бил петто одделение и веднаш станал зависник од видеоигри. Но, по укажувањето од баба му дека грбот и очите го болат токму од тој компјутер, го баталил. Цели 30 години бил без компјутер, но на курс за медитација и јога сфатил дека видеоигрите не се штетни сами по себе.
– Исто како што оганот не е штетен сам по себе. Ако се изгорите, зарем ќе престанете да го користите? Од нас зависи дали тоа што го користиме ќе ни штети или ќе ни биде од полза. Нема бегање од видеоигрите, тоа е факт. Кога со Коко почнавме заедно да играме видеоигри, сфатив дека немаме игра со македонската азбука. Оттука тргнавме – се сеќава Димитар, кој е програмер на игри.

На Коко му дал боички, молив и хартија и му кажал да црта, а тој се подготвил за програмирање. Сѐ што Коко смислувал и цртал, Димитар го претворал во анимација. Некои од деталите во играта се инспирација од нивното секојдневие – на копчето од главната книга што се врти има автопортрет на Коко, лустерот и машината за експерименти ги имаат дома.
– Сакаше да има змеј, па направивме змејче, розовиот трол е исто така негова идеја, како и роботчето и уште многу други. На децата не можеш да им наредиш „ајде сега цртај“, па затоа трпеливо го чекав цела година. Собирав сѐ што ќе нацрташе. Вака всушност почнавме – вели Димитар.

Коко учи во Петстоклоци, омилен предмет му е Голем одмор

Осумгодишниот Коко е вистински шегаџија, хиперактивно синооко детенце кое не го држи место ни пет минути. Неговата креативност и имагинација немаат граници. На секое прашање има досетлив одговор. Го прашувам каде учи, а тој ми вели: Петстоклоци наместо „Песталоци“. Омилени предмети на училиште му се Голем одмор и Пауза за ручек. Најсреќен е кога игра игри и кога црта. На нашето прашање како се вклучил во креирањето на играта, вели:

– Тато ми ми кажа дека ќе правиме игра со буквите и дека му треба моја помош. Му кажав само дека во играта мора да го има змејот, тој ми беше омилен, и туткалчето (розовиот трол). И ги направи – вели Коко.

Коко цртал, Димитар креирал. Во играта го има и гласот на Коко, на другарка му Деа, како и гласот на една заедничка пријателка.
– Коко не можеше да ја каже буквата „р“ додека одеше во градинка, па затоа ја ангажиравме Деа за неколку букви. Едноставно го слушав. Го прашував како да ги направиме буквите за други деца да ги учат, а да им биде интересно. Мора да напоменам дека внимававме играта да не им предизвикува зависност на децата, но сепак да пробуди внимание и љубопитност. И во практика се покажа дека сме успеале, главно децата се задржуваат десетина минути и повторно се враќаат следниот ден – раскажува Димитар.
Играта е интересна и за деца и за возрасни. Покрај учењето на буквите, има еден дел и за одржување рамнотежа, има дел за развивање на логиката. Наменета е за возраст од 3 до 7 години.

„Букви“ не се продава, бесплатно може да се преземе од „Гугл плеј“, каде што има одлични коментари и оцена 4,9.
„Учење букви со изненадувачки добра и богата апликација. Мноштво занимливости и, пред сѐ, успешно избегнато непотребното седење на детето пред екран. Секоја игра води кон тоа, детето да учи пишување, а притоа да не се досадува. Моите две дечиња од претшколска возраст веќе ги научија буквите. Голема благодарност до креаторите на апликацијата“, пишува во еден од коментарите.

Играта постојано се надградува, а креаторите Коко и Димитар се надеваат дека ќе има верзија на повеќе јазици. Коко, кој во слободното време најмногу сака да прави експерименти, има голема желба со татко си да направи уште една игра. Тој веќе има полна тетратка со нацртани ликови кои татко му ќе треба да ги оживее.

Линк за симнување на апликацијата



912

X