За тоа каде е границата, колку треба да му се дозволува на детето кога ќе се разболи, разговаравме и со педијатри и со психолог

Кога се болни, на децата им е потребна поголема нега, повеќе нежност и гушкање. Но, дали тоа значи дека треба да им биде исполнета секоја желба, без разлика на тоа колку е реална. Многу дечиња се разгалуваат додека се болни, па потоа, кога ќе оздрават, родителите си имаат мака додека сè да се врати како што било.
Каде е границата, колку треба да му се дозволува на детето кога ќе се разболи, разговаравме и со педијатри и со психолог. Сите се согласни дека повеќето родители претеруваат со исполнувањето на желбите, и освен на себе, му прават противуслуга и на детето.

Не помагаме со претерано угодување

– Разгалување и разболување – тоа се двете работи кои многу често одат рака под рака, што би се рекло – вели д-р Драгана Eмел, педијатар.
Многу родители, објаснува таа, кога детето ќе има зголемена телесна температура, почнуваат да го разгалуваат.

Д-р Драгана Eмел

– Точно е тоа дека кога детето е болно, со температура, бара наша помош, поплачливо е од вообичаено, вознемирено и поспано. Тогаш родителите почнуваат да му угодуваат мислејќи дека така ќе му помогнат. Тоа најчесто не е така. Ако во тој период почнеме да му одиме по ќеф, тоа нема воопшто да соработува со нас и ќе ни одмага во грижата за него. Во тој период треба да бидеме повнимателни, да го гушкаме, но и да ги спроведуваме советите на лекарот, кои децата најчесто ги одбиваат. Најдобро е да најдеме некоја средина, ако е возможно – вели д-р Емел.

Д-р Весна Стојанова-Атанасовска, исто така педијатар, објаснува дека е несомнено оти на дете што е болно му треба внимание, но внимание во рамките на тежината на болеста.
– Не треба да му се вели, на пример, дека ако го испие сирупчето, ќе му биде купена играчка. Терапијата што е препишана мора да се даде. Не почитувам кога се вели „не сака да пие“, „ми плука“, „повраќа“… Јас велам: „Упорни родители – здраво дете“. Што би правеле со дете кое често се разболува и следствено на тоа дупло повеќе се разгалува, т.е. се однесува како што сака и прави себични работи. Ние, како родители, ќе попуштиме и не сме сториле ништо – вели докторката.


Д-р Весна Стојанова-Атанасовска

Според неа, со премногу попуштање расте ризикот да се порасне дете без воспитание, без почитување и без мерка за доста.
– Велат – не ми е мака што ќе се разболи, туку што ќе се разгали. Да, родители, тоа е така, но вие го дозволувате тоа не размислувајќи дека притоа му правите штета врз здравјето и поведението на своето најмило – вели Стојанова-Атанасовска.

„Не ми е криво што се разболе, криво ми е што се разгали”

Проф. д-р Софија Георгиевска, психолог, вели дека родителите непотребно се шокираат за многу работи.
– На пример, шокот ако детето оди босo по „ладен паркет“ или, пак, кога многу мајки ќе се онесвестат при помислата дека детето ги става рацете в уста, става играчки во устата, или, пак за играњето надвор ако е ладно, врне дожд, ветер дува… Ја знаете реченицата: „Не допирај го тоа, падна на земја, тоа е валкано“. Чудно е како оваа реченица е сè поприсутна во Македонија, многу повеќе отколку во која било друга западна земја. Факт е дека најдобар начин да се изгради имунитетот на детето е да се дозволи одреден контакт со повеќето потенцијални извори на инфекција – прашина, кал, песок, валкани раце… Чувањето деца во речиси стерилна средина има ефект на слабеење на имунитетот – вели проф. Георгиевска.

Но што кога имунитетот ќе ослаби и детето е веќе болно?

– Сега ги сфаќам родителите кои знаеле да кажат: „Не жали му ја болеста, жали му ја ќудта“. Кај некои деца нема некои големи промени во однесувањето при болест, но кај некои разликата е драстична. Дали е ова секаде присутно, дали детето додека е болно не сака да јаде, плаче, се инаети… Или станува збор за разгаленост? Сите ја знаеме поговорката: „Не ми е криво што се разболе, криво ми е што се разгали“. И точно е тоа. Децата кога се болни, имаат милион желби, ама децата се поголеми психолози (а не ретко и манипулатори) од нас. Тие го гледаат нашиот страв од болеста, па поради тоа си се разгалуваат. Но, поголемиот проблем е што дел од тие навики кои ги стекнале додека биле болни потоа тешко се искоренуваат. Секако, родителите, сакајќи да му ја дадат целата љубов, внимание… знаат да направат грешки – објаснува психологот.

Проф. д-р Софија Георгиевска

Сето она што претходно било забрането, според неа, одеднаш станува дозволено.
– Го носат в раце, му даваат да јаде, спијат со него, ги занемаруваат своите обврски… целото нивно внимание е насочено кон детето и тоа станува центар на светот. Но, каде е тука проблемот? Децата што имаат пониска самодоверба знаат да се чувствуваат како победници во оваа ситуација, и сакајќи да го задржат вниманието на мама и тато, развиваат симптом, односно секогаш кога ќе им биде потребно внимание, тие легнуваат болни – вели Георгиевска.
Затоа, дури и кога се болни, секогаш треба да имаме едно на ум – дека родителот е тој што ја поставува границата во воспитувањето. Таа треба да биде јасна и донесена во согласност со договор со детето, додава професорката.



912

X