Писмената согласност треба да е заверена од МВР или нотар
Кога детето патува само со еден родител во странство, треба ли тој да носи со себе писмена согласност од другиот е често прашање на социјалните мрежи, за кое се пишуваат различни одговори. Особено периодов кога почнуваат годишните одмори. За тоа кога треба да се носи писмена согласност, каде да се извади и колку чини, прашавме во Министерство за внатрешни работи.
– Кога дете патува во странство со еден од родителите (кои се во брак) нема потреба од писмена согласност од другиот. Службените лица во ваков случај немаат обврска да побараат писмена согласност – објаснуваат од Министерство за внатрешни работи.
Не треба и за дете на разведени родители
Согласноста е потребна ако детето патува без некој од родителите.
-Согласно законот за патни исправи на државјаните ако лицето до навршени 14 години живот патува во странство или се враќа од странство без присуство на родител или старател или е во присуство на друго лице, за неговото патување потребна е писмена согласност од родителите или старателот. Таа треба да е заверена од МВР или нотар, односно од Државно конзуларно претставништво на Р.С. Македонија во странство – велат од МВР.
Доколку родителите на малолетното дете се разведени, тоа не може да патува со еден од родителите доколку има забрана за патување согласно член 37 од законот.
Од граничната служба на преминот Меџитлија објаснуваат дека во компјутерскиот систем имаат податоци доколку има забрана за патување на дете од разведени родители.
-Системот си дава податоци и ние веднаш гледаме дека има забрана. Инаку, доколку родителите се во брак и детето патува со еден од нив, нема потреба од согласност – објаснуваат оттаму.
50 денари за одобрение во МВР, а најмалку 300 денари на нотар
Ако писмената согласност се зема во МВР за тоа се плаќа само административна такса.
– За издавање на одобрението за патување се наплаќа само административна такса од 50 денари – велат од МВР.
Доколку, пак, родителите одлучат да си ја завршат обврската на нотар, тоа ќе ги чини поскапо. Според тарифата се плаќа 420 денари ако нотарот ја изготви содржината на документот.
-Доколку родителите веќе имаат изготвена согласност се плаќа 150 денари од потпис. Со оглед на тоа што се плаќа за двата потписи, оваа услуга чини 300 денари – објаснува нотар.
912