Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето девојчето има 4 години. Како бебе спиеше во својата соба, во свое креветче. Со оглед на тоа што почесто ја доев и јас одреден период спиев во таа соба, на друг кревет. Тоа траеше до 2,5 години. Се разболи и почна да спие со нас. Кога купивме поголем кревет, направивме возбуда и си се префрли повторно да спие во својата соба. Меѓутоа, по неколку месеци среде ноќ се префрла да спие со нас. Прочитавме многу поделени мислења околу тоа дали детето треба да спие со родителите. Што мислите за ова?
Прашува: Сара

ОДГОВОР: Почитувана Сара, пожелно е вашето девојче да се навикнува да спие само во сопственото креветче, но очигледно е дека за да се постигне тоа, ќе бидат потребни голема посветеност и работа за да се створи навика да спие во сопственото креветче и притоа да се чувствува сигурно и комфорно со тоа. На почеток, треба да ја успивате во нејзиното креветче, да ѝ читате, или да бидете со неа разговарајќи за она што сметате дека сака да разговара или ја смирува. Ќе има периоди на враќање во вашиот кревет, и кога тоа ќе се случи, станете заедно со неа, однесете ја повторно во нејзиното креветче и останете додека да заспие, овозможувајќи ѝ комфор. Ова одвикнување знае да биде напорно за родителите, но по некое време станува веќе востановено однесување.

Во текот на денот можете да зборувате за тоа како е да се спие во сопственото креветче и како тоа е знак дека таа расте и се осамостојува, станува голема. Можете и да ја пофалите пред најблиските со тоа што ќе ги нагласите емоциите за тоа како сте позитивно изненадени дека вашата ќеркичка спие во нејзиното креветче.

Никако не споредувајте ја со други деца кои знаете дека спијат во нивното креветче или, пак, не наметнувајте ѝ дека и таа веќе треба да го прави тоа. Навечер, пак, многу поважниот аспект, периодот кога емотивниот ум е под слаба контрола на свесниот ум, затоа што сите свесни заштити се паднати и реакциите се најмногу инстинктивни и импулсивни, потребно е смирување, комфор, нега и љубов, но воедно и смирувачко движење со кое вие гарантирате дека ќе бидете до неа сè додека таа заспива во сопственото креветче. И некоја омилена играчка, ќебенце, како преносен објект, може да придонесе кон смирувањето, и доколку имате таков, нека биде со неа во креветчето. Ова има слична динамика како кога одвикнувате дете од ноќно хранење, затоа што се менува дотогашниот комфор и се заменува со нов, но тогаш кога детето ќе го почувствува како таков. Затоа се потребни многу разбирање и љубов. А доколку навистина се уморувате, тогаш договорете се со сопругот да се менувате во заспивањето и одговорностите за враќање во нејзиното креветче.

Многу е битно да бидете упорни и да не се компромитирате во намерите, а и заедно со сопругот да ги договорите и усогласите стратегиите, затоа што најтешко е кога еден гали, а друг не дозволува.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X