Начинот на кој разговараме со децата е начинот на кој тие разговараат со нас – тоа е двонасочна улица во која го добиваме она што го даваме.

Ако сакате да остварите квалитетна врска со детето и да воспоставите мост на доверба, најважно е да разберете дека вие како родител треба да се приспособите и ако треба, да го промените својот начин на комуникација.

Размислете пред да почнете да критикувате

Просечниот родител во Америка на детето му упатува осум пати повеќе критики отколку пофалби. Вакви истражувања што ги „бројат“ критиките не се спроведени кај нас, како и заканите, уцените, условувањата што им ги упатуваме на децата. Ќе речете – ништо страшно, и нашите родители правеле така… Се согласувам. Меѓутоа, ако знаеме дека освен што влијаат врз самодовербата, критиките може да станат и длабоко ограничувачки уверувања со кои детето ќе живее подоцна (не сум доволно добар, помалку вредам, не заслужувам ништо, ништо не умеам да направам како што треба…), прашање е дали и понатаму ќе мислиме дека „нема ништо страшно“ во критикувањето. На овој начин вниманието на детето се насочува кон сознанието дека нешто не е како што треба, дека не е доволно добро, но тоа не е конструктивно. Освен што критиката предизвикува негативна емоција и чувство на понижување, детето и понатаму не знае што треба да направи поинаку, бидејќи се подразбира дека ако е искритикувано, самото треба да заклучи што и како треба да направи подобро.

Заборавете на негацијата

За да може нашиот ум да разбере дека нешто нема, прво мора да замисли дека нештото постои. Затоа говорот во негација нема смисла, бидејќи фокусот секогаш се става на она што не го сакаме. На пример, кога ќе му кажете на детето: „Не плаши се од мракот“, фокусот е на зборовите „се плашиш“ и „мрак“, бидејќи мозокот не ја препознава негацијата. Кога ќе кажете: „Не трчај, ќе паднеш“, трчањето го поврзувате со паѓањето. „Не фрлај ги работите на подот, не допирај ја храната со нечисти раце, не прави го тоа…“, колку пати сте ги изговориле овие реченици и каков резултат имале? Важно е да разберете дека децата не ги прават намерно работите што им ги забранувате, туку вие несвесно, со конструкцијата на барањата ги насочувате кон нив. Обидете се на детето да му кажувате што треба да направи – „Биди внимателен кога трчаш, стави ги работите во орманот, измиј ги рацете кога ќе влезеш дома, ќе ја оставиме ламбата вклучена преку ноќта…“

Освен што ќе зборувате во позитива, и вие и детето ќе навикнете да ги гледате решенијата и добрите работи наместо да се фокусирате на она што не чини. Ваквиот начин на говор треба да ви премине во навика, а за тоа е потребно вежбање. Секогаш кога ќе забележите дека сте ја започнале реченицата со негација, вратете се чекор назад и коригирајте се. Со текот на времето ќе ви стане природно така да зборувате, а таа навика ќе му ја пренесете и на детето.

Ќе сфатите колку е добар ваквиот начин на комуникација ако обрнете внимание на влијанието што овие реченици го имаат врз вас: „Не би било лошо сега да ја напишеш домашната задача“ и „Би било добро сега ја напишеш домашната задача.“ Верувам дека сте почувствувале сосема поинаква енергија и порака дека „можете да се ставите во положба на детето“ и да почувствувате како му влијае оваа порака.

Молчењето (не) е злато

Молчењето исто така е облик на комуникација и пожелно е на детето да му даваме време да размисли за нешто. Меѓутоа, молчењето често се користи и како казна. Тоа е и вид психолошка игра, па оној што ќе успее подолго да молчи, излегува како „победник“. Децата во оваа „игра“ имаат многу поголемо трпение од возрасните и главно ја применуваат кога сакаат да добијат нешто. Возрасните ја применуваат кога се лути и наместо објаснување, детето го „казнуваат“ со тишина. Како тоа влијае врз детето? Главно тоа се чувствува како виновник, мисли дека не ја заслужува љубовта од родителите, дека не е доволно вредно за нивното внимание… Многу е покорисно на детето да му објасните кое однесување е неприфатливо за вас отколку да го казнувате со тишина. Не очекувајте дека детето само ќе може да донесе заклучоци кое негово однесување не го одобрувате, па затоа не зборувате со него. Тоа ќе ве прашува: „Што ти е, мамо, зошто молчиш?“ а тоа што нема да му дадете одговор кај него ќе предизвика непријатност, лоши емоции и несигурност. Дали навистина сакате вашето дете така да се чувствува?

Конструктивните разговори и уважувањето на личноста на детето ќе донесат многу подобри резултати, а нема да го нарушите вашиот однос, туку напротив, дополнително ќе го зајакнете.

Автор: Драгана Алексиќ, професионален семеен тренер

 



912

X