Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање на одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk

ПРАШАЊЕ: Мојот син, кој има 4 години, одеднаш почна да ги завлекува зборовите кога раскажува нешто, како да му е тешко да ги изговори. Интересно е тоа што како што поминуваше денот, говорот му стануваше сè потечен, па си мислев дека имитира некое дете од градинка. Едната воспитувачка ми рече дека треба да го опоменувам при секое такво зборување, а другата дека треба да го игнорирам. Не сум сигурна што да преземам и дали ова е за дефектолог или за психолог. Инаку, ваквото зборување трае веќе 3 месеци.
Прашува: Маја

ОДГОВОР: Почитувана Маја, ако уочувате дека детето има правилен говор во една ситуација, а во друга говорот е изменет, тогаш можно е да станува збор за некоја манипулација преку говор. Со оваа манипулација вашиот син можеби сака да предизвика одредена ваша реакција. Еве една листа со прашања со цел да добиете повеќе увид во неговата ситуација: Која е мојата реакција што ја добива кога го развлекува говорот? Поточно каква реакција сака да предизвика кај мене со развлечениот говор? (како јас се чувствувам и реагирам кога тој прави така). Дали се појавува кога раскажува што било или е поврзано со раскажување на некоја содржина? На што ви личи тоа завлекување? Може да е имитирање, па можете да го прашате: А кој зборува вака? Си запознал некој што зборува вака? Многу значајно е и прашањето дали сака сам да раскажува или вие барате од него да раскажува? Така што можеби ќе откриете дека не сака да раскажува, но се чувствува притиснат да раскажува, па се јавува некој отпор кој се рефлектира на негово неразбирање и инает. Тие години се познати по инаетливо однесување и „не“ во секоја форма, ова „не“ е функционално, дозволува одредено осамостојување на детето од родителите и самостојно истражување на средината и релациите во кои се наоѓа. За жал, немам многу информации за вашата ситуација и потребна е опсервација и подетален разговор околу настанатата појава. Појавата може да се менува тогаш кога сме спремни да прифатиме дека се случува со нашето дете, и се обидеме со него да си играме преку можните опции на контакт со самата појава. Се надевам дека барем ви донесов некои насоки за размислување. Многу е значајно да истражите многу повеќе што всушност сака да каже овој мал бунтовник☹ пред да одлучите која стратегија ќе биде најсоодветна за вас и за вашето дете.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 070734512



912

X