Во Македонија годишно се запишуваат околу 20.000 првачиња, а нивниот број секоја година опаѓа
Потврда од лекар во која има податок за примените задолжителни вакцини издадена од надлежна здравствена установа, фотокопија од Извод на матична книга на родените (за идентификација на ученикот која му се враќа на родителот/старателот) и потврда од систематски преглед од стоматолог, издадена од стоматолошка ординација. Ова се документите што се потребни за да запишете дете во прво одделение.
Лекарските потврди што се земаат во поликлиниките кои се дел од пунктовите за вакцинација, како и оние што се вадат во ординациите за детска превентивна стоматологија, се бесплатни. Единствено право да наплаќаат за нив имаат матичните лекари.
Фото: Архива
Документите што се потребни за упис останаа исти како и минатата година.
– Кај нас веќе почнаа уписите на првачиња. Документите што ги бараме од родителите се исти како и изминатите години. Не сме добиле некакви нови насоки од надлежните министерства во врска со документите. Потврдата за примени вакцини ја баравме и лани, ја бараме и годинава – велат во основното училиште „Димо Хаџи Димов“.
Уписите ги врши училишна комисија
Овој месец се вршат уписи на првачиња за учебната 2019/2020 година. Уписите ги врши училишна комисија која преку разговор и тестови ја проверува емоционалната зрелост на децата, како и тоа колку се одговорни и подготвени за претстојните обврски. Децата ќе бидат дел од деветгодишното основно образование.
Во последниот извештај на Државниот просветен инспекторат за квалитетот на наставата, инспекторите констатирале дека за упис на деца во прво одделение не се користат стандардизирани тестови. Училиштата добиле препорака да се изработуваат вакви тестови со исти услови и критериуми.
Во Македонија годишно се запишуваат околу 20.000 првачиња, а нивниот број секоја година опаѓа.
Што ако детето не е подготвено за на училиште?
Согласно членот 46 од Законот за основно образование, родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. По исклучок, детето може да се запише во прво одделение ако наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот и психологот во училиштето. Запишувањето на детето на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.
– Во ваков случај, родителот кај матичниот лекар закажува термин во Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Овде, тим од педијатар и психијатар разговараат со детето и со заедничко мислење кажуваат дали детето треба да продолжи или не. Се пишува во потврдата дали да се запише во прво или не и се даваат препораки дали да вежба со дефектолог, логопед и слично. Оваа потврда се наплатува со партиципација за прегледот, односно чини 250 денари. Некои дечиња се ослободени, зависи од дијагнозата или состојбата. Термини преку „Мој термин“ има – информира Лидија Поповска, раководител на Заводот.
Бистрица Станковска, директорка во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром, информира дека со учениците и со нивните родители ќе се водат разговори при уписот.
– Услов е детето да ја исполнува возраста, односно во календарската година да наполни шест години – вели таа.
912