Дали постои празнична отуѓеност во семејните односи!?

Она што ги прави семејствата блиски и расположливи за убави заеднички ручеци или, пак, празнични соединувања и собирања во кои сите ќе имаат отворена комуникација меѓу себе се токму создадените односи во раното формирање на семејството, а кои минуваат низ 6 нивоа: блискост, сличност, припадност, значење, љубов и способност да те прифаќаат.

Секое ниво го прави односот помеѓу родителот и детето посилен и обратно, недостигот или неразвиеноста на кое било од нив ја ослабува врската родител-родител и родител-дете.

Отсуството на овие нивоа на приврзаност децата ги прави осамени и изолирани, притоа барајќи ја ненаметливо и очајно близината на своите врсници.

Близина

Секоја соработка помеѓу родителот и детето помага да се развие близина со детето. Дури и ако тие се секојдневни моменти, било да е тоа прегратка или шаховска игра, тие активности му покажуваат на детето дека сакате да бидете покрај него. Ако детето има впечаток дека не им носи радост на своите родители, тоа почнува да бара поблизок однос со своите врсници и да се едуцира за основните животни вредности токму од нив. Така почнува тврдоглавото барање пријателства, следејќи ги врсниците, а целосно отфрлајќи го родителскиот совет и учество. Многу често самите родители ги поттикнуваат своите деца активно да комуницираат со своите врсници бидејќи сметаат дека тоа е природен процес на раст и развој, но на децата секогаш им требаат родители.

Сличност

Кога имате нешто заедничко со вашето дете, било да е тоа љубов кон фудбал или јавање, или ист вид сладолед, таа сличност ги зајакнува врската и односот родител-дете. Ако вашето дете се разликува по карактер, темперамент или изглед од вас, вашите интереси и интересите на вашето дете може да бидат причина што ќе ве приближат. Детето кое смета дека нема ништо заедничко со своите родители, ќе се чувствува или неразбрано и осамено, или ќе почне да бара сличности со своите пријатели и врсници каде што постои ризик дека повторно ќе се чувствува осамено бидејќи за децата е карактеристична нестабилноста во односите со врсниците, а тоа дополнително би било негово разочарување и фрустрација.

Припадност

Преку обезбедување чувство на припадност вие му покажувате на детето дека ќе бидете секогаш до него и ќе го поддржувате. Детето кое не чувствува поддршка од членовите на семејството, гледа во нив повеќе непријатели наместо пријатели. На пример, кога мама ја зазема страната на наставникот при проблем во училиште или кога тато ја коментира лошата игра на синот на фудбал пред децата. Кога чувството на припадност отсуствува, децата стануваат агресивни, нервозни и повторно се свртуваат кон своите врсници, бидејќи „нивните родители не ги разбираат“. А нивните пријатели едноставно не се во состојба да им го обезбедат неопходното чувство на заедница и припадност.

Значајност

Кога зборовите и постапките на родителите не оставаат сомнеж дека за нив детето е уникатно, единствено и омилено, тоа создава плодна почва за развој на блиски и доверливи односи меѓу нив. Ако детето не ја чувствува важноста во семејството, тоа повторно почнува да ја бара надвор.

Љубов

Љубовта е храната што нè одржува живи. Тоа му помага на детето да стане интегрирана и целосна личност. Кога детето расте без оваа елементарна љубов, демонстрирана од неговите родители, тоа почнува да ја бара меѓу своите врсници.

Да те прифатам каков што си

Последното и најважно ниво на приврзаност, а тоа е те прифаќам таков каков што си. Се однесува на личноста на детето, секако, не на неговото однесување и поведение, со што вашето дете ќе биде отворено со вас и секогаш ќе биде подготвено да ги сподели своите мисли и чувства. Детето што доживува длабока приврзаност кон своите родители, сака да биде сигурно во тоа дека секогаш може да им верува. Тоа не значи дека ќе го прави постојано, но ви дава гаранција дека ќе го цени вашето мислење и влијание, и ќе бара совет од вас во критични и непријатни ситуации.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог



912

X