Симбиотската врска е специфична за првите месеци од животот на бебето, кога мајката или таткото ги задоволува базичните потреби на бебето за да се развива и расте, а бебето е зависно од грижата и негата на родителите, вели психологот Надица Скепароска-Петковска
„Проодевме, но сè уште цицаме и какаме во пелени. Болни сме и не одиме во градинка. Ни порасна првото запче!“ Во секојдневниот говор, на социјалните мрежи, пред своите деца, голем е бројот на родители што на овој начин, во множина, раскажуваат за сè што се однесува на нивното дете.
Како ова се одразува врз усвојувањето на мајчиниот јазик, која е психолошката причина за ова масовно однесување на родителите, како влијае врз децата?
Предизвикува намалена самодоверба кај детето
Станува збор за продолжена симбиотска врска на родителот и детето, вели магистерот од областа на клиничката психологија, Надица Скепароска-Петковска од скопското советувалиште „Мозаик“. Според неа, симбиотската врска е специфична за првите месеци од животот на бебето, кога мајката или таткото ги задоволува базичните потреби на бебето за да се развива и расте, а бебето е зависно од грижата и негата на родителите.
– Во одредени случаи таа симбиотска врска опстојува и во подоцнежниот период. Така, детето не може да помине низ наредните развојни фази, како: сепарација и индивидуација. Продолжена симбиоза во превод значи – родителот има тешкотии со прифаќање, почитување и разбирање дека другата личност (во случајот детето) е посебен субјект. Во тој случај станува збор за родители кои веруваат дека нивните деца имаат еднакви желби и потреби со нивните – вели таа.
Според Скепароска-Петковска, родителите што користат ваков говор, на социјално ниво праќаат порака дека тие заедно со детето поминуваат низ сите развојни фази и доживуваат сè како ним да им се случува.
Надица Скепароска-Петковска
– На имплицитно психолошко ниво испраќаат порака дека се идентификуваат со детето и дека ја негираат детската самостојност и индивидуалност. Еден од можните исходи е намалена самодоверба кај детето, која се поткопува преку имплицитната порака: детето не може да размислува со своја глава и да споделува мислење. Друг исход е појава на пасивност кај децата и тинејџерите. Пасивност во препознавање на своите лични потреби и желби, како и нивно изразување – вели Скепароска-Петковска.
Не би требало да се одрази трајно врз говорот на детето
Како се одразува тоа на раниот детски говор? Според проф. д-р Благица Петковска од Педагошкиот факултет во Скопје, оваа тема е интересна за интердисциплинарни, психолингвистички проучувања. Таа долго време работела во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, а нејзините научно-стручни интересирања се поврзани со повеќе македонистички теми и со методиката по предметот „Македонски јазик“ во одделенската настава. Петковска објаснува дека во раната постнатална фаза јака е врската меѓу мајката и детето, така што таа се идентификува и говорно со него – говори во множина.
– Не верувам дека тоа е тренд зашто и јас сум била таква мајка тогаш, дури и сум зинувала уста кога сум го хранела. Подоцна, кога децата го развиваат алтер егото, свеста за индивидуалноста, мислам дека родителите веќе прекинуваат со вакво општење во множина. Ваквиот пристап не би требало да се одрази трајно врз говорот на детето – вели Петковска.
На прашањето дали го забавува природниот тек на совладувањето на јазикот, особено што логопедите сè почесто нагласуваат дека децата во Македонија подоцна прозборуваат, Петковска вели дека доцнењето со говорот не е во врска со начинот на кој родителите им зборуваат на своите деца.
– Проблемот е многу покомплексен и заслужува сериозно истражување. Треба да се размислува за еднонасочната и долга „јазична комуникација“ со телевизорите, телефоните и таблетите со цртани филмови, отсуство на јазичен говорител кој треба постојано да е со детето, наместо електрониката, и други фактори поврзани со психофизиолошкиот развој на детето – вели таа.
Според неа, во образовно-воспитниот процес воспитувачот, а потоа наставникот треба да е модел за акустичка очигледност на правилен, култивиран говор на нормиран македонски јазик.
– Јазичните содржини, т.е. јазичната писменост треба програмски да се усовршува, да се развива во наставната работа. Претходните наводи, уште во градинката, треба да се само минато искуство кај ученикот, детето. Значи, не треба да има пречки во говорниот развој зашто во наставната комуникација се коригираат и други јазични недостатоци (присутност на дијалект, жаргон, нестандарден говор) – појаснува Петковска.
912