Родителите се задоволни и предлагаат идеи за следна дружба, а учениците освен што учат низ игра, стануваат и поблиски

Децата полесно учат низ игра, кога наставата е интересна, низ дружење. Таа, пак, може да биде во фабрика, во природа, во некој голем двор, со родителите во некој дом, додека се сечка, меси, пече… Одделенската наставничка Мица Митева од основното училиште „Димката Ангелов Габерот“ во Кавадарци ги користи искуството од 31-годишниот работен стаж и креативноста, па не само што креира нови игри преку кои учат нејзините ученици, туку и во нив ги вклучува родителите, стручните лица од различни области…

– За подобра соработка, дружење и зајакнување на врската родител-ученик-наставник, организирам најразлични средби, дружења… Посетуваме, набљудуваме институции, погони за производство, а имаме и предавања од родители. На овие посети родителот е наставник и објаснува за одредена тема, а и одговара на прашањата што ги поставуваат учениците. Така родител ни објаснуваше како од сусам се добива таан, како од полупроизвод на дрвото се добива готов мебел – раскажува Митева.

Наставничката вели дека 2-3 пати во учебната година училницата се заменува со домашни услови, во договор со родителите.
– Тоа го правиме во домот на некој од учениците. Таму одржуваме два или три часа кои се во корелација со оние по општество, математика, македонски јазик и ликовно образование. Користам наставни техники и методи, а значајно е тоа што сите часови се преку игра – вели таа.

Математика со месење погача и крстозбор за поинтересно учење

Со вторачињата наставничката и родителите извеле часови по општество, математика и по македонски јазик.

– Започнавме со добивање готов производ од брашно – погача. Преку решавање крстозбор се откриваше патот на зрното пченица до добивање готов производ. Потоа учениците заедно со мене и родител го месеа тестото и направивме погача. Додека чекавме да стаса и да се испече погачата, тие ги решаваа задачите, кои повторно беа поврзани со соодветната наставна содржина – објаснува нашата соговорничка.

Интересот и на учениците и на родителите е многу голем.
– Учениците се многу возбудени, а пред сè активни во работата и пројавуваат желба да имаат што повеќе вакви часови. Соработката со родителите е на високо ниво. Ја имам нивната поддршка за реализација на содржините и секоја друга активност. Ми се јавуваат, се понудуваат за извршување на дадената задача. Секоја идеја од страна на родителите, а и на учениците заедно ја разгледуваме и ја реализираме – вели наставничката.

Бинго и бонтон

Игрите најчесто ги осмислува таа, но ѝ помагаат и учениците и родителите. Последниот ваков час бил за бонтон по наставниот предмет општество. Учениците работеле во мали групи и напишале правила за убаво однесување, односно бонтон за на гости. Самите ученици се договориле: ако некој не се однесува по бонтон, да го опоменат со зборот „бонтон“. Тогаш ученикот што направил грешка се извинува и се поправа.

– На почетокот се игра играта Бинго, во која секој ученик добива листа со зборови кои треба да ги внесе во табела која е нацртана на лист. Треба да се внимава да ги внесе само зборовите што се за убаво однесување зашто на листот се напишани и други зборови. Потоа се почнува играта. Се влечат зборови и ученикот кој ќе погоди четири збора хоризонтално или вертикално последователно извикува Бинго! и е победник. Играта продолжува додека три ученици не добијат бинго. Со оваа игра ги учиме зборовите за убаво однесување кои треба да се користат во секојдневниот живот, а има натпреварувачки дух помеѓу учениците. Во играта ни помага и родител кој ги влече зборовите за бингото – вели Митева.
Дополнително, учениците самостојно пишуваат реченици и внимаваат да се однесуваат пристојно, без повишување на гласот.

Среќни и задоволни и родителите и децата

Родителите се задоволни од ваквата работа, а учениците стануваат поблиски меѓу себе.
– Дури и родителите стануваат поблиски со учениците. Од лицата на учениците се гледа дека се пресреќни, весели, насмеани и полни со убави впечатоци – вели наставничката.

За ученикот, смета таа, не е важно дали седи на подот или на столчето во собата. Помислата дека игра прави да се чувствува поопуштен и послободно се изразува.
– Сите ученици се активни и секој сака да биде поуспешен од другиот, се труди да ги реши точно дадените задачи, притоа и да биде победник, а со тоа ја совладал и наставната содржина. Последниот час што го изведовме беше набљудуван од педагогот на училиштето, Јованка Шкартова – објаснува Митева.

Таа ја сака својата професија и ја работи со љубов.
– Сакам да истражувам и сето она што е добро и е корисно за учениците со задоволство им го пренесувам. Го почитувам мислењето на родителите, на учениците, а исто така и мислењето на колегите – додава наставничката.
Наредното дружење е планирано да го одржат во двор и да работат по наставните предмети македонски јазик, математика и ликовно образование.



912

X