Изгорениците се локални промени што настануваат под дејство на пламен, врела вода или масло, вжештени предмети, електрична струја и апарати, а можат да настанат и под дејство на сончање, како и од киселини и бази.

Некогаш може да имаат дејство врз целиот организам. Чести се кај децата, особено кај темпераментните и љубопитните, кои за еден миг можат да дофатат лонец со врела супа или да допрат вжештена пегла или рингла. Некогаш при играњето може да го повлечат и чаршафот на кој се наоѓа врела течност, целосно несвесни, додека ја истражуваат околината. Во текот на играта понекогаш седнуваат во сад со врела вода бидејќи сѐ уште немаат страв. Постарите деца се повредуваат играјќи си извидници и палејќи логорски оган, или додека експериментираат околу електричните апарати, кабли и штекери, а притоа не знаат доволно за огнот.

На изгорената површина кожата станува многу црвена, се јавуваат оток и плускавци. Овие изгореници се многу болни и детето вреска веднаш по контактот со топлината. Кај најтешките облици на изгореници може да се појави сува кафеава или дури црна боја на кожата. Најчесто доаѓа до повреда на кожата и на слузокожата, но некогаш може да бидат зафатени и подлабоките ткива. Изгорениците настанати од пламен обично зафаќаат поголем дел од површината на кожата бидејќи најчесто гори и облеката. Температурите над 45 степени обично предизвикуваат изгореници, но во текот на сончањето може да се јават и при пониски температури.

Изгорениците се делат на четири степени во зависност од тоа колкава површина од телото зафаќаат и на која длабочина, а кај децата оваа поделба е уште позначајна отколку кај возрасните поради малата површина на детското тело. При пожар или дејства на некои супстанции, покрај локалните повреди, можат да настанат и оштетувања на горните дишни патишта, оток и црвенило. Доколку изгорениците се на поголема површина, можат да бидат многу опасни бидејќи доаѓа до големо губење течности преку нив, дехидрација и состојба на шок.

Поради ова, во сите простории каде што престојуваат деца најважна е превенцијата за да не дојде до изгореници. Не оставајте го детето без надзор покрај вклучена пегла, рингла или рерна во собата, дури ни за момент. Или поведете го со себе или исклучете го изворот на топлина. Не ставајте топла храна врз чаршаф кој е достапен за детето и кој може да го повлече, гответе на подалечната рингла, рачките од тенџерињата и лонците нека не надвиснуваат над достапната страна затоа што детето може да ги турне. Никогаш не изложувајте го детето на сонце во периодот од 11 до 17 часот, особено не на подолг временски интервал и без заштитни кремови за сончање. Ако веќе се појавиле изгореници, постојат неколку работи што задолжително треба да ги направите:

1. Отстранете го изворот на топлина.
2. Извлечете го детето од затворениот простор. Ако облеката гори, положете го детето на подлога, со лицето свртено надолу, и покријте го со некаква прекривка (палто или ќебе). Ако детето дошло во допир со струја, внимателно отстранете ја жицата или исклучете ја струјата.
3. Доколку детето е без свест и не покажува знаци на живот, веднаш почнете со оживување и повикајте итна помош. За помали изгореници и ако детето е свесно, нема потреба од итна помош.
4. Ослободете ја изгорената површина со соблекување на облеката и обувките.
5. Изладете ја изгорената површина. Помалите површини ладете ги со мраз и студена вода. Кај поголемите изгореници потопете го изгорениот дел во вода или ставајте влажни облоги (30-45 минути). Користете вода од водовод. Површината на изгорениците ладете ја сѐ додека не престане чувството на болка.
6. Покријте ја изгореницата многу нежно со чист чаршаф, доколку изгореницата е поголема.
7. Мирно и сталожено разговарајте со детето, смирете го и не карајте го за тоа што се случило.

НИКОГАШ НЕ ПРАВЕТЕ ГО СЛЕДНОВО:

1. Бебињата и малите деца со поголеми изгореници не потопувајте ги во студена вода и немојте цели да ги ладите на друг начин.
2. Не ставајте масло, путер, маргарин, ниту каква било друга маст на изгореницата.
3. Не викајте му на детето, бидете смирени и сочувствителни.

Иако се честа појава кај децата, изгорениците можат да се спречат така што однапред треба да мислиме што може да биде опасно за нашето дете. Чувајте го детето да не се изгори, согласно возраста учете го за опасностите од изворите на топлина и бидете внимателни, секогаш еден чекор пред своето дете. Подобро е да се спречи отколку да се лечи.

Автор: Милена Николиќ, педијатар



912

X