Најопасни се УВ-Ц зраците, кои комплетно се апсорбираат од озонската обвивка на Земјата. Другите два вида, УВ-А и УВ-Б, имаат различен ефект врз човечкото тело

Умерената изложеност на сонце е корисна за сите. Ултравиолетовите Б зраци – УВБ стимулираат производството на витамин Д3, а тој е важен за добро здравје, правилен раст и цврсти коски. Сепак, само мала доза на сонце секојдневно е сè што му е потребно на организмот, велат лекарите. Иако постојат многубројни фактори на ризик, се смета дека прекумерна изложеност на УВ-зрачење е најчеста причина за сите форми на рак на кожата. Се препорачува децата и бебињата да не се изложуваат на директно сонце и задолжително да се заштитат.
Постојат три главни вида УВ-зраци од сонцето. Најопасните се УВ-Ц зраците, кои комплетно се апсорбираат од озонската обвивка на Земјата. Другите два вида, УВ-А и УВ-Б, имаат различен ефект врз човечкото тело.

– Два главни вида УВ-зрачење на кои сме изложени навлегуваат во кожата на различни длабочини. Прекумерното изложување на сончевите зраци ќе доведе до оштетување на ДНК и ткивото. Во најдобар случај, ова предизвикува предвремено стареење и брчки. Во најлош случај, доведува до трајно оштетување и, на крајот, до рак на кожата – велат лекарите од ИЈЗ.

Кожата памети

Оштетувањето на кожата од сонцето е трајно. Додека изгорениците може да исчезнат, главните промени на кожата остануваат. Секој нареден период на продолжена изложеност, објаснуваат лекарите, прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имунолошки систем и генски материјал на кожата.
Лекарите велат дека користењето заштитни средства не ги вклучува основните мерки на заштита што треба да се преземат при изложување на сонце. Тие препорачуваат засолнување под сенка и да се избегнува сонцето во периодот кога е најјако.
– Не изложувајте ги директно на сонце бебињата и малите деца. Заштитете се себеси, бебињата и малите деца со шапки, очила за сонце и маица. Изберете заштитен фактор соодветен за вашиот фенотип на кожа. Нанесувајте го најмалку половина час пред изложување на сонце и повторувајте го нанесувањето особено по капење, потење и бришење со крпа – советуваат од ИЈЗ.

Меланом – најопасен рак на кожа

УВ-индекс е меѓународна, научнa мерка за нивото на ултравиолетово зрачење од сонцето. Тој се користи за да се опише силата на сонцето на одредено место и во одредено време. Индексот има опсег од 1 до 11. Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот за оштетување на кожата.

Инаку, меланомот е најсериозниот, најмалигниот карцином на кожата и слузниците. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат во другите делови на телото и тогаш неговото лекување е потешко, a исходот може да биде фатален. Може да се најде и на други места.
Меланомите најчесто настануваат од веќе постојни бенки, а помалку директно од кожата. Ризик за настанување на меланомот, велат од ИЈЗ, постои и кај таканаречените обични бенки ако повеќе пати се трауматизирани, односно ако се на место на кое постојано се изложени на триење (каифчиња на градник, копче, каиш, раб на алишта, при бричење итн.).
Во последните пет години меланомот е на листата со најчести малигни заболувања. Главно се појавува кај белата раса. Најмногу е распространет во Австралија и во земјите со големо ниво на сончево зрачење. Во земјава во 2016 година од меланом умреле 59 лица, од кои 38 се мажи, а 21 се жени. Во Европа годишно заболуваат околу 14 на 100.000 луѓе.

 



912

X