Сѐ што денес доживуваме како модерно воспитување, всушност, постои речиси три века. Кога почнала да се развива мислата за поинаков начин на воспитување, како течела и што денес применуваме, прочитајте во текстот што следува.

Различните гледишта во областа воспитување и образование, уште од периодот на хуманизмот и ренесансата (14-16 век), се вртат кон детето како центар на педагошките и општествените настани. Критикувајќи ги средновековното влијание на црквата и религиските догми, како и сколастичкиот начин на образование, со кои се задушуваат природните потенцијали и способности на детето, а се наметнуваат непотребни и бескорисни знаења, педагошката и општествената реалност почнува да се врти кон детето, истакнувајќи го гледиштето за човекот како мерило за сите работи, со што се изразува вербата во човечката добрина, во неговите природни можности и способности, а вниманието се насочува и кон начините и методите со кои ќе се овозможи сестран развој на секој поединец, а со тоа и општ прогрес на човештвото.

Во овој период, во делата и практичните дејности на филозофите и мислителите од земјите во Европа сѐ повеќе се истакнува природата на детето, неговите вродени потенцијали и љубопитност, како и важноста на планирањето и организирањето на воспитните постапки со кои ќе се овозможи манифестирање и поттикнување на човечката природа.
Ваквите сфаќања и гледишта, кои во центарот на педагошките и општествените настани го ставаат човекот, односно детето, неговата природа и индивидуалност, и понатаму ќе се развиваат, а свое најголемо влијание врз севкупната општествена стварност пред сѐ ќе остварат во 18 век, во периодот на просветителството.

Идеи и зачетоци на индивидуалната психологија

Најзначајните идеи и сфаќања за почитување на природата на детето, неговите вродени потенцијали и способности, ни ги овозможил швајцарско-францускиот филозоф и хуманист Жан Жак Русо (1712-1778), кој се смета за највлијателен мислител и теоретичар во периодот на просветителството (18 век).
Со својот став дека воспитувањето на детето пред сѐ треба да биде природно, и со многу изразен педагошки оптимизам и доверба во способностите со кои доаѓаме на овој свет, Русо инспирирал многу подоцнежни педагози своите педагошки концепции да ги засноваат токму врз постулатите што тој ги поставил.

Педагошките сфаќања на Русо претставуваат главен извор за идеите на индивидуалната педагогија, правец кој настанал и се развивал на крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Во својата воспитна дејност, Русо поаѓал од детската природа, таква каква што е во дадениот момент, а не од замислениот идеал кон кој треба да се тежнее. Во своето најзначајно дело, „Емил, или за воспитувањето“, Русо истакнува неколку принципи врз кои ја темели својата педагогија.

Основниот принцип на воспитувањето е принципот на природноста, со кој се нагласува почитувањето на детската природа, неговите природни потенцијали и способности. Русо верува во природната добрина и чистотата на човечкиот разум и срце, па така укажува на карактеристиките на детската природа – тие се вродени, универзални добри особини, својствени за секој човек. Секое дете во себе носи доблести кои се манифестираат на различни, индивидуални начини, па треба да се откријат, да се разбудат и да се развиваат.
Бидејќи оваа природа и самата е основа на животот, Русо ја зема и за основа на воспитувањето, на која се потпира и на која секогаш ѝ се враќа при изборот на воспитно дејствување, содржини, методи, цели, но и при изборот на детскиот воспитувач. Одредувајќи го човекот, детето, природното битие, како основен извор, критериум и мерка која е најзначајна во воспитувањето, Русо го поставува поединецот како вредност поважна од општеството, цел на државата или црквата. Тој бара да се стремиме да ги развиваме вродените квалитети што ги носиме во себе, и да не дозволиме надворешните околности да нѐ направат сурови и лоши.

Русо од принципот на природноста ги изведува и останатите принципи – принципот на слобода, принципот на љубов, принципот на активност и принципот на уважување на личноста на детето, кои и денес претставуваат основни становишта во планирањето на воспитно-образовниот процес. За воспитувањето да биде сообразено со природата на детето, тоа мора да биде слободно, бидејќи својата природа, својата единственост и индивидуалност, детето ќе ги покаже кога ќе дејствува слободно, согласно неговите потреби, можности и интереси.

Поставување граници

Слободата дадена на детето подразбира голема одговорност и самоконтрола на поединецот.
Имено, за да спознае што навистина може и колкави се неговите можности, детето, а и возрасните мора да поминат долг пат на искушенија и одмерување на своите сили и граници на личноста. „Твојата слобода и твојата моќ допираат само до каде што допираат твоите природни сили, и никако понатаму, сѐ друго е само ропство, илузија, привидение“, пишувал Русо, сакајќи на тој начин да каже дека човекот, само со постапки кои се во границата на неговите природни способности, настојувања и желби кои се усогласени со неговите можности, може да го постигне својот целосен развој.

Љубопитност и учење

Русо укажувал на природната љубопитност и заинтересираност на детето за светот околу себе, кои треба да се искористат при сознавањето и учењето. Со тоа сакал да ја истакне важноста на самостојното, активно учење и сознавање на детето. Притоа, многу е важна улогата на воспитувачот во водењето на детето, а се огледува во постојаниот надзор, набљудување и разбирање на детската природа и посредното обликување на воспитната средина за децата да можат самостојно и активно да го запознаваат светот околу себе.

Русо сметал дека мотивацијата за учење е поважна од инсистирањето на научни знаења. Во согласност со тоа, зборувал дека е важно кај децата да разбудиме волја за учење на одредени содржини, како и да овозможиме различни начини, методи на учење во согласност со индивидуалните карактеристики, потреби и интереси. Исто така, зборувал за значењето на усогласеноста на образовните содржини со возрасните карактеристики на детето, со што ја претставил возрасната периодизација, нудејќи соодветен воспитен модел за секој период:

– доба на новороденче (од раѓање до 2 години) – каде што содржината на воспитувањето е телесната нега на воспитаникот;
– доба на природата (од 2 до 12 години) – период на развој на сетилата, кој претставува основа на интелектуалниот развој, па воспитните постапки во овој стадиум се однесуваат на овозможување на детето да се справува и да манипулира со различни предмети и работи од неговото опкружување;
– преадолесценција (од 12 до 15 години) – дури на оваа возраст треба да се воведе интелектуално образование, при што учењето треба да се поврзува со работи од реалниот живот, од природата (Емил на Русо учи географија со набљудување на природата, астрономија – со пронаоѓање на патот до дома, физика преку средба со маѓепсник на панаѓур…);
– преадолесценција (од 15 до 20 години) – во овој период големо внимание треба да се посвети на моралното воспитување, и тоа со причина. Русо го зема овој период како време на појава на страста, па затоа треба особено да се свртиме кон моралниот и религиозниот аспект на воспитувањето.

Русо предлага првите воспитни постапки да бидат само набљудување, давање можност да се покаже природата што детето ја носи во себе, и дури тогаш, откако ќе ја запознае, воспитувачот може да предлага конкретни воспитни постапки усогласени со неговата природа. Со ваквото барање Русо покажува како во практика се почитуваат различноста и индивидуалноста на секој поединец – со секого мора поинаку да се постапува и секое дете има свој тек на развој. Овде го гледаме и барањето што Русо му го поставува на воспитувачот – да ѝ се потчини на душата, односно на природата на детето, да постапува во согласност со таа посебна, специфична и единствена детска природа. Тој сугерира дека е важно воспитувачот долго да го набљудува детето, неговата природа, да дозволи неговиот карактер да се покаже во целосна слобода, добро да го запознае за да овозможи негов целосен развој. Задача на воспитувачот треба да биде вешто создавање надворешни услови, поттикнувачка средина, односно успешно и ненаметливо педагошко водење.

Барањето детето да се гледа како битие, квалитативно различно од возрасен и да му се овозможат најдобри услови за развој со оглед на неговите карактеристики, денес се смета за едно од најважните педагошки начела.
Правото на поединецот на индивидуален развој и различност, за кое се залагал Русо, денес се доживува како едно од основните човекови права и е регулирано и со закони.

Индивидуализацијата на воспитно-образовната работа е едно од барањата на Русо што се применува во практика. Се разбира, остварувањето на овој принцип е условено и од ставот кон детето, вербата во неговите способности и можности за развој, но и од општествените очекувања.
Исто така, тешка задача Русо им поставил и на воспитувачите. Воспитувачот, пред сѐ, треба да има голема љубов кон детето, добро да ја познава детската природа и психологија, постојано да го следи детето и да има способност да ги „прочита“ и да ги разбере ознаките и насоките што му ги дава детската природа. Тој постојано треба да го набљудува детето, да ги препознава неговите потреби, можности, интереси и да ја обликува средината за тие да можат да се манифестираат и да се развијат во целосен облик, а тоа не е нималку лесна задача.

Автор: Јелена Костиќ



912

X