Некои денови, особено оние кога сум преморена, фантазирам дека можам да се посветам на една работа и да ја направам. Да започнам една задача, да размислам за неа, да ја реализирам и да ја чкртнам од листата.

На пример, одлучувате да пробате нов рецепт за вечера. Така:

1. Одите на „Пинтерест“ (без да ве прекинуваат)
2. Пронаоѓате одличен рецепт (без да ве прекинуваат)
3. Ги собирате состојките (без да ве прекинуваат)
4. Се подготвувате и се фокусирате на приготвувањето на оброкот (без да ве прекинуваат)
5. Среќно и смирено заедно го јадете приготвениот оброк (без да ве прекинуваат)

Мултитаскингот понекогаш добива лоша репутација бидејќи ја убива продуктивноста или предизвикува стрес, бла, бла, бла. Да, можеби ова се легитимни грижи.

Како инаку би ги завршиле сите работи?

Како инаку би останале нормални, ако мултитаскингот не дејствуваше како корисна животна вештина?

Како инаку би ја презеле доминацијата во светот?

Така што, наместо да ги осудам мајките што го користат мултитаскингот, јас само ќе ги поздравам, и нивната супермоќ.

Поради мултитаскингот, можеме да управуваме бизниси од нашите домови со бебиња и деца кои скокаат, трчаат и ползат.

Поради мултитаскингот, можеме да приготвуваме вечера додека ги распоредуваме садовите од машината, решавајќи расправија и испраќајќи порака на мобилен телефон.

Поради мултитаскингот, можеме да одговориме на е-порака, завршувајќи со слушањето на поткаст додека ја хидрираме кожата со маска за лице.

Поради мултитаскингот, можеме да го нишаме бебето додека читаме на каучот и пиеме кафе.

Поради мултитаскингот, можеме да се тушираме додека доживуваме бура на идеи за на работа и додека на децата им пееме „The Wheels on the Bus“.

Поради мултитаскингот, можеме да ставаме маскара и истовремено да разговараме со нашата мајка на спикерфон, фрлајќи поглед на нашето дете.

Поради мултитаскингот, можеме да ги решиме светските проблеми со нашето дете додека седиме на веце-школката, бидејќи нашето дете не верува во приватност, а и мора да ја оставиме вратата од бањата отворена во случај другото дете да не прави нешто деструктивно во тие 30 секунди што ви се потребни (30 секунди е сè што им е потребно за да направат глупост).

Поради мултитаскингот, можеме да го резервираме роденденот на нашето дете, додека бараме облека што да носи и додека бараме за нас облека.

Поради мултитаскингот, можеме да ја користиме правосмукалката додека јадеме ручек и по пат собираме играчки (и парички и стегачи и лего-коцки и други работи што не можат да се соберат со правосмукалката).

Поради мултитаскингот, можеме да лежиме со нашите бебиња додека не заспијат, додека со слушалки ја гледаме нашата омилена серија (со намалена светлина на нашиот телефон).

Поради мултитаскингот, можеме да ги возиме нашите деца со нивната омилена музика пуштена на радиото, додека ние (повторно) со слушалки во ушите слушаме аудиокнига на нашиот телефон.

Поради мултитаскингот, можеме да имаме интимни моменти со сопругот додека во главата составуваме листа за купување намирници.

Поради мултитаскингот, можеме да го доиме бебето додека интервјуираме истакнат доктор за статија што ја пишуваме, додека истовремено го смируваме другото дете наоѓајќи му ја омилената епизода од цртанот.

Им се извинуваме на нашите испржени мозоци. На крај, ќе ги намалиме активностите. Но засега, вака функционираат работите. Мораме да ги носиме сите наши различни шапки. Сите истовремено.

Затоа мајки – ве молам дајте си до знаење дека давате сè од себе, а истото го правам и јас. Еден ден повеќе нема да се чувствуваме како да ќе полудиме. Сериозно.

Еден ден ќе го усовршиме извршувањето на само една задача.

Но, засега? Мултитаскинг? Тука сме за него.

Автор: Колин Темпл



912

X