Со години научниците и родителите ги наведуваат придобивките од учењето втор јазик на бебињата: билингвалното искуство ги подобрува когнитивните способности, особено за решавање на проблемите
За малите бебиња што растат во домаќинства каде што се зборуваат два јазика, ова билингвално учење се случува речиси без напор. Но како можат бебињата од еднојазичните домаќинства да развијат вакви вештини?
Како бебињата да научат втор јазик
– Како истражувачи што го изучуваат раниот развој на јазикот, честопати среќаваме родители кои сакаат на своите деца да им дадат можност да научат друг јазик, но не можат да си дозволат дадилка од странска држава, а и тие не зборуваат странски јазик – вели Наја Ферјан Рамирез, истражувач од Институтот за учење и неврологија (I-LABS).
Ново истражување од овој институт е меѓу првите што истражуваат како бебињата можат да научат втор јазик надвор од домот. Истражувачите се обиделе да одговорат на фундаменталното прашање: Дали бебињата можат да изучуваат втор јазик ако не се изложени на него дома, и ако е така, каква изложеност на странски јазик и колку е потребна за да се поттикне учењето?
Поради тоа, тие развија метод врз основа на игра и наставна програма на англиски јазик која ја имплементирале во четири јавни центри за бебиња во Мадрид, Шпанија. Имало тренинг за наставниците што траел две недели за тие да го научат наставниот метод и план пред да отпатуваат во Шпанија.
Пристапот користи директен говор кон бебето наречен „парентесе“, стилот на говор што родителите го користат за да разговараат со своите бебиња, а кој има поедноставна граматика, повисок и претеран тон и извлечени самогласки.
– Нашите истражувања покажуваат дека родителите им помагаат на бебињата да учат јазик – вели Ферјан Рамиез.
Бебињата на возраст од 7 до 33,5 месеци имале еден час на ден сесија по англиски, 18 недели, додека контролната група добила стандардна билингвална програма во мадридските училишта. Двете групи биле тестирани на шпански и на англиски и на почетокот и на крајот од 18. недели.
Децата исто така носеле специјални елеци опремени со лесни рекордери што го документирале нивното учење англиски јазик. Снимките биле анализирани за да се утврди колку англиски зборови и фрази зборувало секое дете. Децата што учеле по новиот метод покажале брзо зголемување на разбирањето на англискиот јазик и ја надминале контролната група.
До крајот на 18-неделната програма децата произвеле во просек 74 англиски збора и фрази по дете на час, а децата во контролната група произвеле 13 англиски збора и фрази по дете на час.
Мајчиниот јазик не е потиснат од вториот јазик
Ферјан Рамирез вели дека наодите покажуваат дека дури и бебињата од еднојазичните домови можат да развијат билингвални способности на толку рана возраст.
– Со вистинскиот пристап базиран на наука што ги комбинира особините за кои се знае дека го подобруваат јазикот на детето, можно е да им се даде шанса на малите деца да почнат да учат втор јазик со само еден час играње – вели таа.
Следењето на тестирањето, 18 недели подоцна, покажало дека децата го задржале она што го научиле. Детскиот мајчин јазик (шпанскиот) продолжил да расте додека го изучувале англискиот јазик и не бил негативно засегнат од воведувањето втор јазик.
– Науката покажува дека мозокот на бебињата е најдобрата машина за учење и дека учењето на бебињата зависи од времето. Нивниот мозок никогаш нема да биде подобар и поподготвен за изучување втор јазик отколку на возраст од 0 до 3 години – вели коавторот на истражувањето, Патриша Кул, професорка по говор.
– Новото истражување покажува дека можеме да создадеме рана двојазична средина за учење за билингвалните ученици во образовна средина и дека за еден час дневно бебињата можат да научат втор јазик порано и многу полесно отколку што претходно мислевме – вели Патриша.
912