Во здравствениот картон секое дете има лична крива на раст која се следи до крајот на пубертетот, кога се постигнува возрасен раст, објаснува Баевска-Вучковиќ
„Мајки, детето има 3 години и има само 12 килограми. Здраво е, јаде сѐ, но не качува тежина. Деца на негова возраст имаат и по 14-15 килограми. Загрижена сум, пишете колку килограми имаат вашите малечки“.
Ова е еден од најчестите постови во популарните фејсбук-групи каде што мајките си разменуваат искуства за родителството и здравјето на своите малечки. Кога е време детето да се однесе на лекар, што е нормална тежина и зошто некои деца едноставно се полнички, а некои послабички?
Педијатарот Татјана Баевска-Вучковиќ објаснува дека секое дете има свој раст. Едни растат повеќе во висина, други во тежина. Сето тоа се должи на генската предиспозиција.
– Мајките не треба да ги споредуваат своите деца, а уште помалку со други. Со редовна посета кај педијатарот кој го следи растот на детето и правилната грижа за него се стекнува здравствена навика за во понатамошниот живот на детето. Ова придонесува за формирање здрава возрасна индивидуа – вели Баевска-Вучковиќ.
Генска предиспозиција
Конституционално генската предиспозиција има главна улога во однос на растот, како тежински така и висински, објаснува докторката. Таа вели дека согласно родилната тежина се следи растот на доенчето, мало дете, поголемо дете, дете во пубертет и адолесценција сѐ до формирање на возрасна единка.
Спец. д-р Татјана Баевска-Вучковиќ
– Се следат антропометриските вредности (тежина, висина, обем на глава) и споредени со возраста се клучни фактори преку кои се дефинира дали детето е еутрофично, хипер или хипотрофично. Вредностите од мерењата се поставуваат на соодветни криви на раст и според тоа се одредува во која категорија е растот на детето. Со прва посета кај педијатар се впишуваат вредностите од раѓање, а потоа согласно нив се следи понатамошниот раст. Во здравствениот картон секое дете има лична крива на раст која се следи до крајот на пубертетот, кога се постигнува возрасен раст – објаснува Баевска-Вучковиќ.
Најбрзо се расте во првата година, па во пубертет
Децата во два периода имаат најбрз раст, и тоа во првата година од својот живот и во периодот на пубертет и адолесценција. Во текот на растот важна е исхраната, која треба да биде разновидна, протеинска, богата со јаглехидрати, овошје и зеленчук, по првата година – три главни оброци и две ужини, редовно и задолжително витамин Д согласно препораката од педијатар, како и повремено витамински препарати кога има потреба.
– Потребна е и физичка активност, престој на отворено, кои секако се важни за растот. Доколку се установи сериозно отстапување од предвидените параметри согласно возраста, се преземаат соодветни иследувања преку кои би се добила причината за заостанување во растот и би се презеле соодветни мерки – вели Баевска-Вучковиќ.
Педијатрите користат и табели со чија помош проверуваат дали тежината и висината се соодветни на одредена возраст, односно дали има големи отстапки кои им кажуваат дека децата треба да се пратат на дополнителни испитувања.
И родителите може сами да проверат како напредува нивното дете. На интернет се достапни многу релевантни онлајн-калкулатори кои може да ви помогнат да ги разрешите дилемите, но најдобро е да се консултирате со вашиот педијатар.
Инаку, во Македонија годишно се лекуваат околу 100 деца со нарушување на растот.
912