Постојат различни типови тешкотии во учењето и тие се јавуваат поради различни причини
Читањето и пишувањето претставуваат психофизички процеси во текот на кои во организмот се обединува работата на различни системи. Формалното учење на читањето и на пишувањето почнува со тргнувањето во прво одделение. Но претходно е потребно да се развијат низа предвештини, кои се одвиваат од самото раѓање. Предвештините ни ја покажуваат свесноста на детето и неговата подготвеност за совладување на пишаниот јазик и се добри индикатори за успешноста на детето во совладувањето на процесот на читање и пишување.
Треба да се прави разлика меѓу тешкотиите во учењето и специфичните тешкотии во учењето.
Лицето со тешкотии во учењето е родено со такви предиспозиции или има стекнато оштетување кое води до разлика во начинот на функционирањето на мозокот и обработката на информациите. Тешкотиите во учењето можеме да ги дефинираме како нарушување на стекнувањето, задржувањето или користењето на вештините и информациите поради недостиг на внимание, памтење или расудување, што го намалува успехот во образованието.
Постојат различни типови тешкотии во учењето и тие се јавуваат поради различни причини. Се смета дека основа на сите нарушувања е одредена абнормалност на мозочната функција. Момчињата, во споредба со девојчињата, петпати почесто ги имаат овие тешкотии.
Зошто се појавуваат тешкотиите во учењето
– Несоодветно подучување, нерелевантен или несоодветен наставен план;
– Несоодветни социо-економски услови;
– Лоши односи меѓу ученикот и наставникот;
– Неприсуствување на наставата;
– Проблеми со здравјето;
– Учење преку посредување на јазик кој не му е мајчин на детето;
– Губење на самодовербата;
– Емоционални или проблеми со однесувањето;
– Потпросечна интелигенција;
– Сензорни оштетувања;
– Специфични тешкотии во обработката на информациите.
Детето со тешкотии во учењето може да има проблеми со видот или слухот (на пример со препознавањето одреден пример или разликување на звуците) или проблеми со памтењето, говорот, размислувањето или слухот. Некои деца имаат тешкотии во читањето, пишувањето или сметањето. Детето може бавно да ги помни имињата на боите или буквите, имињата на познати предмети, може да е слабо во учењето на броењето и да има мала способност за учење. Совладувањето на читањето и пишувањето е забавено. Децата со тешкотии во учењето може да имаат и проблеми со комуникацијата и контролата на импулсот, на пр., проблеми со дисциплината. Може да се хиперактивни, повлечени, срамежливи или агресивни.
Учи на различен начин
Кога детето има тешкотии во учењето, тоа значи дека тоа учи на различен начин. Децата со тешкотии во учењето се способни да учат, но понекогаш треба да учат некои работи на различни начини. Секој учи на свој начин. Кога ќе сфатиме дека детето може да се испраша усно, прашањето за лошиот ракопис веќе не е примарно. Некои деца поради лошиот вид, не можат да читаат текстови од учебник, но ако им се зголемат буквите, проблемот исчезнува. Веќе не е необично да има дете во одделението што пишува на лаптоп бидејќи не може да го држи пенкалото. За жал, сè уште терминот тешкотии во учењето се однесува на проблеми во учењето кои главно завршуваат со разни погрдни називи, како глупав или лош ученик.
Да се препознаат навреме
Познатите дијагнози и состојби, како таканаречените интелектуални тешкотии, оштетен вид, слух и слично, имаат осигурана помош и поддршка во образованието, додека децата што немаат видливи тешкотии не можат да имаат исти права. Дефиницијата тешкотија во учењето е концептуална мрежа која се манифестира преку трајно несогласување околу тоа што всушност претставуваат тешкотии во учењето, кои се дијагностирачките критериуми, односно критериумите за процена, каков третман е потребен и какви се правата.
Секој ден сè повеќе се зголемува процентот на децата со тешкотии во учењето. Потребно е да се оди кон тоа тешкотиите во учењето да бидат препознаени и признати во сите образовни установи, да се освести популацијата и децата да добијат помош и поддршка во текот на образованието.
912