Психологот Елена Милошевска вели дека оваа појава многу почесто се јавува во детска возраст отколку кај возрасни, најчесто од 6 до 12 години
Месечарење. Детето заспива и по два часа станува, оди, пие вода, се шета низ собите. Дали да го разбудите или човек што месечари не треба да се чепка? Елена Милошевска, психолог во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола, вели дека постојат повеќе заблуди поврзани со месечарењето. Со неа разговараме за потеклото на оваа појава, како родителите да се однесуваат со децата што одат во сон и на кој начин да ја надминат оваа појава?
– Сомнабулизам е појава попозната како месечарење. Претставува нарушување на сонот, при што детето станува, се движи, извршува механички активности додека сè уште е во сон. Многу почесто се јавува во детска возраст отколку кај возрасни, најчесто од 6 до 12 години. Забележано е дека по оваа возраст таквите епизоди се сè поретки, па дури и се губат. Карактеристично за сомнабулизмот е тоа што најчесто по будењето личноста нема сеќавање за тоа што се случувало во текот на ноќта. Најчесто се случува еден до два часа по заспивање, а епизодите на месечарење траат најмногу петнаесет минути – вели Милошевска.
Таа објаснува дека месечарењето како поим се среќава уште во медицинската литература на Хипократ (460-370 пред новата ера). Шекспир во своето дело „Макбет“ исто така опишува епизода на месечарење. Низ историјата се провлекувале доста митови и претпоставки за причините поради кои се појавува месечарењето. И денес научната јавност сè уште дебатира за повеќе фактори што можат да го предизвикаат овој феномен.
Елена Милошевска, психолог
– Се смета дека комбинацијата од генски, психолошки и медицински фактори влијае врз појавата на месечарењето. Забележани се случаи каде што овој феномен се јавува по некои трауматски искуства, како малтретирање, премногу строго воспитување или нарушени семејни односи. Почесто се среќава кај хиперсензитивни деца. Според некои автори, емотивната возбуда во текот на денот предизвикана од стресни ситуации остава некои делови од мозокот активни во време кога се случува кочење на кората на големиот мозок кое води во сон. Имајќи го тоа предвид, од посебна важност се хармонизирањето на односите во семејството и одржувањето стабилна семејна клима – објаснува Милошевска.
Најчесто поставуваните прашања поврзани со овој феномен се: дали треба да се разбуди детето кое месечари и дали доколку го разбудиме, ќе му наштетиме. Според Милошевска, се препорачува луѓето што месечарат да се разбудат внимателно и полека, без нагли активности и внимателно да се упатат до креветот.
– Постојат верувања дека месечарењето не е опасно, односно дека додека детето месечари, не може да се повреди, што не е точно. Луѓето што месечарат можат да изгубат рамнотежа или да се повредат од предметите што ги опкружуваат. Затоа родителите би требало да ја обезбедат средината во која спие детето за да ја направат што е можно побезбедна. Пожелно е да се заклучуваат вратите за детето да не излезе надвор. За да се спречи оваа појава во детска возраст, се препорачува одржување хигиена на сонот. Тоа подразбира заспивање во исто време навечер, практикување на релаксирачка рутина како капење, читање приказни или слушање пријатна мелодија пред заспивање, намалување на внесот на течности пред заспивање и избегнување шеќер или други стимуланси кои можат да имаат негативно влијание врз квалитетот на сонот – вели Милошевска.
Доколку овие епизоди на месечарење кај детето континуирано се повторуваат или зачестуваат, таа препорачува родителите да се обратат кај стручно лице кое ќе им помогне да ги разрешат причините за ваквото однесување.
Фото: commons.wikimedia.org
912