Несфатливо е како Кочо Рацин е ставен во изборните наместо во задолжителните лектири, рече Соња Елзесер-Стојменска, претседателка на Друштвото на писателите на Македонија, на денешната трибина посветена на актуелната состојба и статусот на литературата за деца што се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

– Ме зачуди зошто Кочо Рацин е ставен во изборна лектира – која треба да биде што поширока и лежерна. Рацин е наш канон. Дали средното училиште е времето каде што „Ленка“ треба да ја сретнат првпат. Основната програма треба да биде она што е национален канон и првичната база на светска литература што треба да ја знае секое дете – рече Елзесер-Стојменска.

Поместувањето на Кочо Рацин во изборната литература е затоа што наставната програма во основно по македонски јазик не вклучува изучување автори, туку изучување на литературните родови и видови, објаснува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, советничката од БРО за настава по македонски јазик и литература.
– Рацин секако е дел од часовите како илустрација, да речеме за социјална поезија, и оставивме наставниците да го изберат доколку сметаат дека им е потребно во текот на часовите во основно. Но, во средното образование тој никако не е одминат и го има во сите видови средно образование – рече Димитриева-Ѓорѓиевска.

Учесниците се согласија дека насловите што влегуваат во списоците за лектири треба да бидат во чекор со новото време, но притоа да се имаат предвид и класиците како уметнички издржани книжевни дела што треба да дојдат до децата. Важен е и соодносот помеѓу странски и домашни автори и на насловите кои се задолжителни наспроти тие што се во списокот со изборни книги.
Елзесер-Стојменска истакна дека има подобрување во балансот помеѓу светски и македонски автори, особено во изборните, посочувајќи дека сега ќе учат и за словенската митологија, а не само за старогрчката и римската.

Универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска ја истакна важноста на литературата за деца во оформувањето на личноста и дека тие книги го пренесуваат читателот, како што рече – од брегот на детството до брегот на возрасните.
– Во тоа лежи и нејзината најголема порака – да му се помогне на младиот човек во сложениот процес на себеспознавањето и да му покаже дека во тој процес тој млад човек не е сам. Многупати во тој процес помагаат токму книгите за деца и млади, рече Мојсова-Чепишевска.

Директорката на „Браќа Миладиновци“, Сузана Данаилова, рече дека имаат повеќе возрасни корисници отколку деца и затоа организираат промотивни кампањи за да ги поттикнат најмладите да читаат и да ги посетуваат библиотеките.
На трибината, на која гостуваа наставници и ученици од скопски основни училишта, беше посочено и дека литературата за деца мора да има врвен квалитет и затоа во издаваштвото во светот таа е најважен сегмент. Покрај содржината, книгите за деца треба да бидат привлечни и беспрекорни – да немаат никакви грешки, да имаат совршени илустрации, добар графички дизајн и пресметан проред, што на детето ќе му овозможи удобност при читањето.



912

X