Што ќе му е на дете да учи за струјно коло во второ одделение? За многу посуштински теми што треба децата да ги научат за нивната возраст нема доволно часови. Денешните деца немаат елементарни познавања за растенијата, за плодовите што ги јадат, како растат, што им е потребно, вели одделенската наставничка Трајанка Карбева од ОУ „Блаже Конески“ во Велес
Родителите, а не децата, многу често се груби и дрски – вели Трајанка Карбева, одделенска наставничка со речиси 37-годишно искуство во основното образование, која предава во ОУ „Блаже Конески“ во Велес. За просветен работник кој поминал низ многу генерации деца, многу реформи и програми, Карбева, на која оваа ѝ е последна учебна година, има многу што да ни сподели.
Ја замоливме да направи паралела во образованието на децата, но и условите за работа на наставниците некогаш и денес.
– Во минатото наставникот бил закон за родителите. Денес, најважно е што ќе каже детето, а родителите многу ни се мешаат во работата. И знаат повеќе од нас како треба да се води наставата. Од секоја наредна генерација сум сѐ поизненадена. Родител и на дете од прво одделение нема почит кон наставникот. На пример, не ми се случило пред крајот на прво полугодие, на последниот ден од годината, родител да не ми пружи рака и да не ми посака убави празници. Од 20 деца, колку што тој ден имаше на настава, само тројца ми подадоа рака да ми посакаат убави празници – вели Карбева.
Карбева предава 36 години
„Чекор по чекор“ беше многу добра програма
Од самиот почеток на својата кариера како наставничка, таа работела во целодневна настава, а во тогашното училиште „Јосип Броз Тито“ (денес „Блаже Конески“). Тоа било едно од петте училишта во кои била воведена целодневната настава. Почнала да работи во 1982 година.
– Како почетници во работата, баравме помош од постарите колеги, а и тие беа многу срдечни кон нас да ни го споделат знаењето. Денеска има и такви што бараат помош, ама и такви што мислат дека сѐ знаат уште од првиот училиштен ден. Јас многу се вклучував во проекти, а обуките ни почнаа по 10 години стаж. Првите 15 години главен предмет ми беше македонски јазик, потоа математика, а во последните осум години работиме наизменично и сум сменила три начини на работи со тандем-колегата – вели Карбева.
Таа објаснува дека програмата „Чекор по чекор“ била најдобрата по која некогаш работела. За разлика од Кембриџ-програмата, која речиси и не ја следи.
– Јас не ги предавам математиката и природните науки според „Кембриџ“. Тоа го знаат и во моето училиште, а и родителите на децата што ги учам. Моите деца имаат одлично знаење. Сите колеги од предметна настава, кога моите ученици ќе стигнат во шесто одделение, ги фалат и имаат одлични успеси на натпревари. Помладите колешки ми префрлаат дека јас не ја следам програмата, односно не ја применувам целосно. Но, не се согласувам затоа што вака работам подолго време – вели таа и додава дека ги охрабрува своите помлади колеги да не се водат слепо според програмите, особено кога ќе забележат дека нешто не е соодветно на возраста на децата.
Вредни ученици со кои Карбева се гордее
Јас би го укинала предметот природни науки
Таа смета дека последните години наставниците се премногу исплашени од муабетот „ќе дојде инспекција“.
– А што ако дојде инспекција? Наставникот треба да ги следи децата, нивното знаење и ниво. Структурата на одделението ќе ви каже како да го предавате материјалот. Луѓето од образовните институции многу често немаат искуство во настава, односно некои од нив не влегле во училница да работат со деца. Ние многу често бараме нашето мислење да го препратат до службата, ама нашиот глас нема кој да го слушне – вели Карбева, која годинава им предава на првоодделенци и вели дека во прво е најтешко за наставник.
Посочува дека актуелната програма е контрадикторна во многу погледи. На пример, децата во прво одделение имаат работни тетратки во кои некои задачи треба да се пополнат со бројки, а децата сè уште не ги знаат.
– Во природни науки се повторуваат темите и секоја година учат, на пример, за струјно коло. Што ќе му е на дете да учи за струјно коло во второ одделение? За многу посуштински теми што треба децата да ги научат за нивната возраст нема доволно часови. Денешните деца немаат елементарни познавања за растенијата, за плодовите што ги јадат, како растат, што им е потребно. Ние учиме за храна само два часа, а тоа е премалку. Во 90-тите години тоа го изучуваме и по цел месец. Подготвувавме дури и зимница. А сега ни пишуваат во учебниците „направете ова, направете она“, а немаме часови кога тоа да се направи. Во петто одделение по предметот природни науки во наставата влегуваат и колегите што предаваат биологија, хемија и физика. Дури и ним им е тешко со материјалот што треба да го предаваат. Детето не треба напамет да учи, ами да умее да раскаже. Природни науки е чисто промашување. Треба да си се врати Запознавање на општеството, на природата. Во наставата треба да има иновации, не може да има сувопарно учење. Ама државата мора да ги опреми училниците за да имаме таква настава. Јас, искрено, не го разбирам учебникот по природни науки – објаснува наставничката.
Екскурзиите им се омилени на децата
Родители се закануваат за петки
Оценките и опседнатоста со петките се посебна приказна.
– Родители знаат да се закануваат, фаќаат врски за повисоки оценки и не се реални кон своите деца. Претпоставувам дека родителите се опседнати со оценките заради уписот во средно школо. Денешното оценување нема никаква допирна точка со оценувањето во минатото. Родителите се побезобразни и бараат петки. Јас како наставник ќе му кажам дека детето не е за петка, но родителот инсистира и не разбира дека четворката може повеќе да му помогне на детето за да напредне во одредена област, да има желба да научи повеќе. Јас не им попуштам кога не се во право – вели Карбева.
Таа е категорична и дека описното оценување е проблематично.
– Не смееме да напишеме негативен збор, ами да се користи формата „со помош на“. Не смееме да напишеме „не знае, не сака, не може“, ами „работи со помош на наставникот“. И тоа не е во ред. Родителот мора да знае дека детето не знае да чита и вистината е дека „не чита течно“, а не дека „чита со помош на наставникот“. Родителите, можеби не од прво, ама во второ, сакаат оценки. Не дека родителите не го разбираат напишаното, но како родител сакаш да знаеш до каде е твоето дете стигнато во очите на наставникот. Според мене, во трето одделение веќе треба да имаат оценка на крајот од полугодието. Кога ние бевме родители и ќе ја видевме оценката, знаевме зошто е четворка и знаевме дека нешто не е дооформено за да стане петка – вели наставничката од Велес.
Таа ги критикува и методите што денешните наставници ги имаат на располагање.
– Денес на детето му е дозволено сѐ да прави. И советите се дека мораме да најдеме начин да го мотивираме детето. Од час не смееме да го избркаме дури и кога прави неред и им смета на соучениците. Треба да му се даде друга активност, по можност и од друг предмет. Ова е најтешкиот дел од работата – признава Трајанка.
Таа посочува дека мора да се работи и на подобро реализирање на инклузијата во образованието и дека не може да се очекува еден наставник да му обрне доволно внимание на едно дете со попреченост, а во одделението да има уште 30 деца.
Карбева вели дека никогаш не се покајала што ја избрала оваа професија.
– Кога завршив осмо одделение, сакав да бидам акушерка. Но, во Велес немаше такво школо, а моите родители имале причина зошто не ме пуштиле. Се запишав во гимназија. Се чини дека пак си избрав сродна професија – вели Карбева.
912