Љубопитноста на бебето во овој период е неограничена. Затоа, уште од првите чекори на детето потребно е да се учи на извесна дисциплина, заради сопствената и туѓата безбедност, како и заради зачувување на просторот во кој живее.

Доенчето во десеттиот месец зазема „четириножна положба“ при која, додека се потпира на дланките, не ги подига само градниот кош и стомакот, туку и газето. Во таа положба тоа се клацка напред-назад в место, рамномерно преместувајќи ја тежината на рацете и нозете, што претставува услов за ползење. На почетокот, ползењето е некоординирано, но во текот на наредниот месец детето ќе го усоврши.

Психомоторен развој

Преку ползењето, бебето ќе стигне до седење на колк, со свртување на трупот, притоа потпирајќи се на дланките. Тоа е неопходен услов за вистинско, стабилно седење. Ако некој друг го поставува детето во седечка положба, тоа со помош на потпора ќе може да седи веќе од седмиот месец, но не ќе може самото да ја вежба потребната рамнотежа како кога самото ќе седне. Кога од „четириножна положба“ ќе посака да се подигне на нозете, тоа најпрво ја подига бочно свитканата нога. Исто така, може да се подигне во клечечка состојба, потпирајќи се со рацете на стол.
Совет: сè уште не обувајте му чевлички на детето бидејќи за стапалата најздраво е одењето со боси нозе. Во директниот контакт на стапалата со подот – мускулите, приспособувајќи се на подлогата – зајакнуваат. За да не им е студено, побарајте дебели и груби чорапи, гумирани оддолу, за да не се лизне на мазниот под.

Пинцетен зафат

При фаќањето на предметите, сега доенчето користи само палец и показалец, па прецизно може да фати и многу ситен предмет (по што, по правило, го става в уста, на што треба да се обрне посебно внимание!). Ако на бебето му понудиме две коцки, тоа ќе ги земе и ќе ги чука една од друга, што ќе му предизвика големо задоволство. Посложените играчки ќе ги испитува со показалецот и ќе ги загледува од сите страни, интересирајќи се за деталите.
При крајот на десеттиот месец детето од состојба на клечење успева да се исправи на двете нозе – така што ја става едната нога напред и со рацете се повлекува нагоре, држејќи се за некој предмет. Некои деца можат да направат неколку чекори придржувајќи се за ѕид или кревет, а помал број деца – и без да се придржуваат.

Совет: ако при дигањето во стоечка положба и двете нозе на вашето дете постојано се испружени, посоветувајте се со педијатар. Не користете справи за одење (проодувалки, каиши…) бидејќи поради неправилната потпора, можат да предизвикаат деформитети на коскено-зглобниот систем. Освен тоа, без чувство за силата на Земјината тежа, детето кога ќе прооди ќе биде несмасно, често ќе паѓа, а може и сериозно да се повреди бидејќи не научило правилно да одржува рамнотежа.

Страв од непознато

Во контакт со луѓето, детето сега многу добро разликува познати од непознати лица – од кои се плаши и не им дозволува да го земат. Исто така, се плаши од непознати простори. Затоа, треба да се води сметка кога ќе се ангажира бебиситерка, бидејќи таа ќе има многу проблеми да го смири детето кога плаче ако не се запознале претходно. Затоа, потрудете се барем да го чува во познат простор.

Дали десетмесечно бебе треба да се става на нокшир?

Иако мал број деца на оваа возраст успеваат да сфатат за што служи нокширот, за повеќето од нив сè уште е рано да го користат. Некои мајки се вешти во „ловењето“ на потребата на бебето, ако нивното дете редовно ги празни цревата, но детето уште не е свесно за тоа. Постои опасност дека со бесконечното седење на нокшир кај детето може да се создаде отпор и тоа да има контраефект. Најпрво именувајте ја активноста секогаш кога детето ќе ја изврши во пелените (мокрењето речиси е неможно да се открие). Потоа демонстрирајте со сопствен пример каде треба да се врши тоа. Само ако детето покаже интерес да ве имитира во таа активност, понудете му нокшир.

Помалку млеко во исхраната

Млеко: количината на млеко постепено треба да се намалува. Количина поголема од половина литар дневно предизвикува слабокрвност бидејќи го зазема местото на храна богата со железо, кое млекото го нема во доволна мера.

Житарки: најдобро е да се даваат во вид на кашички. Постои голем избор на готови житни кашички за бебиња. Тие се збогатени со железо, поквалитетни се и треба да му се даваат на детето до осумнаесет месеци. До првиот роденден треба да се избегнуваат кашички со чоколадо или мед. Можат да се подготват и домашни (попара, качамак). Како додаток може да се понуди и младо кравјо сирење, жолчка или овошје. На доенче од десет месеци треба да му се даде кекс за само да јаде.

Зеленчук и месо: од зеленчук, на бебето може да му се воведат спанаќ, леќа и пире или сок од свеж, излупен домат. Од месо, можат да се јадат сите видови, освен свинско.
Ако во вашето семејство постои склоност кон каков било вид алергија (астма, поленска кивавица, егземи), пред да ги воведете овие намирници посоветувајте се со педијатар.

Сол и маснотии: не треба да се брза со додавање сол во храната (неопходна е дури од единаесеттиот месец), особено во семејствата со повишен крвен притисок. Маснотиите од шестиот месец се додаваат во храната во вид на масло или маргарин (најдобро во пире од зеленчук или качамак).

Овошје, вода, сок: во првата година не се препорачува зрнесто, јагодесто и јужно овошје (освен банани).

Десетмесечното бебе треба да пие вода и сок од поклопена чаша со „клун“, а количината вода не треба да се ограничува.
Не инсистирајте бебето да го изеде целиот оброк, особено во периодот кога го измачува никнувањето на запчињата, што привремено му го намалува апетитот. Важно е што повеќе да изеде само, без ваша помош, а нередот што притоа ќе го направи сметајте го за нормална појава и ставете го во втор план. Подготвената храна може да ја чувате во фрижидер 24 часа, а во ладилник – две-три недели.

Миење на запчињата

Млечните заби треба да се мијат штом ќе се појават – најпрво со газа, а при крајот на првата година со четкичка (без паста во првите две години). Детето во оваа фаза става в уста сè што гледа, што може да биде многу опасно, но мора да му дозволите да ги „глода“ гумените играчки – кои треба да се чисти, но не и стерилни.

Лекарски преглед

Со навршени девет месеци бебето треба да го однесете на систематски преглед, каде што ќе биде измерено и прегледано. Ако досега не биле проверени функциите на сетилата за вид и слух, тоа треба да се направи во оваа пригода, особено кај децата што имаат некаков ризик во поглед на психомоторниот развој. Нема вакцинирање, освен ако нешто не заостанало од претходно.

Надзор

Откако бебето почна да се движи, заедно со неговата љубопитност расте и опасноста од повреди, поради што бара 24-часовен надзор на ден!
Паѓање: Доенчето кое учи да оди може при паѓањето да се удри во разни предмети, или да падне на лицето – кога обично ја повредува горната ресичка во устата. Притоа најчесто настанува мало крвавење, кое престанува само од себе. Ако повредата е поголема, се става шев. Во овој период треба да се тргнат сите остри предмети, а особено треба да се заштитат аглите од масата за детето да не си ја удри главата на нив.

Исчашување на лакотот: Уште една типична повреда настанува при проодувањето. Тоа е исчашување на лакотот при оттргнувањето на детето од возрасниот што го придржува за рака, обидувајќи се да го спречи падот. Таа повреда бара „местење“ на зглобот и имобилизација – одредено време.

Изгореници: изгореницата претставува оштетување на ткивото предизвикано од физички агенси (топлина, електрична струја и разни видови зрачења) или со хемиски агенси. Кај доенчињата почести се изгорениците од жежок предмет или пламен.

Превентивни совети

Држете ги прозорците затворени. Поставете врата на врвот од скалите. Покријте ги електричните прекинувачи, а електричната инсталација држете ја надвор од дофат на детето. Сместете го детето во ограден простор кога е надвор или кога нема возрасни во близина. Не внесувајте го детето во кујната. Избегнувајте синтетичка облека. Острите предмети, рачките од лонците и тавите на шпоретот држете ги надвор од дофат на детето, а садовите со врели јадења подалеку од работ на масата. Не оставајте го детето само со домашниот миленик.

Бебето нема лоша намера

Мерките за превенција што сте ги презеле нема да се доволни да спречат бебето понекогаш да западне во неволја бидејќи неговата љубопитност е неограничена. Затоа уште од првите чекори на бебето, потребно е да го научите на извесна дисциплина, заради сопствената и туѓата безбедност, како и заради зачувување на просторот во кој живее. Речиси нема ништо потешко во процесот на воспитување од дисциплинирањето на детето. Нема родител кој повремено не изгубил нерви и не посакал да го истепа детето. Но, дали бебето може да биде злонамерно? Дури и кога го прави она што знае дека не треба да го прави, тоа нема лоша намера, туку го испитува светот околу себе (каде се границите на дозволеното, како реагираат мама и тато во одредени ситуации, што ќе се случи ако го направи она и ова и слично). Ограничувањата му се потребни на детето бидејќи тие се потврда дека постои дел од светот каде што тоа е заштитено и безбедно. Децата на кои сè им е дозволено се чувствуваат изгубено во светот на непознатото, неспособни да се изборат со проблемите. Бидејќи, толку мали, тие всушност сè уште не го разликуваат доброто од лошото.

Добар е оној родител што се грижи за детето – не само на зборови, туку и со дела, кој му дава добар сопствен пример, кој е доследен, а насмеан, ведар и полн со љубов. Премногу забрани не се добри. Изберете приоритети, но задолжително научете го детето дека не треба да прави опасни работи (да чепка во струја, жешка вода, да истрчува на улица, и слично), макар и да мора физички да го спречувате во тоа. Притоа не се мисли на физичко казнување бидејќи тоа секогаш е контрапродуктивно, а на оваа возраст недвосмислено претставува малтретирање, затоа што бебето не е во состојба да ја сфати неговата смисла. На пример, ако детето не послуша кога ќе му кажете да не го влече кабелот, станете и понудете му друга забава, не дозволувајќи му да се повреди. Поправањето и наградата за послушност секогаш се поделотворни од тепањето.

Љубовта е оаза на бебето

Иако полесно ќе го научите на послушност домашното милениче отколку љубопитното дете, запомнете дека дресурата е само за животни, а детето е личност вредна за почит од најрана возраст. Ако ви даде нешто, кажете му: „Благодарам“, а кога барате нешто од него, речете: „Те молам“. Ако вака постапувате од најрана возраст, ќе имате повеќе успех кога на две-три години ќе настапи фазата на негација (која е нормална во растењето). Подгответе се безброј пати да повторите нешто пред детето да го усвои таквото однесување како свое. Сепак, дозволете му на бебето и тоа да одлучува за нешто (на пример, која капа ќе ја стави на главата, кои чорапчиња ќе ги обуе, дали ќе јаде корка леб или кекс и слично).

И – не заборавајте и кога сте лути, да не го критикувате детето, туку неговите постапки. Прегрнувајте го што почесто и опсипувајте го со нежност за да биде сигурно дека е сакано. Вашата љубов е тврдина која целиот живот ќе ја штити неговата самодоверба и ќе му овозможи да носи правилни одлуки.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X