Како што веќе знаете, да се биде судија меѓу децата е губитна ситуација. Најчесто не постои начин кој ќе ги задоволи сите присутни или ќе биде праведен за сите. Многу често не постои начин да откриеме што се случило или кој прв ја зел играчката. Не сте вие виновни, децата едноставно имаат силно и често неразумно чувство за правда. Тие толку силно сакаат да бидете на нивна страна, а од друга страна – сè уште учат како да ја согледаат страната и на другата личност. Многу фрустрирачки детски кавги се случуваат токму поради делењето играчки или неделењето.

Не постои ништо лошо во споделувањето, тоа е прекрасна идеја и многу важен концепт. Меѓутоа, постои проблем што не е јасно што е споделување. Не постојат одредени правила, а тоа може да биде збунувачки и фрустрирачки за малите деца. Замислете дека сте навистина задлабочени во проектот што го работите на вашиот компјутер, но одеднаш мора да престанете со тоа што го работите и да му го предадете компјутерот на вашиот пријател бидејќи нему му е редот, а и затоа што е убаво да се споделува. Или замислете – приготвувате вечера и одеднаш треба да го дадете вашиот најдобар нож за готвење бидејќи на некој друг му е ред. Колку тоа би било фрустрирачки? Речиси и незамисливо бидејќи светот на возрасните не функционира така.

Чекањето е важна животна вештина

Играњето е детска работа и е фрустрирачка во некои моменти. Можеби ќе ве изненади фактот дека Монтесори-градинките не „практикуваат“ споделување. Всушност, децата делат сè што се наоѓа во просторот на градинката, но никогаш никој нема да побара од нив да престанат да работат нешто бидејќи некој друг сака да го прави тоа. Една од главните причини е тоа што воспитувачките сакаат децата да прават нешто сè додека нивната концентрација им го дозволува тоа.

Уште една причина е тоа што чекањето е многу важна животна вештина. Монтесори-едукаторите намерно имаат по еден примерок од сè за децата да можат да се научат да чекаат или да изберат нешто друго кога тоа што го сакаат не е достапно.

– Кога децата ќе видат дека одреден материјал е вратен на полицата, знаат дека тогаш можат да го земат. Ретко кога доаѓаат кај нас за да нè прашаат дали може да дојдат на ред за нешто бидејќи правилото е едноставно и знаат кој ќе биде нашиот одговор – вели Кристина Климер, воспитувач.
Понекогаш станува збор за некој многу возбудлив нов материјал во градинката и детето едвај може да се воздржи од својата желба. Во овој случај му предлагаме на детето да побара од личноста што моментално го користи материјалот да го информира кога ќе биде заврши за да се смени редот. Другото дете речиси секогаш љубезно се согласува со таков договор, додава таа.

Како да разговарате со дете што не сака да споделува?

Воспитувачката објаснува дека разговорот за делење многу пати е од голема корист, на пример, кога кај твоето дете ќе дојде друго дете за да си играат и тоа дете ќе сака да ги сподели своите играчки. Ако сакаш да избегнеш  каква било караница, секогаш можеш да се договориш со детето да ги оддели играчките што не сака да ги дели.

– Едноставно објасни му дека играчката ќе биде достапна кога другото дете ќе заврши со играта со неа, но другото дете може да ја игра колку што сака. Тогаш помогни му на детето нешто друго да работи. Исто така, помага ако покажеш разбирање за фрустрацијата со која детето се носи. Можеш да кажеш нешто како: „Тешко е да се чека. Утрово сакав да се туширам, но морав да го чекам татко ти да заврши со туширањето“. Тоа му покажува на детето дека не ги исфрлаш неговите чувства и дека чекањето е дел од животот.

Учењето да чекаме за нешто што го сакаме е тешко, но тоа не треба да биде постојана борба. Воспоставете правило кое ќе биде доволно едноставно за детето да се справи со него.



912

X