Наместо да уживаат во одредено место, децата зјапаат во екраните. Подобро е телефоните воопшто да не ги носат – нагласуваат наставници

Настава во природа, екскурзии, летни и зимски кампови – тоа се организираните форми во кои децата имаат можност да поминат време заедно во природа, да истражуваат, да се дружат. Се наметнува прашањето – можат ли нашите деца да се одморат од мобилните телефони и да не ги понесат на неколкудневните екскурзии? И уште повеќе, можат ли родителите да издржат ако децата не носат мобилни со себе?
Деца.мк истражуваше на темата и најде и позитивни примери, каде што наставниците или водачите на децата одлучуваат да се забрани носењето мобилни со нив. Резултатите се повеќе од позитивни.

И родителите поопуштени

Мајка на девојче во четврто одделение во училиште во скопската населба Карпош го сподели искуството од последната екскурзија на настава во природа.
– Мене многу ми се допадна идејата на наставничката на ќерка ми да не се носат мобилните телефони за време на наставата во природа. Добар дел од родителите ја прифативме со задоволство. Наставничката ни пренесе искуство дека децата кога одат на настава во природа, повеќе време поминуваат на телефоните играјќи. Или и тоа што треба да го разгледуваат, да го видат, го гледаат преку екраните и едвај комуницираат. Ова беше одлично искуство за сите нас, и ние родителите малку да олабавиме зашто има и такви што многу им додеваат на децата и не ги оставаат на раат. За жал, годинава само нашето одделение отиде без телефони. Се надевам дека и други ќе се инспирираат – рече мајката на ученичката.

Нека им е досадно –стануваат покреативни

Живееме во дигитално општество во кое децата се учесници преку секојдневно користење социјални мрежи, консумирање поп-култура и продукти, без притоа да бидат свесни за штетните последици за нивното телесно и психичко здравје. Особено дека комуникацијата и играта во живо сѐ повеќе стануваат далечни и посредни, односно децата не можат да ги тестираат своите емоции во реалноста и во непосреден контакт со другиот, велат од театарот „Колектив ветерница“.
Тие веќе неколку години организираат летни и зимски школи во природа, во кои децата активно учат, подготвуваат претстави, истражуваат. Речиси никогаш не дозволуваат носење мобилни за време на школите.
– Возрасните кои знаат дека на детското тело му треба активно движење, креативност и љубов за да расте здраво, треба да извршат позитивно влијание и да ги инспирираат да си играат со природата. Бидејќи надвор од градовите и виртуелните светови постои една уште пофантастична реалност во која можеме да најдеме многу магија и нови другарчиња само доколку внимателно гледаме. На патувањата со „Колектив Ветерница“ ние настојуваме да се ограничи употребата на мобилни за да го стимулираме природниот контакт, па дури и малку да им биде досадно (таква е природната реакција на децата кога ќе им ги земеме телефоните), последователно стануваат дополнително креативни во смислување нови игри, разговори и блискост со околината – велат од „Ветерница“.

Кога сами забораваат на телефоните

Здружението „Велоевропа“ од минатата година организира летни кампови во кои децата играат многу спортови, организираат камперски оган, гледаат филмови, учат на забавен начин. Професорот Слободан Трајковски вели дека не им забрануваат да ги носат мобилните, ама децата сами не ги користат зашто им е забавно.
– На нашиот камп е дозволено користење на телефоните, но уште првиот ден децата сфаќаат дека немаат потреба од нив. Активностите што ги имаме во текот на денот не им дозволуваат да имаат многу слободно време, па затоа и телефоните се ставени во втор план. Една од целите на кампот е самите деца да си ги одредат приоритетите кога се таму. Искуството од лани на децата им покажа дека интернетот е целосно непотребен кога си опкружен со другарите, во природа и кога ти се понудени многу други работи да правиш, освен седењето на телефон или таблет. Во однос на технолoгијата, ние сме насочени во тој правец и увидуваме дека децата ги прифаќаат овие навики, кои всушност треба да бидат правило, а не исклучок. Затоа, препорачуваме родителите да ги пуштаат децата на летните кампови каде што искуствата и спомените што ќе ги стекнат нема да бидат поврзани со имагинарни личности и места, ами со вистински пријатели и спомени што ќе ги паметат засекогаш – вели Трајковски.
И Слаѓана Јанковиќ од Првиот извиднички одбор неодамна во интервју за Деца.мк посочи:
– Кога сме на извидници, и самите деца знаат дека не смеат да користат телефони. За тоа не секогаш се виновни децата, туку и родителите кои, верувајте ми, постојано им се јавуваат на децата. Мислам дека заборавиле самите дека тие кога биле деца, не постоеја телефони, а сигурно и нивните родители биле загрижени – изјави Јанковиќ.



912

X