Епидемиологот, прим. д-р Билјана Даниловска, раководител на одделението за епидемиологија во скопскиот Центар за јавно здравје, вели дека вакцината може да се даде уште првиот ден откако ќе се констатира дека детето е здраво

Во периодов на вируси и респираторни инфекции, многу деца се со низок имунитет поради прележана или актуелна болест. Родителите се збунети дали во ваков случај детето смее да прими вакцина. Меѓу нив се шират различни информации не само за временскиот период кога може, туку и за тоа дали со примената вакцина се зголемува ризикот за компликации на здравјето ако детето било болно. Епидемиологот, прим. д-р Билјана Даниловска, раководител на одделението за епидемиологија во скопскиот Центар за јавно здравје, вели дека вакцината може да се даде уште првиот ден откако ќе се констатира дека детето е здраво.

Преглед пред вакцина

Пред да прими вакцина лекарот во вакциналниот пункт го прегледува детето и проценува дали може да ја прими вакцината.
– Штом детето ќе оздрави, веднаш може да прими вакцина. Контраиндикација или причина да не добие вакцина е ако има температура во моментот. Ако нема температура, може и носот да му тече и пак да прими вакцина. Еден месец се чека ако детето прележало заразна болест како варичела, на пример – вели Даниловска.

Имунитетот не е мерило

Докторката објаснува дека со вакцината се поттикнува да се создадат антитела во организмот, па се зголемува имунитетот.
– Практично, се тренира имунолошкиот систем за да се создаваат антитела и да се зајакнува имунитетот – вели нашата соговорничка.

Што ако се вакцинира дете што веќе има сипаници?

Д-р Даниловска вели дека не е опасно ако детето веќе е заразено од морбили и е во период на инкубација (кога уште не се појавил исипот), а добие вакцина. Таа вели дека не е опасно и ако се зарази со морбили, а веќе има примено вакцина, но уште не се развил имунитетот од неа.
– Ако станува збор за период на инкубација, а се прими вакцина, кога ќе се разболи детето, ќе се ублажат симптомите на морбилите. Не е страшно ниту ако се зарази во период додека се развива имунитет по примена вакцина, исто така ќе има поблаги симптоми – вели таа.
Инаку, вакцината што се дава кај нас е со жив ослабен вирус и главно може да се прими до 60-годишна возраст.

Родителот, велат лекарите, треба да му ги каже на докторот во вакциналниот пункт за сите сомнежи кои ги има околу тоа дали детето било во контакт со можен заболен и кога и да побара одговор на прашањата што го интересираат.

Кога да се однесе на лекар?

Кога детето ќе прими вакцина, реакции може да се јават по околу 10 дена од примањето.
– Треба да се однесе на лекар ако има зголемена телесната температура или ако се јави исип. По примањето на вакцината може да го боли рачето, да има црвенило на местото каде што е боцнато, па препорачуваме ладни облоги. Поливалентните вакцини што ги даваме предизвикуваат помалку реакции, главно моментално. Ние немаме пријава за сериозни реакции од вакцина – додава д-р Даниловска.

Кои граѓани се незаштитени?

Лекарите објаснуваат дека кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации.
Вакцината против морбили, според податоците на ИЈЗ, почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна на децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13- месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.

– Се смета дека две дози вакцина против мали сипаници овозможуваат висок заштитен ефект кај вакцинираните лица и затоа и Светската здравствена организација препорачува најмалку две дози вакцина за заштита од заболувањето – објаснуваат епидемиолозите.
Непотполно вакцинираните што имаат примено само една доза вакцина се непотполно заштитени и можат да заболат од мали сипаници кога ќе дојдат во контакт со вирусот, односно со заболено лице.
– Се смета дека вакцинираните лица пред многу години или децении се во поголем ризик да заболат отколку лицата што примиле една доза вакцина во последните неколку години бидејќи со тек на време можно е да настане т.н. трошење, односно намалување на имунитетот, или заштитниот ефект на вакцината – додаваат лекарите.



912

X