Иако зимата не ѝ е омилено годишно време, таа учествувала во сите игри на снег, но и ритуали од типот на пеење за Коледе
Дедо Мраз и магијата околу него не ја примамувале многу како дете, вели актерката Сашка К. Димитровска.
– Никогаш не поверував дека Дедо Мраз постои, не му пишував писма, тоа го правеше сестра ми Магдалена за мене – раскажува таа.
Но, многу сакале да ја китат елката со сѐ и сешто. Ставале секакви предмети на неа, си правеле свои лампиони. А многу ги сакала и новогодишните пакетчиња што ги добивала од работата на мајка ѝ, во кои имало и кукли и играчки, а не само чоколади. Новогодишното украсување сè уште ѝ е омилено и го прави еден месец пред празниците.
Иако зимата не ѝ е омилено годишно време, таа учествувала во сите игри на снег, но и ритуали од типот на пеење за Коледе.
Детство од соништата
Димитровска убаво го памети своето безгрижно детство во две маала – во Карпош 4, каде што живеела до петтата година, и во Аеродром.
– Сега всушност живеам во станот во кој сум родена. Оттаму сè уште имам добри пријателства. Детството си го паметам во моето маало во Карпош. Денес ги имаме истите лулашки, само се малку променети. Во Аеродром живеев во зграда што ја викаа зграда на заслужни граѓани, се дружевме со децата на уметници, новинари, актери (Горан Стефановски, Ефтим Клетников, Петар Темелковски) – вели актерката.
Димитровска ги чува другарствата од детството. Особено е блиска со Ирина, Кика и Кате, со кои другарува 35 години.
– Тие се моја фамилија. Си даваме голема поддршка и во воспитувањето на децата – вели таа.
Се потсетува дека нејзините родители се обидувале да ја убедат во Дедо Мраз, ама не им успевало. Иако самата „не паѓала на тоа“, на нејзините две машки деца им ги прави сите новогодишни радости.
– Колку што јас верував, односно не верував дека Дедо Мраз постои, толку моите деца сега веруваат дека тој постои. Јас им ја правам таа слика дека е убаво да веруваат во бајка. Татко ми нè задеваше дека на елката стававме сè и сешто – вели Сашка.
Сакала да прави колачиња со мајка ѝ. Пеела за Коледе, а убав празник ѝ бил и Бадник. Како семејство многу патувале во текот на годината, но секогаш се труделе за Бадник да бидат дома.
Сашка го добила своето име според славната македонска пејачка Сашка Петковска, а по желба на мајка ѝ Нешка.
Џамбаз-дете
Како мала, Димитровска била џамбаз-дете. Сакала во сè да биде прва.
– Прва да потстрижам кркми, прва да пуштам коса, да измијам заби, да отворам пакетче. И денес сум таква, брзоплета. Тоа и не е лоша особина зашто те учи да грабаш по работите. Едвај чекав да дојде следната фаза – да завршам основно, средно, па факултет. Мајка ми често ми кажува дека од детството сум паметела лоши работи, на пример, кога ќе се задавев на бодликава жица или сум паднала од прв кат на куќа – вели таа.
Како летно дете (родена на 9 јули), никогаш не славела роденден. Тоа се случувало спонтано, за време на одмор, покрај езеро или море, со луѓето што биле во моментот на самото место.
– Првпат направив класична роденденска забава сега, кога го прославив 40. роденден. Во тоа време немаше одлагање на родендените, кога ти е датумот, тогаш, за разлика од сега кога сме пофлексибилни и ги одлагаме забавите. Најубавите подароци ги добивав од татко ми (Кочо Димитровски), кој затоа што многу патуваше со фудбалот, ни носеше преубави кукли, лего-коцки… – вели Сашка.
Посебна релација градела со нејзината баба Магда, на која ѝ била омилено внуче.
– Таа ни приредуваше многу изненадувања. Јас и ден-денес многу ги сакам старите лица и сакам да комуницирам со нив. Дедо ми, пак, уште кога бев мала ми велеше дека ќе бидам глумица. Многу си игравме со сè и сешто. Мајка ни ни ја убиваше досадата со тоа што ни даваше да плетеме, да веземе гоблени… Ми беше многу забавно. Плетењето си го искористив за во последната претстава „Галеб“ – се смее Димитровска.
Многу различни, но блиски со сестра ѝ
Со сестра ѝ биле многу различни, но се почитувале. Како и сите помали деца, и Сашка се досадувала и ѝ се мешала на сестра ѝ.
– Никогаш не сме си љубомореле една на друга, тотално сме различни како карактери. Имавме различен стил на облекување, начин на живеење, но никогаш не сме имале конфликти, што се должи сигурно на кротката фамилија во која сме пораснати. Сестра ми постојано ме бркаше од кај неа, преку чаша што ги ставав на ѕидот се трудев да им го слушам муабетот со другарките, бев љубопитна, се плашев да не пропуштам нешто. Живеевме на прв кат, па им висев на прозорец, а кога почнуваа скришно да пушат, ја уценував дека ќе ја издадам. Но, пред родителите бевме многу сложни – се смее актерката.
Детската радиодрама – непроценливо искуство
Сашка била член на Детската радиодрама при МТВ од 8 до 14 години. За тој период вели дека тоа искуство ѝ било многу важно за нејзината професија, особено во делот на синхронизацијата на цртани филмови, реклами и сл.
– Во тој период јас, Рубенс Муратовски и режисерот Синиша Евтимов продолживме професионално да се занимаваме со актерство. Софија Гогова-Врчаковска беше прекрасен ментор. Баш пред некој ден на радио имаше стара радиодрама и кога децата го слушнаа моето име, беа бескрајно изненадени. Преку драмата многу често нѐ носеа на Пониква, Отешево – вели актерката.
Иако добро скијала, Сашка го замразила овој зимски спорт откако лошо паднала на скијање во Маврово. Учела во средното училиште за физичка култура.
– Откако паднав, дополнително ја замразив зимата. Не го надминав тој момент и немам скијано оттогаш. Ама затоа пливањето ми е при срце. Јас спортувам од многу мала. Секоја недела одевме на натпревар да го гледаме Вардар. На јужна трибина седеа семејствата на фудбалерите и сите деца седевме во ложа. Секој натпревар беше посебен, немаше шанса да го пропуштиме. Дури и кога пораснавме, не престанавме да одиме на натпревар. Тој период од детството ми е најсвеж и најмногу го паметам. Тренирав и кошарка – се потсетува Сашка.
Од мала сакала да биде касиерка. Но, во средно ѝ се случило шанса да игра во филмот „Ангели на отпад“, а претходно да сними и спот. Но, професор по пливање успеал да ја разубеди дека изборот да биде наставник по физичко воспитување или тренер не одговара на нејзината личност. Иако нејзините родители негодувале таа да учи за актерка, сепак, нејзината желба преовладала и била примена втора на листата.
Сашка Димитровска, заедно со Дамјан Цветановски во претставата „Еден месец на село“
912