Родителите на тинејџери може да се најдат во небрано кога нивните деца ќе потклекнат на искушенијата, а тие не знаат како на вистински начин да се изборат со таквите постапки. Меѓу првите искушенија се алкохолот и цигарите, а со нив адолесцентите првпат се среќаваат кога ќе почнат да експериментираат.

Последните податоци од едно истражување спроведено во соседна Србија покажуваат дека секој ученик помеѓу 13 и 15-годишна возраст пробал алкохол, 11 отсто од нив пушат, а секој осми пробал марихуана.
За психологот Небојша Јовановиќ, податоците од најновото истражување што го спровел Институтот за јавно здравје во Србија не се никакво изненадување „бидејќи децата се љубопитни“.

Родителот може да го тестира детето

– Тука зборуваме за учениците што пробале алкохол. И многу порано на истата возраст тинејџерите пробале алкохол, тоа не е некоја алармантна ситуација. Но кога зборуваме за марихуаната, не можам да го кажам истото. Порано помал бил бројот на деца што  пробале марихуана, а проблемот е што тие на марихуаната не гледаат како на дрога, што е погрешно – изјавува Јовановиќ.

Според неговото мислење, кога родителот ќе дознае или ќе сфати дека неговото дете пробало алкохол, цигари или марихуана, треба јасно да му каже дека ја разбира неговата љубопитност, но треба и да му ја предочи опасноста доколку повторно посегне по тоа.

– Треба да му каже дека тоа не е игра, дека доколку го направи тоа повторно може да му се создаде зависност и потоа да се појави проблем со одвикнувањето. Не треба да прави драма затоа што детето нешто пробало, но ако постои сомнеж дека тоа се повторува, родителот има право да му каже на детето дека во иднина ќе го тестира.

На тој начин, според Јовановиќ, родителите му порачуваат на детето да се контролира и да не потклекнува под лошо влијание, или да биде свесно дека ќе биде контролирано од нивна страна.

Тинејџерот треба да ја заслужи довербата

– Ако сакаш доверба, треба да ја заслужиш или ќе те проверуваме. Ако не умееш да се контролираш – следува забрана – дециден е психологот.
Тој додава дека многу е важно родителите јасно да го објаснат нивниот став бидејќи детето може да рече, на пример, дека сите пијат или сите се дрогираат, па затоа задачата на родителите е да му објаснат што е здраво и нормално и дека не ги интересира што прават другите.

– Родителите грешат што сакаат да бидат другари со своите деца, тоа не е можно. Мора да постои цврста рака: не груба, туку цврста. Ако тоа го нема, тогаш децата се чувствуваат несигурни. Детето се плаши, но не умее тоа да го каже и да го препознае. Помеѓу „да бидеме другари“ или при расправија „не ти дозволувам и точка“, се препорачува расправијата – вели Јовановиќ.

Родителите мора да бидат согласни зашто нема љубов без дисциплина.

Психологот Ана Николиќ, пак, смета дека родителите треба да бидат внимателни со казните бидејќи може да предизвикаат бунт кај децата.
Доколку, сепак, проценат дека казната е неопходна мерка, тогаш треба постојано да проверуваат дали е корисна, додава таа.

– Секој родител знае на што е слабо неговото дете и што би го погодило доколку тоа му го забранат. Дали е тоа одземање на мобилниот телефон или забрана за излегување, мора да водат сметка дека тоа може да се врати како бумеранг ако предизвика револт кај детето. Треба да водат сметка со што и како ги казнуваат своите деца – додава Ана Николиќ.
Истражувањето покажало дека критичен период за прва средба со психоактивни супстанции за мнозинството ученици е на 14 и 15 години.

 



912

X