пелени Прашај психолог

Што да направите ако детето има четири години и сѐ уште носи пелени?

Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 4 години и 4 месеци и уште носи пелени. На три години почнавме со одвикнување и првите денови беше во ред додека не виде што има во нокширот. Тогаш многу се уплаши, почна да плаче и да паничи, па јас попуштив и ги вратив пелените. Кога наполни четири години, успеавме да ги тргне пелените преку ден, но по неколку дена имаше силни болки во стомакот и завршивме во болница. До денес никако да се одвикне од пелените. Да напоменам дека не го форсиравме, секогаш со убаво му пристапувавме. Не знам како да се справиме со овој проблем.

ОДГОВОР: Доста често малите деца го гледаат и да го доживуваат својот измет како нешто посебно или вредно. Затоа и се расплакал во моментот кога видел дека се фрла и не се вреднува. Иако нам тоа ни изгледа чудно, постојат неколку причини зошто малите деца може да се чувствуваат вака.

Една од причините е тоа што малите деца штотуку почнуваат да развиваат чувство на автономија и независност. Тие почнуваат да разбираат дека нивното тело е нивно и тогаш се чувствуваат горди на нивните телесни функции, вклучително и какањето. Во нивниот ум, нивниот измет е физичка претстава за способностите и достигнувањата на нивното тело и тие чувствуваат дека тоа е нешто посебно, па некои деца сакаат да го задржат и да не го даваат.
Децата се фасцинирани од чувството на ослободување на изметот и придружното чувство на олеснување. За некои деца, ова сетилно искуство може да биде толку интересно што сакаат да го држат изметот како начин да го продолжат искуството.

Покрај овие причини, некои деца може да го сметаат својот измет како извор на внимание или контрола. Може да чувствуваат дека тоа е начин да се добие внимание или признание од возрасните. Ако се чувствуваат игнорирани или немоќни во други области од нивниот живот, држењето на изметот може да биде начин да ја наметнат својата контрола и да привлечат внимание од возрасните.

Иако ова однесување може да биде безопасно во повеќето случаи, може да стане проблематично. Ако детето го задржува изметот подолг временски период, може да добие запек, што може да биде непријатно, па дури и болно, како и што бил случајот со вас.
За да помогнете во решавањето на ова однесување, важно е да разговарате со вашето дете и да се обидете да разберете зошто го држи изметот. Охрабрете го прво со палена да седне на нокширот или на шолјата, и така во неколку наврати за потоа да се договорите да седне без пелена. Важно е да бидете трпеливи и да имате разбирање, со тоа му давате до знаење дека сте тука за да го поддржите и дека е во ред да одвоите време за него. Секaко, не треба да бидете ни премногу попустливи за тој да ја осети вашата немоќ, а ни престроги бидејќи тоа може да направи уште поголемо одлагање. Можете да читате некоја сликовница додека тој седи на нокширот или шолјата, приготвувајте храна богата со влакна и да пие повеќе вода во денот. Кога ќе се заврши работа, веднаш дајте му ја наградата за која сте се договориле, тоа може да биде нешто симболично. Ако не успее, кажете му: „Добро, ќе се обидеме повторно следниот пат“. Така полека, тој ќе биде по спремен да ги извршува овие физиолошки потреби како што треба.

Секое дете се развива и расте со свое темпо, но со ваша поддршка и водство, вашето дете на крајот ќе развие здрав однос кон своите телесни функции и ќе научи да ја користи тоалетот со доверба.

Ќе споделам еден текст од мојот професор кој има напишано: „Трговецот на мало ќе ја зголеми цената на производот. И детето го прави тоа. Кака и мочка во нокширот кога мама и тато се „добри“ (кога добро плаќаат, му се восхитуваат, го сакаат…) „за нивната љубов“, но кога е во полоша врска со нив, „ги казнува“ со одземање на нивните привилегии не сакајќи да ја даде својата скапоцена содржина (повторно ќе мочка во креветот или ќе кака во гаќи непосредно пред да седне на нокширот или веднаш штом ќе стане од него)“ – Небојша Јовановиќ

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top